На сцената пред околу сто и педесет присутни гости, Маџиров настапи заедно со американската џез композиторка, пејачка и мултиинструменталистка Бека Стивенс. Таа, ззаедно со лидерот на „Снарки Папи“ — Мајк Лиг, веќе компонираа песна според стиховите од песната „Окото“ (The Eye) на Никола Маџиров, која ја исполни на отворањето на Поетскиот салон во Њујорк, а истата вечер премиерно ја изведе и нејзината нова композиција „Ние немаме сон“ (We Have No Sleep) според истоимената песна на Маџиров. Оваа композиција ќе се најде на еден од следните албуми на Бека Стивенс. По заедничкиот поетско-музички перформанс, следуваше разговор на Маџиров со аргентинскиот поет-полиглот, универзитетски професор и преведувач на Песоа и Пизарник — Патрицио Ферари. Настанот беше во организација на „Њујорк паблик лајбрери“ и „Лајмлајт поетри“ од Њујорк.
Според стиховите на Маџиров веќе имаат компонирано американската композиторка и добитничка на Пулицеровата награда за современа опера — Дујун, американскиот авангарден џез композитор и соработник на Бјорк и Лу Рид — Оливер Лејк, македонскиот пијанист и џез композитор — Гордан Спасовски, како и композитори на џез, опера и класична музика од Германија, Италија, Литванија, Естонија.