петок, 30 мај 2025

Почина Милан Кундера

Објавено на

часот

Сподели

Во својата богата кариера беше наградуван со бројни награди, во неговите романи главна тема беа мислите, чувствата и верувањата на поединци, а често пишуваше и за интимните врски.

 

По завршувањето на средното училиште, Кундера се зачленил во Комунистичката партија во 1948, но само две години подоцна бил исфрлен поради „непријателско размислување и индивидуалистички тенденции“. Поради тоа, морал да ги прекине студиите по музика и книжевност на Филмската академија.

Како писател дебитирал во 1953 со поетската збирка „Човек широка градина“, а неговите индивидуалистички тенденции особено дошле до израз во 1960-ите. Првиот роман „Шега“ го објавил во 1967.

По насилното задушување на Прашката пролет во 1968, на што јавно се спротивставувал, Кундера станал непожелна личност во земјата. Залагајќи се за реформски комунизам, бил исфрлен од Здружението на писателите во 1969 и повторно од партијата во 1970, а професорскиот ангажман на Филмската академија му бил суспендиран. Неговите драми биле тргнати од репертоарот, а книгите исфрлени од продажба.

Кундера продолжил да пишува, но своите следни дела „Животот е другаде“ и „Проштален валцер“ одлучил да ги издаде во Франција. Така го почнал животот во егзил, но продолжил да пишува на теми поврзани со Чехословачка. Следеа „Книгата за смеата и заборавот“, „Неподносливата леснотија на постоењето“ и „Бесмртност“, кои го направија еден од најзначајните светски писатели.

Во 2014, по една деценија неактивност, го објави својот последен роман „Фестивалот на безначајноста“.

Делото со кое се прослави во 1984 година е романот „Неподносливата леснотија на постоењето“ (Nesnesitelna lehkost bytí), каде ја раскажува приказната за љубовната врска помеѓу неколку луѓе, во чија позадина е приказната за Прашката пролет. Ќе остане запаметен и по делата „Шега“ (Žert, 1967), „Книга на смеата и заборавањето“ (Kniga smíchu a zapomnèni), 1979), „Уметноста на пишувањето“ (L’Art du roman, 1986) и „Бесмртност“ (Nesmrtelnost, 1990). Сите наведени книги се преведени на македонски јазик.

Кундера долги години живееше во егзил во Париз бидејќи во 1978 година му беше одземено чехословачкото државјанство, а неговите дела беа забранети во поранешна Чехословачка. Познатиот писател никогаш не се врати во својата татковина, ниту по независноста на Чешка. Неговите последни дела, напишани на француски јазик, сѐ уште не се преведени на чешки.

„Не постои таков сон за враќање. Со себе ја понесов мојата Прага: мирисот, вкусот, јазикот, околината, културата“, во една прилика изјави Кундера во интервју за германскиот Die Zeit.

По 40 години откако му беше одземено државјанството, во 2019 година чешкиот амбасадор во Франција, Петр Дулак, на Кундера му подари потврда за државјанство во неговиот дом во Париз.

Кундера беше роден на 1 април 1929 година во Брно.

Се потсетуваме на неговите најубави љубовни цитати.
– Љубовта е копнеж по сопствената изгубена половина.
– Двајца заљубени, изолирани од остатокот од светот, тоа е нешто најубаво.
– Не можете да го измерите заемното внимание на двајца луѓе по бројот на зборови што тие си ги разменуваат или кажуваат.
– Ниту една љубов не може да преживее во тишина.
– Таму каде што срцето зборува, не е пристојно разумот да приговара.
– За мене, љубовта е доказ дека постои нешто посилно од идеологија, религија и нација.
– Кога саканата личност е постојано присутна, таа всушност би била присутна само во својата постојана минливост, која може да се запре само во моментите на осаменост.
– Водењето љубов со жена и спиењето со жена се две посебни чувства. Првото е страст, а второто љубов.
– Постои надворешен изглед на жената, кој погрешно се толкува како убавина. А тука е вистинската еротска убавина на жената. Се разбира, не е мала работа да се препознае таквата љубов на прв поглед. Тоа е уметност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ