петок, 30 мај 2025
Интервју

Ивица Брчиоски: Автентичноста е личната карта на Ареа

По три децении на сцена, гитаристот на „Ареа“ зборува за љубовта кон музиката, сценската искреност и зошто автентичноста е најсилната лична карта на еден уметник.

Објавено на

часот

Сподели

Ретки се музичките групи на македонската сцена кои можат да се пофалат со континуитет, автентичен звук и препознатлива енергија која не избледува со времето. „Ареа, една од највлијателните и најценети поп-рок групи во земјава, токму оваа година одбележува речиси три децении музичка историја. Тоа е и групата која ја освои публиката и регионално. Повод за повторна средба со публиката е нивниот концерт што ќе се одржи на 10 мај во Јавна соба, на кој ќе се слави не само музиката туку и трајната врска меѓу бендот и генерации обожаватели.

Ивица Брчиоски е гитарист на групата кој три децении во соединение со вокалот на Ружица Брчиоска го сочинуваат срцето на групата и оставија неизбришлива трага впишана во звукот и идентитетот на бендот. Тој ни откри детали од музичкиот пат, лични моменти од кариерата, како и размислувања за уметноста денес.

Групата Ареа постои веќе три децении – како би ја опишале таа музичка авантура од почетоците до денес?

-За нас тоа е едно прекрасно патување кое сѐ уште трае. Искрено на почетокот немавме некои големи планови или визии, едноставно сакавме само да свириме и толку. Но, по издавањето на нашиот прв албум и одличната реакција на публиката сфативме дека ова ќе биде многу посериозно патување од тоа што мислевме. Од тогаш па до денес имавме голем број на настапи и снимивме седум албуми, но најважно е тоа што сѐ уште го правиме ова со истиот жар како на почетокот.

Кои моменти од досегашната кариера ви се најдраги и кои најмногу ве обликувале како уметник? Бендот во целост е препознатлив по силна енергија на сцена.

За повеќе од три децении постоење списокот на такви моменти е доста голем, но ако морам да изберам еден, тоа би било снимањето на првиот албум во студиото на МРТ. Во тоа време беше многу тешко да се сними една песна, а камоли цел албум. Ние добивме шанса да снимиме албум во студио во кое пред нас снимале големи бендови како „Леб и сол“ и „Бијело дугме“. Можеш само да замислиш колку бевме радосни и возбудени, песните ги вежбавме цел месец и тоа секој ден пред да влеземе во студиото.

Се сеќавате ли на првиот настап со Ареа? Какво беше чувството тогаш, и како се менувало со текот на времето?

-За мене лично сѐ уште трае првиот настап со „Ареа“. Пред секој  концерт и денес ја чувствувам истата возбуда и задоволство како и тогаш. Ние ретко правиме повеќе од дваесетина настапи годишно, така што нема ризик настапите да ни станат рутина, секој нов настап е ново доживување.

Музичката сцена во Македонија многу се промени од 90-те наваму. Како вие ги доживувате тие трансформации, може ли да се каже дека денес имаме автентична рок/поп сцена во Македонија?

Музичката сцена се промени во светот генерално не само во Македонија. Тоа е резултат на промена на системот на вредности (според мене деградирање на системот на вредности) и на начинот на кој се пласира и слуша музиката денес. Не постојат музички уредници како порано, кои би бирале по некој критериум, што може да оди во етер, а не постои ни музичка критика. Денес се бројат прегледи на Јутуб, а алгоритмот го нуди она што има повеќе прегледи. На овој начин новите генерации потешко доаѓаат до она што е вредно, а многу полесно до она што е фабрикувано, банално и наменски направено.

Колку е тешко (или инспиративно) да се остане доследен на автентичен стил толку години, без компромис со квалитетот?

-Секој бенд кој мисли сериозно да се занимава со оваа работа треба да е автентичен и колку може квалитетен. Автентичноста е многу важна затоа што тоа е она што те разликува од другите, тоа е твојата лична карта. За да бидеш автентичен, мораш да се завртиш кон себе, да ја истражуваш твојата внатрешност и да најдеш свој израз, а не да копираш други. Тоа е исто како со позајмена лична карта лажно да се претставуваш. Тој успех кратко ќе трае, а на крајот како и воопшто да не си постоел.

Што можеме да очекуваме од концертот на 10 мај во Јавна соба? Ќе има ли изненадувања, гости, нов материјал?

-Клубските настапи имаат посебна драж, затоа што си очи во очи со публикатата, не можеш да се сокриеш позади лед екрани, ласери и голема продукција. Тоа на некој начин е основно училиште на рокенролот и добро е од време на време повторно да се помине. Пред неколку месеци имавме настап овде, беше одлично, овој пат ќе биде уште подобро.

Како гледате на односот помеѓу музиката и публиката денес – има ли нешто што ви недостасува од старите добри времиња?

-Во историјата на човештвото не постои период во кој се произведувало повеќе музика од сега. За жал најголем дел од таа музика е креирана од луѓе кои немаат реално искуство, без искрена емоција и автентичност. Културните вредности паднаа под влијание на конзумеризмот на западните потрошувачки општества и кичот. Музиката стана производ која се вреднува во зависност од нејзината продажба. Кога ние почнавме да се занимаваме со музика, тоа не беше така. Искрено речено, можеби ми фалат вредностите од тоа време.

Дали имате нови музички проекти во најава, надвор од Ареа – можеби соло, соработки или нешто експериментално?

Пред нешто повеќе од две години го издадовме албумот „Љубов е” и дури сега почнавме да работиме на нови песни, кои би биле дел од нов албум. Потребна е таа пауза за да се наполнат батериите и спонтано да почуствуваш потреба, повторно да твориш. Работата во „Ареа“ потполно ме исполнува, така што до сега не сум направил некој проект надвор од неа.

Кој совет би го дале на млади музичари кои сакаат да градат кариера со оригинална музика, особено во наши услови?

Да бидат свои, да веруваат во себе и да не се откажуваат. Реално тие се деца на новото време и многу подобро го разбираат од мене.

По толку години на сцена, што ве мотивира да продолжувате со истата страст како на почетокот?

Љубовта кон музиката беше основен мотив поради кој почнавме да се занимаваме со оваа работа. Таа љубов трае повеќе од три децении. Секој концерт го свириме со иста страст и возбуда како и кога почнавме. Голем мотив е и публиката која за цело ова време доаѓа и ужива на нашите настапи. Некои од нив не биле ни родени кога настанале дел од песните кои ги пеат со нас. Сѐ додека е тоа така, ние ќе работиме. Се надевам дека Господ ќе ни даде здравје за да ова патување трае што може подолго.

Јавна соба

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ