сабота, 14 февруари 2026

Голема донација на „Матица македонска“ за учениците по македонски јазик и култура во Хрватска

Еден ден откако беше објавено дека во уште едно училиште во Хрватска, во градот Света Недела во близина на Самобор ќе се изучуваат македонскиот јазик и култура, „Матица македонска“ испрати голема донација од книги за учениците во Света Недела.

Објавено на

часот

Сподели

Преку донацијата, голем број дела од историски значајни македонски автори, современа македонска поезија и проза и дела од македонската книжевност за деца ќе им бидат овозможени на учениците и просветните работници, со цел во исто време да се развива љубовта кон книгата, кон македонскиот јазик и кон Македонија.

„Со голема радост ја примив веста за значајната донација од ‘Матица македонска’. Тoа е едно од најголемите признанија што сум ги добила во животот, но е и големо признание и влог и за сите Македонци и Македонки во Република Хрватска кои го зборуваат и го учат македонскиот јазик, за Заедницата на Македонците во Република Хрватска и за нашето културното друштво ‘Охридски бисер’. Како просветен работник, од мигот кога ја напуштив Македонија си дадов ветување дека секогаш ќе бидам доследна во зачувувањето на нашиот македонски идентитет, што првенствено значи зачувување, промоција и афирмација на јазикот, на делата на македонските поети и писатели, на творештвото на нашите академици и професори кои сиот свој живот се вложуваат да го сочуваат јазикот и делото на нашите претходници и да го збогатат и да го доближат до зборувачите, читателите, учениците во нашата земја и во светот. ‘Матица македонска’ е издавачка куќа што 35 години се вложува и на секој начин е еден од најголемите чувари на нашиот јазик и воошто на нашиот идентитет. Оваа, прва издавачка куќа во самостојна Македонија е симбол на нашата големина која понекогаш додека сме дома, во нашата земја ја забораваме, но станува видлива кога ќе отидеме надвор и многу бргу ги согледуваме нејзините вредности и важност. Да се опстане и да се верува во моќта на книгата и на мајчиниот збор е привилегија на мудрите и истрајните. Македонскиот народ е мудар и истраен, горд чувар на својот идентитет, за што сведочат и стотиците изданија#, истакнува професорката Ивана Брезовец, иницијаторка за отпочнување настава по македонски јазик и култура во Света Недела, која веќе го предава истиот предмет во Првата гимназија во Загреб, а од годинава е и претседателка на македонското културно друштво „Охридски бисер“ во Загреб.

Како што посочува Брезовец, големиот број книги од донацијата на „Матица македонска“ ќе бидат дел од фондот на библиотеката на хрватското основно училиштето „Стрмец“.

„Ова училиште важи за едно од најголемите училишта во Хрватска, а градот Света Недела е еден од економски најразвиените градови. Во училиштето, интересот за изучување на македонскиот јазик расте од ден во ден и среќна сум што многу љубопитни очиња ќе имаат привилегија да учат и читаат на македонски јазик токму од прекрасните изданија на ‘Матица македонска’“, нагласува таа, упатувајќи и благодарност за донацијата.

Обемот и содржините на донацијата од „Матица македонска“ ќе овозможат преку книгата, учениците по македонски јазик во хрватското училиште во текот на сето свое образование да имаат силна книжевна врска со Македонија и со македонскиот јазик, како и воопшто 108 ученици што го учат предметот Македонски јазик и култура во осум основни училишта кои се наоѓаат во Загреб, Дуго Село, Стрмец, Риека, Осиек, Пула и Сплит и во три гимназии кои се наоѓаат во Загреб, Риека и Осиек.

Со иницијативата „Подари книга, подари свет“ што „Матица македонска“ ја почна минатата недела и во чиишто рамки се случува и оваа донација во Хрватска, Меѓународниот ден на дарувањето книги за првпат на ваков начин се чествува во нашата држава. „Матица“ иницираше Седмица на дарувањето, којашто трае до денес, кога уште е во тек традиционалниот зимски саем „Книга во секој дом“ на кој ексклузивно се овозможени стотици наслови за сите генерации читатели, со попуст од 35 до 80 проценти и по повод 35-годишнината од формирањето на издавачката куќа.

„Матица македонска“ ги повика сите институции, сите општествено одговорни компании од државата, вклучително и сите издавачки куќи, но и сите поединци, да се вклучат во иницијативата за дарување книги, овозможувајќи пристап до книги до сите читатели, особено до младите генерации. Повикот е упатен и до сите граѓани што се во можност по повод Меѓународниот ден на дарувањето книги да подарат книга некому – на член на семејството, саканата и саканиот, пријател/ка, колешка и колега, познаник, пријател, дете… Како што веќе беше порачано, книгата е најдобриот подарок и за денот кога се слават виното и љубовта, заради што, во рамките на саемот, „Матица“ овозможи и изданија со соодветна тематика со попуст до 80 проценти. Сѐ со цел за првпат масовно да се чествува и Меѓународниот ден на дарувањето книги, сѐ повеќе да се буди свесноста дека книгата може да е и најдобриот подарок и да се поттикнува љубовта кон читањето, вклучително и кај новите генерации.

Пред неколку дена, во рамките на иницијативата „Подари книга, подари свет“. „Матица“ даде голема донација од книги и на Друштвото на иселениците од Македонија „Егемакгоч“ во Измир, Турција. Во ова Друштво, покрај иселеници-Турци што иако отселени во 1957 година сѐ уште со гордост го зборуваат македонскиот јазик, членуваат и нивните потомци – до најмладите генерации родени таму во 21. век, коишто имаат желба да го научат и да зборуваат, читаат и пишуваат на јазикот на земјата од којашто потекнуваат – македонскиот, и љубовта кон него и кон Македонија да се пренесува од генерација на генерација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ