Присутните на литературната средба учесници на проектот зборуваа за чувственоста, за словенската душа што е клучна тема на словенските романи.
Македонските автори на настанот ги претстави Олга Панкина, промотор на македонската книжевност во Русиjа и преведувач, коjа констатира дека од вкупно 20 романи преведени на руски, шест се македонски. Станува збор за: “Вежби за ибн Пајко” на Оливера Николова, “Дива лига” на Влада Урошевиќ, “Азбука за непослушните” на Венко Андоновски, “Разговор со Спиноза” на Гоце Смилевски, “Недела” на Ермис Лафазановски и “Бродот. Конзархиjа” на Томислав Османли.
„Словенскиот збор им дава живот и чувства на словенската душа, на словенските обичаи и начинот на живеење. “Словенската екумена” крие во себе многу важни вистини и идеи, кои можат да им бидат интересни на сите, оти словенскиот свет се одликува токму со тоа што впива многу нешта од другите традиции и култури – и не се раствора, не се губи, туку напротив – ги восприема влијанијата и создава нова културна реалност“, подвлече Панкина.
Литературната средба што се одржа вчера, ја инициираше Словенскиот културен форум создаден за соработка меѓу словенските земји на културен план.