сабота, 12 јули 2025

Божин Павловски уште во 1989 укажуваше на проблемите што Македонија ги има денес

Многу нерешени проблеми останаа во културата, не знам како ќе ги совладаме. Во кризни времиња се изострува опасен впечаток дека нашето творештво и нашиот народ се уште не се заедно. Би сакал да посочам два проблема што ја прават нашата култура како испустена работа: културната пропаганда и националниот суверенитет. Дефинитивно ќе треба да сфатиме дека Република Македонија е опсадена од националистички режими кои атакуваат на нејзината култура и антропогеографија. Дека нашите предлози за културен натпревар меѓу народите ќе бидат одбивани или прифаќани зависно од актуелната стратегија и посебните интереси. За жал, таквата културна политика и во иднина ќе се остварува со помош на македонски одметници, со испробани методи, како оние што неодамна ги примени „Панмакедоники“ во Солун. Веќе секому му е јасно дека времето на пропагандите во Македонија не е завршено. На четири страни се чека да се види дали оваа нација ќе ги оствари симболите на зрелоста но и се дејствува против нејзината еманципација. Културните прилики особено погодуваат за ширење дефетизам и несигурност.

Објавено на

часот

Сподели

На ова, јавно укажуваше академик Божин Павловски уште во 1989 година, во запис објавен во дневниот весник „Нова Македонија“, две години пред прогласувањето на македонската самостојност и независност. Триесет и шест години потоа можеме да се запрашаме дали беше разбран и зошто тогашните, а и понатамошните елити немаа доволно слух за ваквите укажувања. Ова е укажување на само еден од записите на Павловски што се поместени во книгата „Записи од надземјето: чудесии“ што наскоро ќе ја објават Македонската кадемија на науките и уметностите и „Матица македонска“.

Во истиот запис, Павловски опоменува: „Македонскиот културен простор сѐ уште не го стекна неопходниот суверенитет. Премногу туѓа пропаганда во вид на култура или супкултура е продрена во живото ткиво на Македонија. Прагматички кажано материјалната култура не е во рацете на македонските културни дејци и институции. Тие се во голема зависност од милоста на државните и буџетските пари, а тоа е многу лошо, бидејќи ѝ се става јарем на независната иницијатива и на слободата.“

Иако звучи толку актуелно, како да е напишано денес, сепак, ова е еден од записите од претпоследната деценија на минатиот век, што упатува кон дилемата дали нештата веќе ќе беа поинакви од што се ако навремено се разбереа пораките и согледбите на Павловски упатени во изминатите децении.

„Мојот став дека очајот ќе се насели во душата на македонските творци не треба да се потцени. Времињата се менија, сега културата не се шири преку гајда и шупелка, туку преку јавните гласила на модерниот живот. Таа зрачи од книготеките и видеотеките, од амбалажата на сите производи, од компјутерската информатика, од библиотеките и продавниците за весници, од радиото и телевизијата. На тој план македонскиот културен простор е европски анахронизам. Уставната обврска не ја почитува речиси никој; на прсти можат да се избројат фирмите што ги опремуваат своите производи со амбалажа на македонски јазик, сите видеотеки емитуваат касети на немакедонски, супкултурата непречено ја инфицира културата на истиот начин, компјутерската информатика главно не е приспособена на македонски јазик. Ќе влезете во самопослуга и ќе си купите пресно млеко и пиво етикетирано на вашиот мајчин јазик; речиси сите други производи ‘зборуваат на немакедонски’. Би сакал да видам некој друг народ во Европа што дозволува таков анахронизам. А Република Македонија е должна да ги чува светите традиции на целата распарчена територија“, опоменуваше Павловски уште пред да се случи македонската самостојност.

Во истиот текст, што сега е поместен во книгата „Записи од надземјето: чудесии“, академик Павловски и нагласува дека нашата главна задача ќе биде обезбедување суверенитет на македонскиот културен простор. Македонскиот јазик е нападнат од многу оружја; ако го дозволиме тоа, прво ќе биде испоснет, потоа ставен во гета. Творците верно треба да се побунат против тоа; јазикот не е само за писателите и новинарите туку и за трговците и офицерите, за сите форми на модерниот живот. Трговците мора да побараат уставна примена на прописите. Царството на парите ги решава сите проблеми. Кога еден трговец порачува сто илјади пасти за заби, тој мора да знае дека треба да порача исто толку кутии за пастите. Кога политичкиот врв оди на прослава во универзитетските аули, мора да знае дека студентите треба да се образуваат од учебниците на мајчин јазик. За жал, по објавувањето на оваа негова најнова книга, ќе мораме да си признаеме дека нашата главна задача не сме ја завршиле повеќе од треиипол децении.

Во книгата се опфатени и текстови од крајот на осудесеттите години на минатиот век што покажуваат како, покрај другите пропаганди во и против Македонија, Павловски уште тогаш, пред распадот на Југославија укажува на опасностите во врска со името на државата, прогнозирајќи го и она што се случи со Преспанскиот договор како последователност ако навремено не се запре таквиот однос на некои политички центри на моќ кај соседите.

„Случајот на господин Мицотакис е карактеристичен за извлекување поука, но и за прашање на двонасочни анализи. Нели тој дојде во Белград и ‘победи’ на зелената маса? Го навреди поделениот македонски народ со тоа што му го оспори идентитетот, ѝ се закани на оваа држава, божем патот до Европа води преку Елада. Нашата јавност остана со подзината уста, но во неговата политичка енорија тој стекна извесна популарност. Кога се знае дека целиот Балкан е засаден со националистички режими може да се оцени дека тоа не е мала работа. „Триумфот“ на господин Мицотакис, наедно, дава можности за пострашна репресија врз непризнатото малцинство, поголема слобода на полицијата, кодошите, учителите и поповите во Егејска Македонија. Кога ќе минува неговиот караван можеби кучињата нема да огласат затоа што ќе бидат преплашени или претепани, опоменува Павловски уште во 1989 година.

Во книгата „Записи од надземјето: чудесии“ во издание на МАНУ и на „Матица“ и ќе се прочита неговиот став: „Прашањето се наметнува отворено: колкава е опасноста од национализмот во Република Македонија? Само што одговорот не може да биде едноставен. Некои таа појава ја врзуваат за очајници кои решиле да ја жртвуваат не само кариерата, туку и животот; од легендарните гемиџии до славниот поет од Малесија. Често се тврди дека македонскиот национализам не е типичен ами последичен. Негови катализатори се шовинистите од типот на господин Мицотакис. Дури и македонските националисти буквално се идентификуваат со големата мисла на Гоце Делчев. Но за вистинскиот одговор на прашањето, сепак, ќе треба да се причека.“ Близу четири децении по овој запис на Павловски, дали можеби и е дојдено времето кога ќе се даде вистинскиот одговор?! Впрочем, и самиот Павловски го дава одговорот во своите подоцнежни записи, од периодот на самостојна Македонија, а дел од нив се објавени во книгата.

Од оваа книга што се очекува наскоро да излезе од печат, меѓу многутtе останува да опоменува и пораката на Павловски испратена во запис пред да се случи финалето на минатиот век: „Завојувачката политика на Балканот не е завршена приказна. Некој ограбил уметничко богатство, но за возврат оставил гробишта, некој го расеал месното население за да доведе свои племиња кои фатиле корени, некој сега ја менува антропогеографијата. Сведоци сме на општо незадоволство и анимозитет. Како да се оствари чувство за мерка, како да се побара интернационално решение?“

На овие и на многу други прашања, одговори има во записите на Божин Павловски што се дел од книгата „Записи од надземјето: чудесии“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ