Услугата на Поштата ни го овозможува тоа чувство. И тука е скриен уште еден детал, на којшто примателот најчесто не обрнува внимание. Поштенската марка заедно со пликот за жал вообичаено завршува во корпата за стара хартија. А точно тоа шарено парче хартија со запци е предмет на интерес на филателистите, кај нас здружени во Сојузот на филателистите на Македонија.
Тие во марката гледаат нешто повеќе од вообичаено средство за плаќање поштарина. Иако електронската комуникација ги турка овие колекционери на маргините, тие се упорни приврзаници на едно од најубавите и наједукативните хобија – филателијата. Мотивот на секоја марка е прозорец кон минатото и кон сегашноста, кон големите личности, значајните настани и природните убавини.
По традиција Поштата издава посебна марка за Божиќ, како последна во годината и тоа е поводот да се направи преглед на филателистичките активностите во изминатите 365 дена.
Оваа 2025 година за Сојузот на филателистите на Македонија има посебно значење бидејќи одбележува јубилеј, 75 години од основањето. А годинава имаше неколку активности предвидени во годишната програма со цел да се приближи на јавноста сознанието кои се и што работат филателистите, но и да привлечат нови членови.

Филателистите ги собираат марките, ги подредуваат, проучуваат и создаваат тематски збирки. Тие збирки претставени пред публиката поттикнуваат, понираат во минатото, во историјата, уметноста, географијата, спортот и културата. Збирките на нашите филателисти со македонски марки патуваат на изложби во светот и ја претставувааат нашата земја, а од друга страна колекциите странски марки нам ни ги доближуваат вредностите на далечни предели. Со оваа активност тие се вистински културни амбасадори. Сојузот на филателистите на Македонија со гордост ја негува оваа информативна, а едновремено и пропагандна дејност.
Создавањето збирка претпоставува широко знаење, темелност и посветеност. Учеството не е само личен успех, туку е и потврда за високиот квалитет и за сериозноста на македонската филателија. Да се добие признание за изложена колекција на светска изложба е кулминација на долгогодишна работа, на упорно истражување и голема страст. Со секоја награда филателистите ја впишуваат нашата земја на светската филателистичка мапа.

Јубилејот 75 години го одбележа нашата Пошта со објавување специјална пригодна марка. Мотивот на марката е новото лого на Сојузот, чијшто дизајн е дело на член на Сојузот.
Во годинава што изминува членови на Сојузот се претставија на неколку меѓународни изложби, а највисок ранг имаше онаа во Јужна Кореја. Во тек е подготовка на збирки за излагање на четири меѓународни изложби.
Во просториите на Сојузот се одржа изложба на добиените медали, награди и признанија. Во архивата на Сојузот е забележена бројка од 150 одличја. Посетителите имаа можност одблизу да ги погледаат, покрај колекциите, и златните и позлатените медали.
Неочекувано голем интерес предизвика Новогодишниот филателистички базар. Многу посетители, кои не се членови на Сојузот, се појавија со свои класери и љубопитно се распрашуваа која е нивната вредност. Базарот се покажа како интересна новина за популаризирање на филателијата.
Издавачката дејност на Сојузот опфаќа објавување книги, статии, настапи на ТВ канали. Се разбира продолжи и публикувањето прилози во специјализирани списанија.
Имајќи предвид дека во 2025 година се навршуваат 80 години од победата над фашизмот, уште во 2021 години Сојузот, во соработка со Сојузот на борците, започна Проект со издавање пригодни пликови и разгледници со ликовите на народните херои од Македонија од Народноослободителната борба 1941-1945. Меѓународните филателистички прописи за пригодни изданија наложуваат: ликот на пликот да соодветствува со залепената марка поништена со посебен поштенски печат и со ознаки на дизајнот и серијалот. Сојузот успеа во 2021 година, и покај ограничувањата од ковидот, да издаде седум плика за народни херои на стогодишнината од нивното раѓање, со јавни промоции во нивните родни места. Следната 2022 година беа издадени три плика за стогодишнината од раѓањето и поштенски картички за 80 години од загинувањето на хероите. Ликовниот уметник Зоран Кардула е автор на дизајнот, а ликовите се од неговиот циклус „Народни херои“. Проектот продолжи во наредните години и така, токму на Денот на победата над фашизмот, 9 мај 2025 година, заврши со потсетување на сите 66 народни херои и нивниот влог во слободата на Македонија.
Прилози за Проектот преку МИА беа објавени во медиумите и на социјалните мрежи.






