среда, 5 февруари 2025

Кримскиот мост е затворен, Украинците го гаѓале со беспилотни летала

Украинските сили во раните утрински часови го нападнале градот Керч на Крим со беспилотни летала, а жителите јавиле за експлозии, објавено е на социјалните мрежи. Експлозии се слушнале во близина на бродоградилиштето Залив, а пожар бил видлив во округот Аршинцево.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Керч е еден од најголемите градови на Крим и претставува клучен индустриски, транспортен и туристички центар. Русија го анектираше Кримскиот полуостров во 2014 година.

Повеќе украински канали на Телеграм објавија дека системите за противвоздушна одбрана биле активирани кај Керч за време на нападот. Во операцијата, која почнала во 5 часот наутро, биле вклучени воздушни и поморски дронови, а сообраќајот на Кримскиот мост бил прекинат во 5:17.

Кримскиот мост, познат и како Керчки мост, има стратегиска и политичка вредност како симбол на руската поврзаност со Крим и тактичка вредност како логистичка врска со копното. Руското министерство за одбрана соопшти дека нивните противвоздушни системи пресретнале украински дрон над Крим, а поморските сили уништиле две беспилотни пловила во Црно Море.

До 8:45 часот утринава Кримскиот мост сè уште бил затворен за сообраќај.

За да ја зајакне безбедноста на мостот, Русија на крајот на август распореди противвоздушни системи со среден дострел „панцир“ покрај мостот.

Украинските сили веќе два пати го нападнаа мостот од почетокот на конфликтот. Во октомври 2022 камион-бомба оштети дел од мостот. Во јули минатата година беше извршен напад со беспилотно пловило.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ