„Србија ни е драга земја. Нè поврзуваат заеднички историски корени, го цениме и негуваме нашето пријателство, нашата интеракција и ќе продолжиме да дејствуваме. И им посакуваме на нашите српски браќа да ги решат сите проблеми што е можно поскоро и да се вратат во мирен, плански развој“, рече Песков, коментирајќи го бранот протести во Србија.
Тој истакна дека Србија не побарала помош од Москва и дека Белград е способен самостојно да ги решава проблемите.
Од ноември во Србија редовно се одржуваат антивладини протести организирани од студенти и претставници на опозицијата. Главна причина за протестот е трагедијата на железничката станица во Нови Сад која се случи на 1 ноември и во која загинаа 15 лица.
Минатиот петок се одржа генерален штрајк. Во протестните прошетки учествуваа студенти и други граѓани. На штрајкот се приклучија и медиуми, бројни синдикати, наставници, професори, лекари, адвокати, средношколци, земјоделци…
Студенти, ученици и граѓани се сретнаа напладне и пристигнаа на договорените дестинации во многу градови низ Србија. Во штрајкот учествуваа и кина, книжарници, издавачки куќи, угостители, ноќни клубови…
Во понеделникот имаше 24-часовна блокада на Автокоманда, еден од најважните патишта во Белград.