„Техничката влада е дефинирана согласно закон и точно се знае кој предлага министри. Законска обврска е и најголемата опозициска партија, ВМРО – ДПМНЕ да предложи министри и заменици во предвидените министерства“, рече Ковачевски. ѓ
Тој на прашањето дали таа влада може да има и министри од редот на опозицијата на Албанците, премиерот рече дека законот утврдил тоа да биде опозициската партија со најмногу пратеници.
Според законот, рече тој, ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат министри во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, а власта да предложи дополнително заменици министри во овие министерства.
Тој дообјасни дека од ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат дополнителен заменик-министер во Министерството за финансии, во Министерството за земјоделство и во Министерството за информатичко општество и администрација.
„Јас ќе ја исполнам мојата законска обврска и ќе поднесам оставка исто како што и другите претседатели на влада пред тоа ја исполниле својата законска обврска, и како што другите политички партии пред тоа ја исполниле својата законска обврска. Сметам дека не постои причина во овој случај ВМРО-ДПМНЕ да не ја исполни својата законска обврска, бидејќи тоа предлагање произлегува од Закон за Влада и од Закон за избори“, изјави Ковачевски.
Според него, од 2016 година наваму изборите се оценети како исклучително демократски и од ОБСЕ/ОДИХР и од меѓународните фактори и меѓународни организации, поради што не гледа причина демократски да бидат и следните избори.
Премиерот Ковачевски посочи и дека има координација со коалициските партнери, но и дека со сите останати политички партии во Собранието, како што рече, имале успешна лидерска средба на која со најширок консензус било договорено дека ќе има избори на 24 април и на 8 мај, како и дека не станало збор за укинување на техничката влада.