На средбата, на која присуствуваше и менаџерскиот тим на Костал се разгледаа неколку теми кои имаат значење за односите помеѓу оваа реномирана компанија, која доаѓа од нашиот најголем трговски партнер, Германија.
Раководството на „Костал“ изрази благодарност до раководството на Стопанската комора за поддршката што ја добива во однос на своите активности и операции во земјата. Информираше дека моменталните економски трендови во Германија и во автомобилската индустрија се проблематични и неизвесни што влијае врз нивната инвестициска активност. Меѓутоа, нивната оценка е дека во наредниот период ќе дојде до зголемување на предвидливоста, подобрување кај клучните проблеми на работењето, како што се побарувачката и цената на суровините.
Што се однесува до конкретната соработка и услугите во Македонија нивните видувања се идентични во последните неколку години и се сконцентрирани на состојбите со работната сила, функционирањето на правната држава и имплементацијата на договорените работи со Владата на Македонија.
На средбата со претседателот на Комората тие уште еднаш ја потенцираа долгогодишната соработка и нивната намера да останат на македонскиот пазар и да продолжат со своите инвестициски активности, а работењето на менаџерскиот тим на „Костал“- Македонија го оценија како многу професионално, стручно, во согласност со времето во кое живееме.
Во Охрид Костал е присутна од 2016 година и е една од најбрзорастечките странски инвестиции присутни во Македонија. Костал Македонија е една од водечките компании на глобално ниво за производство на електронски и мехатронски компоненти за автомобилската индустрија. Во фабриката во Охрид брои 1.050 вработени. До сега на локацијата во Охрид, Костал инвестираше над 120 милиони евра, а продолжува и понатаму да вложува во нови проекти. Во 2023 година, Костал како една од водечките компании се наоѓа на 10-то место на листата на најголеми извозници во Македонија.