петок, 26 јули 2024

Косовското обвинителство бара притвор за двете лица обвинети за шпионажа – има ли поврзаност со Македонија?

Косовското специјално обвинителство побара притвор за двете лица кои вчера беа уапсени под сомнение дека се шпиони во корист на Србија. Еден од уапсените е татко на новинар кој, според косовските медиуми бил ангажиран во изборната кампања во Македонија и дека ја изготвил платформата на Африм Гаши, од неодамна претседател на македонскиот парламент.

Фото: Приштина

Објавено на

часот

Сподели

Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека поднело барање за определување мерка притвор од 30 дена против двајцата осомничени Б.Ш и М.Ќ. Барањето е доставено денеска до Судот во Приштина, а  рочиштето по барањето за притвор ќе се одржи најдоцна утре.

Како што вчера објави МКД.мк, станува збор за Бедри Шабани и Мухарем Ќерими под сомневање дека биле соработници на БИА, српската разузнавачка служба. Шабани е од Урошевац, поранешен вработен во косовската царина и татко на новинарот Зекирија Шабани, сопственик на порталот Факте плус, а до лани бил уредник и во телевизијата АТВ. Зекирија Шабани беше многу активен во изборната кампања во Македонија, на страната на коалицијата Вреди.

Според соопштението на Специјалното обвинителство, двете лица се сомничат дека сториле кривично дело – шпионажа и неовластено поседување, контрола или поседување оружје.

„Специјалното обвинителство на Република Косово ја информира јавноста дека против обвинетите: Б.Ш. и М.Ќ. денеска до судијата на претходна постапка поднесе барање за притвор бидејќи постои основано сомнение дека сториле кривично дело – шпионажа од член 124 ст. 3 од Кривичниот законик, додека обвинетиот М.Ќ. го сторил и другото кривично дело – неовластено поседување, контрола или поседување оружје од чл.366 ст.1, а постои сомнение дека пријавените морале да ги сторат кривичните дела за кои се осомничени“, се наведува во соопштението.

Мухарем Ќерими и Бедри Шабани се уапсени под сомнение дека соработувале со српската БИА.

Во меѓувреме, косовската полиција преку дневниот билтен даде детали за апсењето на двајцата осомничени за шпионажа.

Во извештајот се наведува дека на двете локации од осомничените било одземено и оружје, муниција и воени маски.

„При претрес на локацијата на двајцата осомничени машки лица од Косово, пронајдени се, и како материјални докази, одземени различни документи, компјутери, телефони, УСБ, ДВР, ленти, оружје и муниција, маски, воени гас-маски и многу други докази. Двајцата осомничени се приведени и со решение на обвинителството се испратени во 48 – часовен притвор“, се вели во полицискиот извештај.

Инаку, се додава и дека истрагата против двете лица траела неколку месеци.

Реакција има и од Царинската управа на Косово која наведува дека Б.Ш во 2004 година добил отказ како резултат на прекршување на царинскиот кодекс на однесување, поврзан со „неовластени комуникации со средствата за јавно информирање“.

Инаку српската БИА издаде соопштене во кое негира каква било поврзаност со случајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ