среда, 12 февруари 2025

Косово ризикува политичка блокада

Косово се најде на раб на политичка неизвесност бидејќи главните партии ја отфрлија можноста за склучување сојуз по изборите на кои владејачката партија не успеа да обезбеди апсолутна победа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Партијата на Аљбин Курти, Самоопределување, освои 41,1 отсто од гласовите со 97 отсто преброени ливчиња, покажуваат резултатите на изборната комисија.

Ројтерс пишува дека во прашање е иднината на косовската политика на етнички поделениот север и односите со неговите традиционални сојузници, Европската Унија и Соединетите Американски Држави, кои изразија противење на владеењето на Курти.

Политичките аналитичари кажаа дека Курти ќе мора да фомира коалиција или со второпласираната Демократска партија на Косово (ДПК), која освои 22,2 отсто од гласовите, или со Демократскиот сојуз на Косово (ДСК), кој доби 17,8 отсто.

Меѓутоа, тоа изгледа сè помалку веројатно. Во победничкиот говор во раните утрински часови во понеделникот, Курти, кој пред изборите ја исклучи можноста за формирање коалиција, ја нарече опозицијата „животни“ и „крадци“ спремни да склучат договор „со ѓаволот“ против неговата влада.

Лидерот на ДПК Бедри Хамза кажа дека неговата партија нема да прави коалиција со Самоопределување. „Имаме многу разлики, тие сакаат апсолутна власт“, кажа тој на конференција за новинарите.

Навести дека неговата партија ќе се обиде да формира коалиција, иако за тоа би било потребно партнерство со уште најмалку три помали партии.

Третопласираниот ДСК соопшти дека ќе ги чека конечните резултати пред да ги објави своите планови. Пред изборите ја исклучија можноста за коалиција со Курти.

Самоопределување во 2021 доби повеќе од 50 отсто од гласовите.

Четвртото место го освои коалицијата на Алијанса за иднина на Косово и Социјалдемократска иницијатива (АБК Иницијатива) со 7,65 отсто.

Српска листа победи во сите општини со српско мнозинство, со освоени 4.05 отсто од гласовите.

„Прелиминарните резултати покажуваат една вистинита, точна и јасна работа, а тоа е дека движењето Самоопределување победи на изборите на 9 февруари 2025 година“, им кажа Курти на поддржувачите во Приштина, додека присутните пукаа огномет, удираа во тапани и мавтаа со албански знамиња.

За време на острата предизборна кампања казните за неправилности се тројно зголемени во однос на изборите во 2021 година. Кампањата беше одбележана со дебати за корупција, криминал, здравството и образованието, но во заднината тлее кризата на северот, каде потезите на Курти за намалување на автономијата на етничките Срби ги засилија тензиите и дополнително го изолираа Косово од ЕУ и САД.

Ројтерс пишува дека влада на чело со Курти веројатно би ја продолжила политиката на јакнење на контролата над северот, каде живеат околу 50.000 етнички Срби и дека тоа ги загрижува умерените кои стравуваат од враќање на етничкото насилство.

ЕУ во 2023 година му воведе економски рестрикции на Косово поради неговата улога во ескалацијата на тензиите, намалувајќи го финансирањето за најмалку 150 милиони евра, открива Ројтерс.

Директорот на Радио Ким од Чаглавица Исак Воргучиќ изјави дека еден дел од гласачите на Самоопределување му го свртеле грбот на Курти поради санкциите од ЕУ и влошените односи со САД.

„Исходот на изборите не е изненадувачки, бидејќи со месеци пред изборите беше јасно дека еден дел од гласачите на Курти овој пат нема да го поддржат Самоопределување, бидејќи увидоа дека Косово ја губи поддршката од меѓународната заедница, пред сè од САД и ЕУ. Тоа ги наведе албанските гласачи да се определат за опозициските партии“, кажа Ворчугиќ за агенцијата Бета.

На прашањето кој ќе ја формира новата косовска влада, тој потсетува дека Курти „се заколна“ дека нема да прави коалиција со ниедна од опозициските партии.

„Во овој момент е многу неизвесно формирањето на косовската влада, бидејќи никој нема апсолутно мнозинство. Меѓутоа, во обраќањето до медиумите Курти сепак кажа дека би можел да формира влада со некоја од опозициските партии. Од друга страна, трите големи опозициски партии, ако се договорат, би можеле со претставниците на малцинствата да формираат влада. Прашањето е дали тие би прифатиле коалиција со Српска листа бидејќи по Бањска, според нивниот речник, Српска листа важи за организација која им дава поддршка на терористите на Милан Радоичиќ“, наведе Воргучиќ.

Политикологот Цвијетин Миливојевиќ оценува дека резултатите на изборите на Косово нема ништо да сменат и дека албанската политичка елита ќе продолжи да инсистира на независноста и да тврди дека Србите се национално малцинство на тој простор.

Тој за Бета кажа дека на Косово „нема вистинска демократија“ и дека Србите таму всушност немаат избор.

„Независно од тоа кој ќе ја формира новата ласт на Косово, албанската политичка елита има единствен став дека Косово е независно. Србите се национално малцинство за нив. Тој став се коси со остатокот од Србија и со нашиот устав. Власта на (српскиот претседател Александар) Вучиќ е кооперативна во кршењето на уставот. Србите на Косово всушност немаат избор, туку се условени да гласаат за Српска листа. Секој кој ќе се обиде нешто настрана од таа партија е обвинет за предавство“, кажа Миливојевиќ.

Според него, во моментов на Косово живеат 30 отсто помалку Срби отколку во 2012 година, а тоа е последица на „лошите потези“ на актуелната српска власт.

„Не ги избрка Курти Србите од институциите, туку Вучиќ“, вели Миливојевиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ