„Излеговме на Партизанска улица и свртевме кон Рузвелтова. Сите снимки од ‘Сејф Сити’ ги потврдуваат нашите движења: покрај ‘Александар Палас’, па Качанички пат, а потоа се исклучив за кон селото Бразда. Палевски веќе не чекаше на надвозникот, а потоа продолжи пред нас, а јас го следев. Стасавме на Оризови Дупки, и го отворивме гепекот. Палевски ја праша девојката како се вика, чија е, кој ѝ е татко и мајка. Кога ги дозна сите тие податоци, ни рече да ја извадиме од автомобилот за да ја слика. Кога ја извлековме, ја откопчавме вреќата за спиење и го извадивме селотејпот. Тогаш сфатив дека тоа не е жена, туку девојче. Му рековме на Палевски: ‘Ова е некоја грешка, да ја пуштиме назад. Под маски сме, никој нема да нѐ види, да ја ослободиме’. Но, тој упорно повторуваше дека треба да продолжиме, дека сè е во ред, дека почетната сума што ни ја понудил нема да може да се земе, туку ќе биде помала. Ние замолчевме“, изјави обвинетиот Велибор Манев.
Тој продолжи: „Кога се свртев да разгледам околу нас, Палевски му пријде на девојчето со пиштол, со перниче во рака, го испука куршумот преку перничето. Јас бев целосно збунет. Палевски се врати во пикапот, извади копач, мотика и ашов, сите нови, неупотребувани. Фрли ги кон нас и ни нареди да ископаме дупка за да го закопаме детето. Копавме во смрзнатата земја. Тој ја фати од главата и ми рече: ‘Ти земи ја’, па јас и Влатко ја фативме за нозете и заедно со Палевски ја ставивме во дупката. Палевски ја извлече вреќата за спиење и ја фрли во цитроенот. После тоа ни нареди да продолжиме со закопувањето. Со солзи во очите, без да ме забележат, почнав да закопувам. Кога завршивме, ни даде знак да тргнеме по него со цитроенот, додека тој возеше пикапот. Тогаш возеше напред, кон Глуво, а ние се спуштивме кон патот за Скопје. Палевски се сврте од патот кон голема нива, ни даде знак каде да одиме со автомобилот на Панче во нивата. Потоа извади гориво што претходно го земал од Кешишев, го поли цитроенот и го запали. Седнав на предното седиште во пикапот, Боре и Влатко позади мене, и тргнавме кон канцеларијата. На снимките каде што се гледа блуза со црна лента, тоа сум јас, на совозачкото место, додека Палевски возеше. Се вративме во канцеларијата околу 10 часот“.
Како што претходно објавивме на денешното рочиште Велибор Манев, еден од обвинетите во случајот со двојното убиство на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, рече дека дупката во која беше убиен велешанецот Панче Жежовски е ископана една година пред неговото грабнување со цел тој и уште една 38-40 годишна жена да бидат грабнати и да се чуваат во дупката сѐ додека не биде извршена бараната исплата.
Панче Жежовски беше грабнат и убиен на 22 ноември 2023 година, а Вања Ѓорчевска на 27 ноември. Телата на двете жртви беа пронајдени рано наутро на 3 декември, 2023.
Судењето е во тек и ќе следуваат повеќе детали.