петок, 18 октомври 2024
ЈОРМ ги објави резултатите од вонредниот надзор

Комисијата ги „прочешла“ предметите против Рамиз Мерко, па даде насоки и укажувања како да се постапува

Објавено на

часот

Сподели

Во текот на работата, комисијата имаше увид во вкупно 30-тина заведени предмети од кои најстарите завршени постапки датираат од 2006 година, при што и во еден дел од веќе решените предмети комисијата испрати укажувања до јавните обвинители во однос на нивното постапување, информираат од ЈОРМ.

„Основното јавно обвинителство Струга води четири предмети против наведеното лице оформени од почетокот на годинава, а постапува и во 2 предмети во предистрага од 2021 година кои се однесуваат на конкретни проекти на Општина Струга. За други четири предмети во работа (2 од 2019 и 2 од 2022), јавните обвинители кои преземале дејствија добија укажувања и насоки со цел дополнително да се динамизира постапувањето. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција има во работа вкупно 5 предмети (2 во РО и 3 во КО уписник). Меѓу нив е и предметот со спорната набавка на службени автомобили во Општина Струга, кон кој е приклучена и иницијативата на Државната комисија за спречување на корупција и извештај на Државниот завод за ревизија, и во кој е донесена Резолуција за еден дел од наводите, меѓутоа останатиот дел сѐ уште е предмет на проверки. На надлежниот јавен обвинител му се дадени насоки за натамошно постапување во овој предмет“, утврдило ЈОРМ при вонредниот надзор.

Вишото јавно обвинителство Битола добило насока во следниот период да врши зачестени контроли и да го следи постапувањето во сите предмети против избрани и именувани лица во основните јавни обвинителства во своја надлежност.

За време на извршениот надзор, членовите на комисијата извршиле и директни разговори со јавните обвинители од кои побарале да се произнесат дали чувствувале какви било притисоци во постапувањето и дали се соочуваат со проблеми при водењето на постапките. Во исто време, членовите на комисијата апелирале до надлежните јавни обвинители за поголема ажурност и ги охрабриле да го пријавуваат секој обид да се компромитираат постапките што се водат во јавните обвинителства. Исто така, на јавните обвинители уште еднаш им била посочена и огромната важност за транспарентност и отчетност при водењето на сите постапки од интерес на јавноста.

„Под обврска да се води од начелото на пресумпција на невиност, Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека во сите активни предмети против наведеното лице ќе бидат преземени неопходните дејствија и ќе бидат испитани сите околности, а евентуално утврдените кривични дела нема да останат без соодветен кривичен прогон“, тврдат од ЈОРМ.

Имајќи ги предвид наодите од извршениот надзор, Републичкиот јавен обвинител донел повеќе дополнителни мерки со цел јакнење на отпорноста на јавнообвинителскиот систем и ажурноста на работата на обвинителите.

„Јавниот обвинител донесе писмено укажување до сите виши и основни јавни обвинителства за ажурирање на постапувањето во сите предмети, особено во предметите кои се однесуваат на кривични дела од областа на корупцијата и во предметите кои се однесуваат на избрани и именувани функционери, писмено укажување до вишите јавни обвинителства за задолжителна контрола на постапувањето по предметите против избрани и именувани лица при секој редовен надзор во основите јавни обвинителства во нивна надлежност, Јавниот обвинител ќе иницира средба со Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција, Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата и други надлежни органи и институции, со цел активирање на национален фронт за борба против корупцијата. Во рамките на своите надлежности како орган кој раководи со истражната постапка, Јавното обвинителство ќе им даде конкретни насоки на останатите институции од правосудната полиција за динамизирање на нивните постапки, ќе инсистира на соработка и ќе побара сите други институции да одговорат со максимални напори и вложувања во борбата против криминалот, ќе се иницира средба со Здружението на јавните обвинители за да се разгледа можноста да се воспостави канал за пријавување на обиди за притисоци и влијанија врз јавни обвинители. Со тоа ќе се отвори можност за пријавување и од граѓаните, од другите институции, но и од самите јавни обвинители, а обвинителството ќе воспостави механизми за проверка на ваквите наводи“, информираа од ЈОРМ.

Оттаму, како што велат, ја очекуваат поддршката од јавноста, но и од меѓународните институции и организации кои ја следат работата на обвинителството.

„Толеранција на какви било облици на криминал нема и нема да има“, тврдат од ЈОРМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ