Тоа е верување дека по сила на политичка волја изразена во закон стварноста ќе се смени кон подобро. Сега се соочуваме, или поточно, моите колеги и студенти се соочуваат со уште една „фантастична“ реформа (јас, во принцип би можела да си молчам затоа што не ме засега откако заминав во пензија). Во многу нешта, ова е типична „вмровска“ постапка на дисциплинирање на академската заедница, па лесно може да потсети на некои слични зафати од времето на Груевски. Ние на УКИМ знаевме дека целиот потфат на дисперзирање студии и отворање нови универзитети (јавни и приватни) не ја запре пустата желба да се растури најстариот универзитет. Ако сме искрени ќе кажеме дека операцијата е успешна, а пациентот е во кома. За таквата состојба не може да се обвинува само политичкиот естаблишмент (впрочем, иронијата на судбината е што сега УКИМ-овски професори на позиции на премиер, министерка и претседателка се на чело на власта; ќе биде интересно да се види како претседателката ќе потпише указ на закон од сличен тип како оној за кој своевремено како пленумка отиде кај колегата професор и претседател Иванов да замоли за суспензивно вето и поширока дебата). Ова е врзано коло, или систем на поврзани садови: политиката и универзитетот секогаш биле во симбиоза, и ниту еден од нив не можел да биде подобар од другиот. Луѓето од политика (ако не од таткови и мајчини скутови) добиваа(т) професури и обратно – политичари преку ноќ откриваа(т) дека „науката им била најголема желба од мали нозе“. Накусо, професорите сами си ја сечеа гранката на автономијата, молчеа пред моќните, прифаќаа небулозни реформи (Болоњската е дефинитивно една од најпогубните, макар и сто пати да доаѓа од ЕУ).
Сепак, не можам а да не се сетам дека пред десетина години, кога Груевски сакаше да го оправи универзитетот (на кој докторираше од позиција на носител на власт), сепак се случи протест. Прво почнаа студентите есента 2014, а набргу им се придруживме и ние професорите. Бидејќи бев една од иницијаторите на тој отпор знам колку одеше тешко да натерате плашливи професори да стават јавно потпис зад став спротивен од тој на власта. Молчеа, бегаа, се преиспитуваа, бараа гласање за да одат колективно наместо со име и презиме – сè додека не се создаде вистинска закана по нивните позиции во вид на фамозиниот „импакт фактор“. Тогаш се разбудија и беше турканица кој да се запише, затоа што сите знаеја дека нема да можат да ги исполнат тие критериуми наметнати преку ноќ. Особено тие од општествените науки… ќе објаснам подоцна и зошто.
Овде ми е битно да ја споредам таа ситуација со денешната. Молкот од универзитетите е толку гласен што се чини дека овој закон се однесува на некоја друга сфера. Веројатно е и така: со одредби кои или не ги засегаат (редовните професори) или се со одложено дејство (доцентите и вонредните), како да порачуваат дека се сите ЗА поквалитетно високо образование, само да не си ги покажат биографиите (поточно, библиографиите). Како змија нозете, тие ги кријат своите акробации наречени научни дела… Ако почнете да ги читате, косата ќе ви се крене на глава: ем неписмени, ем празни, ем честопати препишани. Но, плагијаризмот кај нас беше и остана јавна тајна. Сите знаат, ама молчат – за да не се замерат. А и законот не ги штити. Сепак, „поттикот“ на Груевски создаде еден (би рекла, потребен) немир кај заспаните и улежаните. Почнаа да објавуваат на англиски (тогаш ги немаше алатките на ВИ, туку главно со гугл транслејт си преземаа што им треба) и тоа во предаторски списанија (за одредена сума и телефонски именик ќе ви објават без рецензија, таму некаде во Индија, Пакистан, или дури и САД или Бразил). Почнаа да се организираат меѓународни конференции, со меѓународни зборници (значи со еден удар два зајака – и учество на меѓународна конференција во Охрид, на пример, и објавен меѓународен труд). Она што малкумина го знаеја беше дека во конференциската сала обично стоеја и кабини за симултан превод, затоа што големите професори не знаат ни „how do you do“ да кажат, а камо ли да зборуваат и пишуваат на англиски. Нивните панели беа/се обично составени од регионални гости, па си зборуваа(т) на „нашки“. За време на вистинските меѓународни панели, кога ќе се споеја по неколку „вистински странци“, тие бегаа на хотелската тераса да пијат кафе. Не се знае бројот на ситуации во кои ми доаѓало да си речам од срам: отвори се земјо, голтни ме. Мојата стара колумна за тие „до Табановце“ стана легендарна, не ја заборавија (т.е. не ми ја простија) ама не се смени состојбата. Тие таквите се дури и декани, со повисоки амбиции.
Најновиот закон на министерката Јаневска (професорка и доктор по медицински науки) има дејство; не дека нема… Молкот е најдобар доказ дека професорите ја примиле пораката, па затоа „молчењето е злато“. Пазарот е направен: вие немојте да ни го реметите реформскиот закон, а ние нема вас да ве посрамиме јавно. Ако преку 50-60 отсто од професорите не се засегнати, а на некои факултети процентот е и повисок, тогаш има мир дома. Бидејќи немам намера да го анализирам целиот закон, ниту да давам сугестии за негово подобрување, ќе тргнам од тоа дека властите отсекогаш си воделе сметка за „своите“ и за лојалните. Се сеќавате на оние одредби кога дипломирани студенти можеа да преполагаат испити за да си го подигнат просекот и така да можат да се запишат на магистерски студии (а потоа и докторски)? Тој важеше одредено време и за одредена каста. Тие, заедно со ние кои протестиравме пред 10 години, сега се редовни професори, и уво не ги боли за подмладокот. После нив – потоп. Дури и ако законот на Груевски имаше нешто добро, тоа беше онаа одредба која спречуваше непотизам (нивните деца кај родителите да завршуваат со високи просеци, па дури и асистенти да им бидат пред да станат професори). Исклучок беа оние кои докторирале надвор, на еден од првите сто рангирани универзитети на Шангајската листа. Е па, драги мои, таква одредба сега нема. И она за просекот го адаптираа: наместо најнизок просек 8,00 на секој од двата циклуси, сега на докторски ќе се запишуваат оние кои „кумулативно“ (збирно) стасуваат до oсмица просек. Божем подобруваме квалитет на наука, ама ги симнуваме критериумите за запишување на докторски студии, а за најдобрите не даваме стипендии (ќе докторираат само тие што имаат). Или што вели министерката: па не ве спремаме сите за наука, туку за пазарот на трудот. Можеби затоа подготвуваат и виши школи, исто како што во средното образование веќе создаваат работници.
Во право се оние гласни студенти и млади луѓе (потенцијалот за иден академски подмладок) кога велат: вие што сте одговорни за лошата состојба на високото образование сега од нас барате критериуми кои вие не ги исполнувате! Сосема се во право! Во обид да одговори, на Јаневска ѝ се случи фројдовска грешка, лапсус, кога почна да објаснува дека за жал законите немале „ретроградно дејство“ (а требаше да каже ретроактивно дејство). Таа одите и чекор подолу обидувајќи се да навреди помлад соговорник, имплицирајќи дека студиската програма која ја завршил со највисоки оценки е некоја без врска и ќе биде затворена. Се преправаше дека не се сеќава на името, толку било глупаво да си политиколог од областа на меѓународните студии. Нејсе, тоа зборува за нивниот карактер и морал. Да, за жал, законот нема ретроактивно дејство, но убаво би било јавно да се прочешлаат индексите на објавени и цитирани трудови од врвот надолу. Најодговорно тврдам дека ќе биде многу поучно да се види кој како и врз основа на што станал редовен професор, па уште и на раководна позиција без меѓународно искуство, без референци, и без знаење странски јазици.
Зошто го велам ова? Затоа што во академското рецензирање и оценување има едно правило (кое треба да е свето): те оценува само некој кој е на повисоко ниво од тебе! Ако професорот ви го нема ни на Google Scholar, а камо ли на Scopus или Web of Science, тогаш за какви критериуми зборуваме за идните магистранти и докторанди? Оној што на ТВ дебата го претставуваше „тимот на професори што работел на законот“ има ДВЕ големи нули на престижните скали, а само 4-ка на Google Scholar. Еден колега од природните науки ( со кој се запознав пред десетина години и ми се чинеше многу разумен) тврди дека со бессони ноќи можело да се создава наука дури и во Македонија со запустени лаборатории и празни библиотеки. И посочува примери како неговите студенти уште недокторирани прават чуда: и чудо е навистина бројката од 20 трудови со импакт фактор и индекс на цитираност од 14 за две години по 10 труда, од кои некои го носат нејзиното име како прв автор! Па тоа е некој вундеркинд! Друг падеж е што трудовите во тие науки ги пишуваат тимови (4-5, а некогаш и десетмина), па сите добиваат поени. Тимовите се меѓународни, се разбира (што значи треба да имаш мрежа, контакти, соработка, проекти и сл.). Уште поголем падеж е што дел од списанијата во кои објавуваат си имаат тарифа во швајцарски франци или други валути, па ако сумата се подели на неколкумина, тоа ви е како да делите трошоци за бензин кој ќе ве однесе некаде подалеку. И секако, таквите списанија имаат и брза лента, за еден месец од доставување до објавување – што е научна фантастика во општествените науки.
Другата разлика е што вака се комерцијализира науката и се сведува на статистика, а притоа се врзува само за една корпорација како Web of Science. Тоа е она што во мојата научна област се вика западна продукција на знаење или западна хегемонија на знаењето. Ние од општествените науки, на пример во областа на меѓународните односи, го немаме луксузот на егзактност или „математичка прецизност“. Западната тешка културна хегемонија (да го употребам стариот добар Антонио Грамши) прави од тебе автомат кој вергла: НАТО, ЕУ, САД, кризни менаџменти, Кина и Русија се лоши, како и сите кои не се Запад, па одново европски вредности, евроинтеграции, атлантски парадигми и сл. Ако излезеш од таа рамка, тешко дека некогаш ќе објавиш нешто (ретки се исклучоците на постоење критички и отворени редакции, кои опстојуваат наспроти сите притисоци врз научната фела). Може и виза нема да добиеш за САД. Од друга страна, ќе ви дадам пример како се врши „импакт“ од Македонија (простете што е примерот личен, ама тој ми е најпознат иако сигурно има и други): една статија за Преспанскиот договор, објавена во Годишниот зборник на Филозофскиот факултет на англиски, континуирано е цитирана – затоа што е достапна при секое пребарување на тие клучни зборови (Македонија, Преспа, името). Мене ми расте индексот на цитираност (кој не е западен и не се важи), расте афирмацијата на Факултетот и УКИМ, а плус тоа, најважен импакт е тоа што НАШАТА приказна се раскажува таму надвор (дури и ако ја критикуваат).
Конечно, уште нешто за фамозниот индекс на цитираност (h-index) кој сега е еден од условите за младите доценти: ти можеш да објавиш и 20 трудови со импакт фактор (како генијалката), ама ако нема кој да те цитира – џабе ти е. (Патем и јас имам такви). Поентата ми е дека наметнуваат небулозни услови за напредување на подмладокот, старите се заштитени (status quo-то), легализираат непотизам (синот кај таткото асистент што беше ама сега не бил важен неговиот индекс зошто водел држава – рече министерката). Форсираат божем наука/истражувања, која треба веројатно од воздух да се прави, а за наставата гајле немаат. А наставата е таа која негува критички и љубопитни умови.
Накусо (а сепак текстов излезе предолг): намерата е да ги сотрат универзитетите, освен за нивните деца, а подмладок нема потреба да се гради (и онака увезуваме работници од Непал, такви фалат – доктори на науки има за наредните децении). Ако некој умен млад човек ги исполнува критериумите на Јаневска, зошто би останал да биде доцент во Скопје кога ќе му бидат отворени портите ширум светот? Младите изгледа се во право кога гледаат што позабрзано да си бараат место под сонцето – надвор. И уште една важна работа: Западот е малцинство во светот што се менува! Западната наука е во криза, исто како и нивните општества. Науката цвета на „не-Западот“ заедно со практичните научни достигнувања кои го менуваат квалитетот на животот, а не градат нечии ега. Шангајската листа конечно добива на значење, буквално, се враќа дома.
Билјана Ванковска










