понеделник, 8 декември 2025
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Урбана ренесанса

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Само злобниците велат дека работите одат на полошо во Апсурдистан и останатите либерални демократии. Еве, да го земеме Апсурдистан како најдобар пример. Градежништвото цветаше. Впрочем, цветаше дотолку, што во главното село… ова главниот град на Апсурдистан не цветаше ништо друго – ни цветови, ни дрвја, ни грмушки – само згради. И повторно оние злобни странски пропаганди што заудираа на пекиншка патка залеана со вотка ја саботираа либералната демократија и нејзиното најголемо достигнување, слободниот пазар: де протокот на воздух бил затворен, де зеленилото се уништувало, де климата се пореметила, де становите зјаеле празни, де пчелите умирале заради прекумерна и непотребна урбанизација… Секако, од Стопанската крмара… ова… комора гласот на градежната мафија… ова… градежното просветителство аргументирано и со факти ги побиваше овие злобни гласини – протокот на воздух е небитен, битен е протокот на капитал, зеленилото во никој случај не се уништува, напротив: се кумулира на банкарските сметки на градежната мафија… ова… просветителство, не се пореметила климата, туку граѓаните, оти ги удрило жешкото сонце (а кој им е па крив што не одат на одмор на некој нордиски фјорд!), становите можеби зјаат празни, но битно е што џебовите на стопанските крмари… ова… угледни претприемачи се полни… И најпосле, пчелите се намножени и во подобра кондиција од кога и да било: летаат од локална самоуправа до локална самоуправа, од градежна маркичка до градежна маркичка, од Уставен суд до собрание и штедро црпат мед и ги полнат џебовите на градежниците и политичарите… Впрочем, не се граѓаните тие што треба да се жалат, туку токму градежно-правната мафија… ова… почитуваните деловни луѓе, пратеници и локални функционери, зашто џебовите толку брзо им се полнат, што постојано им попукувааат, па овие, кутриве, само треба да шијат нови палта и панталони.

Сепак просторот, тој заколнат и вечен непријател на прогресот, ги соочи градежните просветители со нова пречка: имено, во главното село… ова… град на Апсурдистан, веќе се беа изградиле толку многу згради, што повеќе немаше каде да се гради. Капиталот на стопанските крмари одеднаш се најде во сериозна опасност, а со тоа и самата либерална демократија. Но непријателот не беше ниту комунизмот кој излезе од зад грмушките (кои, патем, веќе ги немаше), ниту некоја револуција (патем, револуциите веќе станаа толку шарени, што не се  разликуваа од државни удари и странски интервенции), ниту – чувај боже! – некое анархистичко движење, туку тој непрокопсаник, просторот, кој, ете, решил да биде тапоглав и ограничен!

И којзнае што ќе се случеше со градежно-правната мафија и нејзините политички потрчковци… ова… со слободниот пазар и либералната демократија, доколку Метафизичката управа и овој пат не го спасеше Капиталот. Имено, од Управата долго мозгаа каде уште би можело да се гради, за најпосле да се сетат на генијално решение – да ги изнајмуваат тимбите на граѓаните на Апсурдистан како градежно земјиште! Секако, на прв поглед ова звучеше будалесто, дури и невозможно… но, ако се анализира подлабински, имаше ли подобар темел од трансценденталноста на умот за градба? Згора на тоа, умот, бидејќи беше од метафизичка, а не физичка природа, исклучуваше секаков ризик од земјотреси, пожари, поплави, така што трошоците на градежните мафиози… ова… просветители беа значително намалени. И можеби најважно од сè, во умот немаше зеленило, туку само сивило, така што најпосле градежните мафи… ова… просветители не мора да се грижат за оние здодевни зелени површини! А плус тоа, сивата маса може да се користи и како градежен материјал!

И така, одеднаш, од тимбата на граѓанинот Кокодачки се кренаа пет облакодера.

Во тимбата на граѓанката Сеирџиска, пак, никнаа најсовремени молови, аква-парк и спа-центар.

Граѓанката Сеирџиска живееше во тимбата на граѓанинот Кокодачки. Граѓанинот Кокодачки пазаруваше и се рекреираше во тимбата на граѓанката Сеирџиска.

Главата на граѓанинот Боботчев, пак, сенешто чадеше. Него, кутриот, сите го избегнуваа. Неговата глава, имено, служеше како гринфилд инвестиција за центар за преработка на увозен отпад. Со оглед на тоа што Апсурдистан беше еден од најголемите увозници на отпад од либералните демократии, главата на граѓананиот Боботчев многу чадеше.

Затоа, пак, тимбата на граѓанинот Трчилажев беше мошне посетувана и посакувана: во неа никна цел комплекс банки, невладини организации и неколку странски амбасади. Во новите згради изградени во главата на граѓанката Мижиасанова-Бајачки (инаку, сосетка на веќе споменатиот Трчилажев) пак, се сместија неколку бироа за правни услуги, консалтинг центар и разно-разни школи за преприемништво, личен развој и трансцендентална медитација.

Покрај граѓанинот Силеџиски сите минуваа со страв и трепет: во неговата тимбетина претставништва закупија неколку приватни агенции за обезбедување, извршителски фирми, партиски штабови и моторџиски клубови.

Во новата градба што се издигна од тимбата на граѓанката Шпрехензидојчиновска беше многу бучно: во неа свои претставништва закупија неколку кол-центри, меѓу кои и еден со сомнителна репутација.

Странски синџир аптеки и неколку приватни клиники се издигнаа од тимбата на граѓанинот Офболиски.

И сè ќе беше во најголем ред со оваа градежно-метафизичка идила, доколку одеднаш од ушите на граѓанинот Шљупков не протечеше градежен отпад. Се испостави дека градежните инвеститори (а богами и некои негови сограѓани) ја користеа тимбата на граѓанинот Шљупков за илегално складирање на градежен шут.

Простор за загриженост, сепак, нема: прашање е само на време кога ова ќе биде легализирано!

 

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ