Неговата реторика „fake news“ (лажни вести) и „enemies of the people“ („непријатели на народот“) не е само политичка игра, туку и алатка за мобилизација на својата база. Прашањето е: дали ова е опасно за демократијата или е доказ за нејзината издржливост?
Трамп не успева во својот обид системски да ги контролира медиумите. Американската демократија има силен механизам на checks and balances (систем на кочници и рамнотежа помеѓу законодавната, извршната и судската власт), кои не дозволуваат претседателот да стане цензор. Затоа неговите напади врз новинарите повеќе изгледаат како политички театар или поточно „обид за театар на непријателство“ насочен кон тоа да ја зацврсти поддршката кај своите гласачи, отколку како сериозен обид за институционално задушување на слободата на медиумите. Ова значи дека, колку и да мисли или да сака да го стори тоа што го кажува, системот сепак не му дозволува
Сепак, овој политички театар носи одредени последици. Поларизацијата во САД расте, довербата во медиумите опаѓа, а јавноста сè повеќе живее во паралелни „информативни светови“. Едни им веруваат на конзервативни медиуми, други на либералните, додека меѓусебната доверба исчезнува.
Слична или полоша реторика и однос кон медиумите може да се забележи и кај некои лидери на други држави. Така не пример во Русија, медиумите се силно ограничени и зависни од државата. Во Србија, критичките медиуми често се турнати на маргините, а значителни средства од странски донатори или инвеститори често се насочуваат кон медиуми кои имаат за цел да ја критикуваат или срушат власта и да го контролираат јавниот простор. Виктор Орбан во Унгарија, со својата идеја за „илиберализам демократија“, ја концентрираше медиумска моќ во рацете на провладини олигарси. Кина, пак, е најекстремниот пример: со тотална цензура, со „Големиот Firewall“ кој ги блокира странските интернет-страници и со строгата партиска контрола над сите медиуми, новинарството таму речиси и не постои како независен општествен фактор. Сите овие дејства ги ограничуваат позитивните ефекти кои ги носи плурализмот и влијаат на слободата на јавниот дискурс.
За разлика од нив, Трамп останува во систем каде институциите се доволно силни за да спречат таква целосна контрола. Во Велика Британија и Франција медиумите се далеку послободни и независни. Таму владите се под жестока критика, па дури и премиерите или претседателите често се наоѓаат на насловни страници соочени со непријатни прашања. Проблемите не се во цензурата, туку во таблоидизацијата (претворање на медиумите во сензационалистички таблоиди што повеќе се занимаваат со скандали отколку со сериозна анализа) и во влијанието на големите медиумски корпорации. Демократијата во овие земји останува стабилна, токму затоа што медиумската критика е легитимен и прифатен дел од политичкиот живот.
Во Словенија состојбата со медиумите е слична како во Хрватска: плурализам постои, но некои провладини гласила добиваат повеќе внимание и средства. Силни независни новинарски здруженија постојано предупредуваат на случаи на притисок, цензура и влијание од политички и бизнис интереси. Општата доверба во медиумите е помала, но критичкото новинарство сепак функционира и има простор за јавна дебата. Во секој случај општата слобода на медиумите е повисока од Србија или Унгарија, но помала од Велика Британија или Франција.
Она што е опасно кај овие изјави на Трамп не е фактот дека неговата реторика преку ноќ може да ги поткопа темелите на медиумската слобода во САД. За среќа тоа засега не му успева, меѓутоа долгорочно може да ја нормализира логиката дека новинарите се „непријатели“, а не партнери во контролата на власта. Ако јавноста ја прифати таа логика, тогаш демократијата навистина може сериозно да ослаби.
Но, американското искуство покажува и друг аспект: силните институции можат да издржат дури и кога лидерот има авторитарни амбиции. Медиумите продолжија да истражуваат, судовите продолжија да носат одлуки независно, а Конгресот остана поле на политичка борба. Доказ за тоа е и фактот што голем број од извршните уредби на Трамп паднаа на суд, што јасно покажува дека претседателот не е апсолутен владетел и дека системот на контрола функционира.
Трамп, со својата реторика, настојува да се покаже во „светлото“ на силен лидер кој не се плаши од медиумите. Но, за разлика од некои други држави во светот, во САД неговите обиди остануваат ограничени од институциите. Тоа што системот го ограничи е добра вест и тоа значи дека демократијата е сè уште жива и функционална. Лошата вест е што довербата во медиумите е нарушена, а тоа е темелот без кој ниту една демократија не може да опстане.
Проф. д-р Јове Кекеновски











