понеделник, 8 декември 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Сезона на крстопати

Секоја НБА сезона носи свои приказни, индивидуални и колективни, но некои сезони посебно се издвојуваат како одлучувачки за кариерите на одредени играчи, а со тоа и за перспективите на нивните клубови. 2025/26 е една од тие сезони.

Оваа година еден број играчи се посебно обременети со силни очекувања од клубовите, навивачите и соиграчите и доколку не одговорат на најдобар начин и според својот потенцијал, ќе бидат обележани како нереализирани таленти, а некои дури и како промашени инвестиции. Оние помладите, мора да го искористат својот потенцијал, да ги надминат наративите што ги прогонуваат и да докажат дека можат да ја пречекорат границата што ги двои од НБА елитата. Другите, етаблираните, ќе мора своите тимови најмалку да ги одведат длабоко во плеј офот, во спротивно ќе бидат само одлични играчи, но без шампионски карактер.

На прво место меѓу играчите за кои наредната сезона може да биде дефинирачка е Зајон Вилијамсон. Избран како број 1 во 2019 година, сите во него видоа најголем талент што преку драфт влегол во НБА по ЛеБрон Џејмс. Со неговата игра како уникатен микс на брутална сила, експлозивен скок и одлична брзина и со висина од 200 см и тежина од 120 кг, изгледаше како играч дизајниран во лабораторија. Усовршена верзија на Чарлс Баркли.

Во својата прва НБА сезона, 2019/20, иако одигра само 24 натпревари поради скинат лигамент на коленото на стартот од првенството, просекот од 22,4 поени, 6,3 ск и 2 ас. по натпревар му овозможи да биде избран за Дебитант на годината. Следната сезона Зајон го потврди својот потенцијал, одигра вкупно 61 натпревар со просек од 27 ппн и историска ефикасност од 61% прецизен шут од игра што му го донесе неговиот прв Ол Стар натпревар. Талентот на Вилијамсон буквално за сите е неспорен, но за жал, главна карактеристика на неговата кариерата досега беше достапноста за тимот, или попрецизно, недостатокот од неа. Од можни 492 натпревара во минатите 6 сезони, Вилијамсон одигра 214, или само 43,5%, а за тој учинок заработи 78,3 милиони долари или скоро 366.000 долари по натпревар. Притоа, Њу Орлеанс Пеликанс, од драфтувањето на Вилијамсон, во последните 6 години, само два пати се пласираа во Плеј офот и остварија вкупно  – 2 победи. Вилијамсон поради повреди досега нема одиграно ниту еден плеј оф меч. Повредите на стапалото, коленото и тетивата, во комбинација со недостаток на кондиција, како и прекумерната тежина, максимално го закочија неговиот подем. За секој период на доминација во играта, следуваше долг период на неиграње. Годинава, за Вилијамсон 7-ма во тимот, која треба да му донесе преку 39 милиони долари е клучна за неговата кариера. Кога тој игра, Пеликанси се потенцијално силен плеј оф тим, кога го нема, тие се потпросечни.
Со неговите 25 години, Зајон Вилијамсон влегува во фаза каде што трпението кон него се намалува, а очекувањата се максимални. Тој бездруго има МВП потенцијал, но со секој пропуштен натпревар и секоја пропуштена сезона, просторот за докажување на неспорниот талент е сѐ помал. Без оглед на тоа дали ќе биде здрав или не, оваа сезона за него е критична. Доколку е здрав, треба да го одигра досега најдоброто првенство во кариерата, ако повторно се повреди, 7-ма година по ред, ќе стане јасно дека хроничните повреди се посилни од неговиот талент. Годинава, или ќе се етаблира како доминантен лидер на тим што ќе оди длабоко во плејофот, или ќе биде уште еден од листата таленти што никогаш не го реализирале својот потенцијал.

Додека Зајон Вилијамс имаше донекаде објективни пречки за промоција во елитната група НБА кошаркарии, пречките на Џа Морант се единствено од субјективна природа. Избран како втор пик на истиот драфт 2019 година зад Зајон Вилијамсон од страна на Мемфис Гризлис, Морант стана инстант сензација. Само по неколку натпревари со него во тимот, Мемфис се промовира во еден од најочекуваните гостински тимови низ НБА Арените. Експлозивен, агилен, бестрашен, дрзок, веднаш привлече споредби со Расел Вестбрук и Дерик Роуз. За навивачите и тој, како и Вилијамсон, претставуваше усовршена верзија на кошаркарите со кои го споредуваа. Во 2020-та ја освои наградата за дебитант на годината и експресно стана една од најпродаваните млади фаци во НБА.

До својата трета НБА сезона, Морант стана Ол Стар стартер и со доминантни игри го предводеше Мемфис до полуфиналето на Западната конференција.

Во 2022-ра го потпиша својот втор договор со Мемфис кој му гарантира минимална сума од 193 милиони долари, а кои под одредени услови можат да достигнат и 231 милион. И истата година започнуваат неговите проблеми. За време на шопинг во трговскиот центар во Мемфис, провоцира и напаѓа обезбедувач, а потоа на шефот на обезбедувањето му се заканува со пиштол. Уапсен е, но со кауција пуштен на слобода. Истата година по расправа на маалски баскет физички напаѓа едно 17-годишно момче, а на неговите другари им се заканува со пиштол. Следната година, 2023-та со својот СУВ го следи автобусот со играчите на Индијана Пејсерс и ги таргетира со ласерски нишан од пиштол, а неколку месеци подоцна на Инстаграм лајв постира видео во кое на забава во стриптиз клуб во Денвер мафта со пиштол во рака. Само два месеци подоцна истото го повтори со снимка од неговиот автомобил. Двата последни инцидента го чинеа суспензии од клубот и од НБА што се рефлектираа со окулу 8 милиони долари помалку во неговите годишни приходи. Исто така и спонзорите Геторејд и Најк ги паузираа своите договори со него. НБА еднаш веќе го испрати на програма спонзорирана од лигата за рехабилитиција и контрола на однесувањето. Но, и покрај јавните изјави со извинувања кон сите, повторно влезе во инциденти, сега на теренот. Против Голден Стејт кон противничкиот играч Бади Хилт направи гест како да пука во него, а истото го повтори и на следниот меч со Мајами. За тоа доби казна од 75.000 долари, па на следните мечеви наместо гест на пукање, почна со „фрлање бомби“. Едноставно, нема крај на неговото контроверзно однесување и станува очигледно дека неговите проблеми од психичка природа се подлабоки. Многумина ваквото однесување го поврзаа со енормно високите финансиски договори што ги добиваат играчи кои сеуште не се созреани и изградени како личности. Популарноста и богатството кај некои од нив, посебно кај оние со малку послаб карактер, предизвикуваат асоцијално однесување. Мемфис, се разбира не сака така лесно да се откаже од својот генерациски талент и напорно работи да го насочи кон вистинскиот пат пред да се случи некој далеку понепријатен инцидент. По 5 сезони во лигата, оваа е веројатно клучната за него и за одговорот, дали со тоа однесување ќе го уништи својот потенцијал или ќе успее да се доведе во ред и да го направи последниот чекор кон НБА елитата. Талентот и енормниот потенцијал сѐ уште се тука, но несомнено зад него се последните три пропуштени сезони во кои можеше да се промовира во играч од самиот крем на НБА. Годинава на теренот мора да биде лидер и да носи успех. Надвор од теренот мора да покаже зрелост и стабилност за да ја обнови довербата кај навивачите, соиграчите и спонзорите. Ако успее, неговата кариера ќе стане успешна приказна, ако не, ризикува да стане пример за упропастен талент и џабе потрошен потенцијал.

Листата играчи кои имаат многу што да докажат претстојната сезона не е мала. Во неа свое место имаат и плејмејкерот и потенцијален лидер на Хорнетси Ламело Бол, Деандре Ејтон кој има шанса да биде важен дел од реконструкцијата на Лејкерси кон шампионски тим, Виктор Вембањанама кој треба да ги однесе Спарси длабоко во плејофот, Кејд Канингем кој ќе мора да го оправда новиот масивен договор и да го преточи својот индивидуален успех во клупски…

Но, се чини дека најмногу мотиви за докажување низ следното првенство има словенечкаата сензација – Лука Дончиќ. По шокот со трансферот од Далас во Лејкерси и сите критики упатени како од управата на поранешниот клуб, така и од повеќе тренери и аналитичари за неговиот непрофесионализам, зголемена тежина, тенки нерви, расправи со судиите, неиграње одбрана и што уште не, годинава Дончиќ едноставно мора да биде најдобар досега. Со оглед на неговиот физички изглед на актуелниот Евробаскет и информациите дека ослабел цели 15 килограми за нецели 2 месеци, изгледа дека Лука најсериозно се подготвува за новото НБА првенство.

Сега предизвикот за него е да го одржи ова ново ниво на физичка подготвеност низ турбуленциите на регуларната НБА сезона и низ плејофот и да биде во една континуирана елитна форма. Дефанзивните слабости на Лука беа очигледни во последните плеј оф натпревари, почнувајќи од слаба латерална брзина, пасивност, па и глума во одбраната, кои доведоа до максимално искористување на овие слабости од противниците, но и фрустрации кај соиграчите. Справувањето со оваа слабост не е опционално, тој едноставно мора да стане двонасочен играч, како сите големи ѕвезди пред него, Коби, Мајкл, Меџик… Лука не смее да се етаблира единствено како незадржлив офанзивец, туку и како кошаркар чија дефанзивна игра нема да биде експлоатирана на штета на тимот. Лејкерси се во процес на реконструкција на составот, со аквизиција на одлични играчи како ДеАндре Ајтон и Маркус Смарт. Лука мора брзо да се вклопи, да изгради хемија во составот и да ги максимизира потенцијалите на соиграчите.

Како нов лидер на еден од најславните тимови во лигата, Лука мора да докаже дека може да ги предводи Лејкерси до титула во НБА. Не само да доминира со својата индивидуална виртуозност, туку да донесе и шампионска титула во Лос Анѓелес по пет години очекување. Меџик Џонсон јавно му се обрати дека во Лос Анѓелес „се очекуваат титули“ и Лука мора да го исполни тој стандард.
Оваа сезона за него не е само следен чекор во кариерата, туку можност  да докаже дека не е само офанзивен феномен, туку комплетен лидер кој со својата прва титула ќе го зацементира своето НБА наследство.

Љубомир Николовски

 

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ