Заедно со него се и стегнатата тупаница и други симболи и сцени (обично девојки кои пркосно стојат пред полициски кордони и слично), што наведува на едно клучно прашање: дали станува збор за „епидемија“ настаната од кризата на демократијата, а особено пукањето на нејзината лажна фасада во земјите кои се квази-демократии и повеќе колонии отколку самостојни земји? Од либерален аспект дилемата е поврзана со прашањето за уставно загарантираното право на мирен масовен протест против властите, особено кога тие се глуви и слепи, нереспонзивни на гласот на народот. И секако, вознемиреноста од сцените на немилосрдно насилство на полицијата врз демонстранти (кои се неретко и инвалиди или повозрасни луѓе, кои се третираат како терористи). Овој вид на сцени ги гледаме најчесто во т.н. развиени демократии, кои сѐ посилно ја гушат и критичката мисла, и протестните движења (дури и кога се борат против геноцид), но и кои ја доведуваат во прашање нивната политика на милитаризација наспроти социјална политика. Ова особено важи за Европа, која се наоѓа на прагот на вакви настани кои ќе ја дестабилизираат во степен во кој таа ќе оди по умот на Трамп и ќе издвојува повеќе за војна и за НАТО, а помалку за своите граѓани. Ако Француската револуција од 1789 беше и остана симбол на големи промени, денешна Франција можеби не навестува таква социјална и политичка револуција, но дефинитивно поседува потенцијал за драматични шокови кои ќе се прелеат и во останатите делови на континентот.
Впрочем, на периферијата на ЕУ, во Србија, повеќе од 10 месеци се одвива континуирана улична демократија (поточно, политиката се пресели од институциите во протестните движења – од кои едните се за блокада на системот, а другите за негово функционирање). Се продлабочува поларизацијата меѓу оние кои сакаат статус кво (со Вучиќ, кој не мора да им е омилен политичар но кој сѐ уште ги држи конците во свои раце) и оние кои сакаат промена од корен – ама не знаат каква. Затоа што и самите се одвнатре поделени по длабоки идеолошки и други линии… Накусо, постои опозиција која нема јасен план што потоа, и која и под заеднички чадор не умее да се обедини во јасен став за општествениот договор. Сите знаеме дека се АНТИ, знаеме и против што/кого се борат, но тешко е да видиме ЗА што се, каква Србија сакаат и кои се водечките личности на процесот кои би ги симболизирале и артикулирале пораките на движењето.
Последните неколку недели вниманието на јавноста ги привлекоа два насилни протести, кои завршија и со човечки жртви – во Индонезија и Непал. Од перспектива на некој што доаѓа од Македонија, која што мина низ феноменот на обоена револуција (заради геополитички причини, дојде до смена на власта, инсталирање на лидер подготвен да го промени името и Уставот на земјата заради членство во НАТО), можам да кажам само дека десет години подоцна луѓето речиси и го заборавиле тоа искуство. Оттука, со восхит гледаат на сите оние кои со улични методи, па и насилство, ги казнуваат политичарите кои панично бегаат за да спасат жива глава. Го посакуваат она кое всушност не ни донесе никаква промена на подобро, туку обратно. Кога си геополитички пион, господарот што ги движи пионите веднаш заборава на она што го ветувал и е свртен кон нови жаришта во светот. Накусо, гневот и незадоволството се длабоко присутни, но види чудо – нема така организирани и масовни протести на улица, дури и кога има ужасни скандали (пожар во модуларна болница, дискотеката во Кочани и деновиве страшна еколошка катастрофа во предградието на главниот град). Едвај некој и да излезе да протестира за Газа. Како е можно народ кој наводно се дигнал за правда и борба против корупција, така лесно да капитулира? Одговорот е едноставен: следи ги парите. Веќе нема средства за такви акции, а ни потреба. Американската амбасада има сè под контрола. Власта е послушна, Македонија е во НАТО, ѝ помага на Украина и се однесува како колонијален вазал.
Не сум експерт за Индонезија или Непал. Читам, слушам, размислувам за различните образложенија коишто стасуваат до мене – и пак не можам да кажам дека ми е сосема јасно што навистина се случува зад димната завеса. Затоа, во овој текст, Непал го земам само како пример, или поточно како повод да се поразговара за феноменот на обоени револуции и промена на режими. Особено на левицата и кај јавноста критичката кон империјализмот на САД/Западот се јавија две толкувања. Првото смета дека зад протестите стои обоена револуција, а вторите тврдат дека станува збор за автентичен протест, со длабоки причини и произведен од контрадикциите на општеството. Вторите особено потенцираат една важна поента: ако дозволиме наративот за однадвор поттикната смена на режим (преку обоена револуција) да превладее, тогаш зраем не им ја одземаме можноста и дејствителноста на локалните актери кои имаат голем број добри причини да се дигнат против корумпираните и неспособни власти? Зарем ќе се откажеме од можноста од еден вид легитимна социјална револуција? Ова е многу важно прашање за левите сили; исто како она во во либерален контекст, за уставно загарантираната слобода на протест.
Искуството од нашиот регион покажува дека протестите се слепа улица; тие не водат никаде ако претходно нема своја (а не увезена) идеја, визија, структура или организација (која не е за една употреба и платена од странски фондови). Всушност, да бидам уште погруба, спонтани протести, дури и за најлегитимни цели е тешко да видите во осиромашени земји во кои владее апатија, па дури и аномија, но и страв (од полошо). Евентуалните спонтани бунтови на улиците се водени не од идеја, туку од гнев којшто не се ни контролира, ни артикулира во размисла и опција за „денот потоа“.
Ако и се тргне во студентски протести или слична опција, треба да се земе предвид силното влијание на помодарството и примерите од други делови на светот. На пример, ќе чуете: „браво за Непалците (или Србите), и ние треба така да постапиме со нашите неранимајковци“. Во ера на глобални комуникации и во глобално село, овие модели на однесување и симболи лесно прелетуваат континенти. Едноставно постои процес на копирање или имитација, восхит од сè што симболизира оправдан револт во свет кој е навистина во терминална фаза. Но, многу често постојат „кувари“ и прирачници за тоа како да се симне еден режим и воспостави нов, кои се достапни на интернет, дури и ако нема група со моќ да „запржи чорба“. Западната културна и медиумска хегемонија го овозможува ова дури и кога организациите (како УСАИД, НЕД, и слични) не се директно вклучени од почетокот. Но, штом намирисаат гнилеж од општеството и (не)очекувана можност, веднаш проработуваат и кујните и протекот на пари, а патем се избира соодветна личност која одеднаш ќе исплива од анонимноста како спасител. Оваа ситуација многу добро ја опиша мојот пријател, Виџеј Прашад кога рече дека ако домот не се одржува ќе наиде армија на мравки, а по нив ќе дојдат и змиите.
Во текст од покус обем не може да се оди во продлабочена анализа, бидејќи секој случај е различен : може да почне на еден начин (и/или со оправдана причина), а да заврши како однадвор инструиран чин. Кога има жртви (и од нив ќе се прават симболи и потсетници на „крвавите раце на режимот“), успехот е посигурен за оние однадвор кои чекаат да профитираат; но, тоа не носи успех за општеството кое се бори за своја внатрешна трансформација, ама не и поларизација. Лешинарите секогаш го правеле тоа добро: се закачувале за свежа и млада (и невина) крв за да ја искористат можноста за остварување на свои цели (национално, регионално или дури глобално).
Каде е тука левицата? Добро прашање, ама одговорот не е лесен. Левицата е фрагментирана, раскарана, неорганизирана и внатре и на поширок план. Малку се работи на стрплива едукација на народот, на револуционерната организација и на модерната визија; за жал, најчесто се дејствува post festum. Затоа левите сили се соочуваат со загатката: да се придружат и поддржат нешто што наликува на оправдан и спонтан протест или да го деконструираат? Обоените револуции најчесто се случуваат и во земји во кои веќе е посеано семето на противречностите; тие само го канализираат во одредена фаза на ескалација. Затоа нивното препознавање и односот кон нив е тежок предизвик.
Јас досега не сум видела процут на демократија или социјална правда по насилен преврат. А вие? Македонската „пролет“ од 2015/16 беше како пустина после дожд, процвета за миг и исчезна за секогаш. Она што остана е длабока недоверба едни кон други, кон сè што наликува на слобода на протест, поларизација како никогаш порано, сомнеж околу секоја колективна акција – и на крајот апатија и капитулација на духот. Кај нас постои и парламентарна лева партија што е дури и успех во споредба со другите балкански земји. Но, чесно е да се каже дека и таа минува низ детските болести на левичарењето, лојалноста кон идејата и подготвеноста за саможртва (без личен интерес). Борбата со старите партии мастодонти и етничките елити кои ја водат земјата низ т.н. транзиција кон демократија, која стана транзиција кон ништавило, е тешка и долга. Колку ќе издржи на овој пат, не знам. Дали ќе напредува, зависи од дијалогот со народот. Исто така не знам што ќе се случи со Непал или Индонезија или дури и Србија. Но, знам и убедена сум дека изборите не решаваат ништо во рамки на метастазиран системот, кој е целосно под контрола на надворешните центри на моќ.
Билјана Ванковска











