понеделник, 8 декември 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Самрак на „фаворитите“

Србија, Франција, Италија, Шпанија – аут, Финска, Грузија Словенија, Полска - ин. Четири од шесте на хартија фаворити за медал го напуштаат Европското првенство по групната фаза и во осминафиналето. Останаа само уште два - Германија и Грција и два од фаворитите од сенка, Турција и Литванија. И со нив четири селекции кои со срце, желба и дисциплинирана игра го надоместија недостигот на „ѕвезди“. Кошарката е колективен спорт и тимот е секогаш посилен од поединецот, како и да му е името.

Сите елиминации на „фаворитите“ имаат своја приказна, но за нас, од соседски аспект се разбира, најинтересен е „случајот“ со српската репрезентација, на која, во најголемиот дел, ќе ја посветиме оваа колумна.

Србите на ЕП дојдоа како убедливо најголеми фаворити. Со „ѕвезден“ тим предводен од Никола Јокиќ, со уште тројца актуелни и двајца поранешни НБА играчи и со најскапиот кошаркар во историјата Евролигата, Василије Мициќ. Повредата на Богдан Богдановиќ секако беше голем хендикеп, но и останатите селекции дојдоа и играат некомплетни. Германците сигурно би биле многу посилни со Морис Вагнер, Макси Клебер и Ајзеа Хартенштајн во тимот, како и Словенците со Влатко Чанчар и Џош Нибо, или литванците со Домантас Сабонис и Матас Бузелис. Речиси сите тимови играат без можеби своите најдобри кошаркари. Кај Италијанците го нема Донте ДеВиченцо од Минесота Тимбервулфс, кај Босанците Џенан Муса од Реал, кај Чесите Томаш Саторански од Барселона… А што да кажaт од тимот на Франција во кој недостасува цела една петорка, Виктор Вембањама, Руди Гобер, Матијас Лесор, Винсент Поарје и Иван Фурние. Три првокласни центри, еден врвен стрелец и една од најголемите НБА ѕвезди. Затоа нивната елиминација од Грузија, колку и да е неочекувана, толку има и свое оправдување. Но, такво нема за тимот на  Србија кој на Европското дојде по подготовки на комплетниот состав и со конечниот избор на Светислав Пешиќ на најдобрите. Од поширокиот список испаднаа Давидовац, Копривица и Топиќ, кои исто така беа подготвени за настап. Значи сите играчи со репрезентативен квалитет здрави и орни за настап.

Освен на средбите со Естонија и Чешка, на сите други играта „шкрипеше“, посебно на натпреварот со Летонија по кој Пешиќ изјави дека победата е победа и „не треба да ѝ се гледа во забите“. Но забите сами покажуваат кариес кога ќе се отвори устата. И веќе на мечот со Турција и поразот кој ги смести на втората позиција во групата, стана јасно дека на тимот на Србија не му требаат само пломби, туку цели „мостови“. А осминафиналето со Финска покажа уште повеќе, дека требаат многу транспланти или можеби цела нова вилица.

Оваа генерација кошаркари на Србија тешко игра кога е во улога на неспорен фаворит. Тоа го потврди и на претходното Европско кога Италија ја елиминира од борбата за медали во осминафиналето, исто како и овој пат. Кога е меѓу фаворитите од сенка, но не и главен, кога од нив не се очекува злато, како на Светското првенство во Манила или Олимписките игри во Париз, кошаркарите немаат психолошка бариера и играат слободно што носи и резултат. Штом се во фокусот, и сите ги промовираат во шампиони, работата не оди. Ова, се разбира не се однесува на Никола Јокиќ. Човекот даде сѐ од себе. Во најтесните и најтешките натпревари против Летонија, Турција и Финска во игра помина меѓу 32 и 34 минути и беше најдобар играч и прв стрелец на тимот, а првенството го заврши со просек од 22,4 поени, 9 скока, 4,2 асистенции и скоро 2 освоени топки. Што повеќе може да се бара од него? Сите останати, вклучително и селекторот Пешиќ, потфрлија. Тој можеби и највеќе. Мициќ изгубен во време и простор со просек од 4 поени, само 25% прецизен шут за три, со нецели 2 загубени топки по натпревар кои целосно го елиминираат и така скромниот просек од исто толку додавања по натпревар. Ако тој беше крајно лош, тогаш сите други, донекаде исклучувајќи го Никола Јовиќ, беа загубени во потпросечност. Предводени од селекторот.

Зачудува фактот што улогата на најголем фаворит е бреме за играчи со огромно искуство. Осум од 12 репрезентативци на Србија се на преку 30-годишна возраст и ако по сето тоа искуство и интернационални кариери немаат стабилност и сигурност во својот индивидуален и тимски квалитет, тогаш  тоа е веќе непоправливо. За повеќето од нив, пред сѐ за Јокиќ, ова беше последна шанса за златен медал на европските првенства. Јасно е дека ова е клучната точка за српската селекција која за наредниот циклус ќе мора да се потпре на следната генерација играчи. Причините, или ако сакате, главната причина за неисполнетите очекувања е повеќе од јасна: ниту еден кошаркар од репрезентацијата, повторно со исклучок на Никола Јокиќ, не е главен играч и човек на одлука во својот клуб. Никој од нив ја нема одговорноста и привилегијата да биде тој во чии раце тимот ќе го довери решавањето на тесни натпревари. Тоа не е ниту Богдан Богдановиќ во Клиперси, ниту Мициќ, кој во две НБА сезони промени три НБА тима, ниту Гудуриќ во Фенербахче каде е трет стрелец во тимот зад Најџел Хејс и Ерик МекКолум, ниту Аврамовиќ, исто како и Милутинов, Петрушев, Добриќ, Маринковиќ… Сите во своите тимови се втора, трета, четврта опција и чекаат друг да ги реши работите. Но, овде тоа се чека токму од нив и, нормално, оди тешко. Ако тоа самиот не го стори Јокиќ и донекаде Богдановиќ кој во репрезентацијата за разлика од НБА ја има таа одговорност, сите други се многу тенка опција. Дури и онаа позната српска дрскост и инает, полека се менува. На полошо.

Домашни тимови со минимален број домашни врвни играчи и кошаркарски гастарбајтери што не се во улога на неприкосновени лидери во тимовите за кои настапуваат. Комбинацијата од двете дава репрезентативен состав во кој, со еден исклучок, имате кошаркари кои не можат да се справат со товарот на главен фаворит. За нив, тоа е бреме што им ја кочи имагинацијата и талентот во играта. Но, тоа не беше случај со претходните блескави генерации на Србија во која носители на играта беа беспоговорни лидери и први стрелци на своите клубови, како Александар Ѓорѓевиќ, Предраг Даниловиќ, Жарко Паспаљ, Дејан Бодирога, Предраг Стојаковиќ, надополнети со бескомпромисни борци како Владе Дивац, Жељко Ребрача, Зоран Савиќ, Милан Гуровиќ… Тој карактер и таа дрскост сега веќе ја нема. Затоа овој „случај“ на српскиот тим не е инцидент, туку логичен след на работите како евидентен резултат на повеќегодишна заблуда во верувањето дека кошаркарскиот систем на нашиот сосед е неприкосновен.

Дека секоја евентуална слабост може да се надополни со талент. Но, и тука веќе не стојат баш најдобро. Во последните 10 европски првенства за кошаркари под 20 години, нивниот национален тим не освоил медал.

Овој „самрак на фаворитите“ на актуелното Европско првенство колку е резултат на нивните грешки, објективни проблеми, па и илузии, толку е резултат на квалитетна и системска работа во земјите во кои кошарката традиционално не била во врвот на популарноста како Финска, Шведска, Чешка, Полска, Португалија, Грузија. Кошарката е глобален спорт, а славата и богатството што со себе го носи договорот со еден НБА тим е магнетно привлечен за младите во изборот на спортот на кој ќе се посветат. Таа мотивација умеат да ја искористат и канализираат федерациите од земјите наброени погоре и тоа им носи резултат.

Ќе биде многу интересно во следните денови да се следи до каде можат да стигнат националните тимови на Грузија, Финска, Полска и Словенија во конкуренција на Германија, Литванија, Грција и Турција. Еден од нив, Финска или Грузија, сигурно ќе се најде во борбата за медали со оглед на тоа дека во 1/4-финалето играат меѓу себе и тоа е најголемото пријатно изненадување на ова првенство. Сѐ повеќе од ова ќе биде вистинска сензација.

П.С.

Следејќи ги натпреварите од ЕП, за жал со српски коментар, човек не може, а да не се запраша како е можно коментаторот да биде пристрасен до таа мерка што буквално ќе му пречи на секој објективен гледач. Посебно кога е најинтересно, кога се решева мечот, во последната четвртина. На натпреварот меѓу Словенија и Италија, патетичната пристрасност на невичниот коментатор беше гротескна. Интересно, поривот за победа на „неговиот“ тим не беше насочен кон Словенците, што во одредена мерка би било и разбирливо со оглед на заедничкото минато, туку кон Италијанците. Човек повторно да се запраша, какви мотиви го воделе да го занемари основното коментаторско правило за непристрасност и да навива за тим што, меѓу другото, ја елиминира Србија од борбата за медали на претходното првенство. Можеби зависта кон една една мала земја која реди успеси, а кон која самиот тој чувствува некаква умислена спортска или, не дај Боже, друга супериорност? Зависта што Лука од малата Словенија е таму кај што не стигна Никола со големата Србија? Или можеби во неговата суетна проекција е подобро во борбата за медали да учествуваат старите познати ривали отколку кошаркарски тимови од мали држави за кои Србија некогаш била недостижна кошаркарска величина? Што и да е, веројатно стручњаци за вакви ментални состојби многу попрецизно ќе одредат. Ние, за жал, ќе мора тие не баш артикулирани емотивни изливи да ги слушаме, или натпреварите на Словенците, доколку ги „коментира“ истиот „коментатор“, да ги следиме во мир, без тон.

Љубомир Николовски

 

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ