Јавното мислење во речиси секоја земја во светот (трагично, со исклучок на Израел) е во огромна мерка антивоено настроено. Но, моќта да се продолжи крвопролевањето лежи во рацете на елитите. Тоа се паразити кои се хранат од војна, за кои мирот е „прескап“ токму затоа што не носи профит. Без разлика дали овие какистократи ќе ги наречеме воено-индустриски комплекс или воено-индустриски-медиумски-академски комплекс или некако поинаку – со додавање на тинк-тенковите, индустријата на забава… – суштината е иста. Војните започнуваат и траат поради амбициите и алчноста на оние „на врвот“, и тоа во директен судир со волјата на народот (ние, луѓето; ние, жителите на Земјата).
Самитот закажан за в петок, 15 август, е обвиен и во преголеми надежи, и проследен со намерно игнорирање на некои основни факти. Зошто сега? Што е на масата? Некои европски претставници шпекулираат дека специјалниот американски претставник Виткоф можеби погрешно го разбрал или дури и „се разминал“ со Путин за некои клучни детали. Всушност, постои ли воопшто конкретна агенда? Трамп не е познат по стратешко размислување, ниту по доследност. Неговото признание дека ова ќе биде само состанок „за да се испита теренот“ (feel-out meeting) зборува многу повеќе од неговите нејасни навестувања за размена на територии и прекројување на украинските граници. Посклона сум да застанам на страната на оние кои предупредуваат дека очекувањата мора да се контролираат. Во февруари го нареков Трамп „г-дин Џекил и д-р Хајд“ и моето мислење не се смени. Волкот може да ја смени кожата, но не и природата. Човек кој не само што толерира геноцид, туку активно го поддржува, не е човек посветен на мир – ниту во Украина, каде САД (и НАТО) очајно бараат излезна стратегија за да се измијат од прокси војната што ја започнаа долго пред 2014 година, а сега ја губат.
Можеме да ја анализираме симболиката на локацијата – некои дури шепотат и за историските или религиозните конотации на датумот – но додека ги расчлениме тие детали, средбата ќе заврши. Најверојатниот исход? Прогнозата е: нема да има решение за украинскиот конфликт или обврзувачки договори, а фото-сесијата секој ќе ја толкува на свој начин. Многу е веројатно дека двајцата лидери ќе го искористат моментот за да ја демонстрираат својата „мачо“ позиција: Трамп ќе се пофали дека го „принудил“ Путин да седне на маса – и тоа на американска почва (иако во својата изјава ја нарече „руска“); Путин пак ќе ужива во доближувањето до лавовската јазбина.
Денес, Алјаска е повеќе симбол отколку територија – потсетник на трансакциската логика која долго време беше и остана „политика“ на империјалните сили. Таа е суров потсетник дека суверенитетот не е вечен, гарантиран, дека државите и нивните граници не се непроменливи, и дека некои од најсудбоносните одлуки кои се однесуваат на цели популации се носат заради пари/профит. Во реалполитичка смисла, позицијата на Алјаска под Арктикот ја прави стратешки бисер: огромни ресурси, клучни поморски патишта и следната голема арена за ривалство на големите сили. Овој состанок „за испитување на теренот“ исто така може да ја допре иднината на Арктикот, но и други потенцијални жаришта – вклучително и Тајван. Со други зборови, ова не е самит за Украина, без разлика што европејците се веќе во воена хистерија.
Самит без јасна агенда, без подготовка или транспарентност, и без вистинска моќ да се склучи договор – особено во име на трета страна – може да биде од корист само во поглед на одредена нормализација на билатералните односи: средба лице-в-лице на двајца противници во војна (во оваа прокси војна, САД се борат против Русија – и губат). Можеби и тоа е доволна причина за мал оптимизам: дијалог е можен дури и во непријателски услови. Но таквата надеж мора да се одржи, особено поради распаѓањето на нуклеарниот поредок.
Тешко е да се разбере оптимистичката перспектива на оние кои очекуваат Трамп и Путин да направат чекори кон мир во Украина. Трамп никогаш не рекол дека Украина треба да прифати мирољубива но неутрална позиција надвор од НАТО; никогаш не вети дека ќе престане да ѝ продава оружје на Европа за војната – напротив. И дури и ако си подадат рака, дали тоа одеднаш ја претвора легендарната „зелена маса“ каде што се делеле држави, во удобно место за двајца или тројца? Дали тоа е наша морална капитулација – да ја ставиме вербата во „лидери“ кои решаваат конфликти според нивните желби и каприци, конфликти што никогаш не би постоеле без нивната агресивна политика?
Не би се обложила околу исходот; сепак, станува збор за човечки животи. Но тешко е да се очекува нешто од состанок „за испитување на теренот“. Особено од човек кој ја негира човечноста на Палестинците и кој речиси започна нуклеарен напад врз Иран среде преговори. Разумен човек не би купил ни автомобил од таков човек, а камоли да му довери прашања на војна и мир.
Затоа мора да останеме будни. Светот сè уште е поблиску до Трета светска војна отколку до суштински мировни преговори. Дури и ако Трамп искрено сака мир во Украина (тој сака излез и некаква добивка – што е сомнителна претпоставка), тој реално нема поддршка од американскиот естаблишмент, а уште помалку од јастребите кои се хранат од воено-индустрискиот комплекс. Овие актери ја гледаат војната како златна кокошка, а нејзиниот крај како финансиска загуба. И ако една војна заврши, тие со нетрпение ќе отворат нов фронт – како Иран, Тајван, Кавказ или некое друго место. Војните веќе не се водат за да се добијат, туку за да траат.
Трамп може да биде непредвидлив, дури и нестабилен, но многумина ја пропуштаат поголемата слика и опасност по светот: во својата непредвидливост, тој сè уште може да преземе чекори за уништување на БРИКС+. Во петок ќе се сретне со „буквата Р“. За жал, светот продолжува да месечари кон амбисот. Простете ми ако не сум полна со оптимизам или конструктивни планови за мир. Алјаска сигурно не е повод ни инспирација за такви мисли.
Билјана Ванковска











