понеделник, 8 декември 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Првата пукнатина во тврдината на НАТО? Словенија во референдумски лавиринт

На последниот самит на НАТО одржан на 24–25 јуни во Хаг, лидерите на алијансата триумфално објавија историска одлука (од која идните генерации ќе се срамат, но тоа е...). Централната одлука беше онаа за зголемување на воените расходи на 5% од БДП во текот на следната деценија.

Но, зад фасадата на декларираното единство, не беше тешко да се види длабоката вознемиреност. Едвај и да имаше членка што беше задоволна од каприциозната одлука наметната од Белата куќа – без анализа, без стратегиски проценки, без економска логика, а најмалку од сè – социјална димензија. НАТО го отфрли плаштот на политичка организација, и остана она што отсекогаш беше – воен Левијатан. Не е ни чудно што некои духовити луѓе на социјалните мрежи го прекрстија НАТО во North Atlantic Trump’s Organization (во превод, Северноатлантска Организација на Трамп).

Самитот всушност беше приватна забава на американскиот претседател. Тој уживаше во вљубените погледи со кои го гледаа шефови на држави (меѓу кои и на нашата), уживаше во ласкави писма и аплаузи за сето она што го стори за само неколку месеци (?!), а доживеа и да го наречат „Тато“.  Можеби најиндикативен чин беа аплаузите за тукушто извршениот чин на агресија врз Иран (во координација со Израел). И сето тоа под тешката сенка на 20-месечниот геноцид во Газа. Коментаторите шепотеа дека никогаш досега толку многу воени злосторници не се нашле во исто време и на едно место, и тоа во градот кој ја симболизира меѓународната судска правда. Но, наместо со соочување со Јустиција, тие беа дочекани од кралското семејство со шампањ.

Кога циркусот заврши, многу лидери тивко се надеваа дека до 2035 година лудилото ќе биде заборавено, нивните земји нема да бидат банкротирани од империјални заблуди, а Трамп ќе биде минато. Но, има и такви кои се надеваат на креативна сметководствена гимнастика (лажирање на извештаите); трети се молат за чуда. Веројатно нашата претсдателка и Влада се во оваа категорија, бидејќи доаѓаме од земја во која сè е на верска основа – што дал господ! Т.н. безбедносни експерти и официјални претставници (како нашата „Марија Антоанета“ Шекеринска) тријат раце, уверени дека воената индустрија ќе донесе профит и излез од економската криза, ќе се отворат работни места и сета таа индустрија на смртта и стравот ќе донесе прогрес. Сепак, иако малцинство, слушнавме и отворени храбри изјави од шпанскиот и словачкиот премиер, но особен впечаток остави интервјуто на хрватскиот претседател. Може да се насети дека сите присутни биле како ликовите од бајката „Царевата нова облека“, знаеле дека 5 отсто е невозможен праг за воен буџет, но не биле деца да ја кажат вистината. Ни на самитот, ни дома пред својата јавност. Нашите заминаа со научената песничка за лојалноста кон нашите сојузници. Каде сите Турци, таму и гол Асан – гласи народната изрека.

И токму кога изгледаше дека фарсата на најскапиот, најкраткиот и суштински најпразниот самит на НАТО ќе стивне барем привремено, дојде веста за неочекуван чин на отпор од една од најмалите европски држави: Словенија. Партијата Левица, членка на владејачката коалиција, предложи консултативен референдум на кој граѓаните би се изјасниле дали се согласуваат воените расходи да се зголемат (од 1,3 на 3 отсто од БДП). Предлогот во парламентот помина, не поради гласовите на владејачката партија, туку благодарение на конзервативниот опозициски блок предводен од Јанез Јанша – тврд атлантицист кој го искористи гласањето за да му зададе политички удар на својот опонент, премиерот Владимир Голоб. Ставен во крајно непријатна ситуација, Голоб извади свој „адут“: повика на втор референдум со „вистинското прашање“: дали Словенија сака да остане во НАТО и да ги исполнува преземените обврски или сака да излезе од Алијансата. Во моментов, во тек е сложен процедурален процес, но и политички хаос кој го замаглува прашањето кога ќе се одржат двата референдуми или ќе дојде до политички компромис што ќе ги закопа и двете иницијативи.

За оние што не ја знаат поновата словенечка историја, потсетување: Словенија беше првата југословенска република што се отцепи и така всушност придонесе за насилниот распад на федерацијата. Но, во словенечкото општество постоеја дисидентски кругови со различни барања. Меѓу нив беше и она за демилитаризирана држава. Уште пред распадот, токму групата на Јанша собрана околу магазинот „Младина“ ја почнаа првата отворена критика на воениот систем и буџет на Југославија. Во тоа време, ЈНА беше симбол на југословенство и „света крава“ во однос на секоја јавна критика. Некои сонуваа не само за неврзаност, туку за вистинска неутралност. Но кога федерацијата почна да се распаѓа, прагматичните Словенци ги повлекоа првите потези на уставни промени, отцепување од финансискиот систем на СФРЈ и бараа словенечките војници да служат воен рок во својата република и на словенечки јазик. Уште пред 26 јуни 1991 година, Словенија брзо ја претвори територијалната одбрана во национална армија. Подоцна, сакајќи членство во ЕУ („Еуропа здај/Европа сега“ беше мотото на силите кои бараа отцепување), ѝ беше речено: „Нема ЕУ без НАТО“. Словенците, не многу среќни со воените обврски, беа подложени на трик во исти ден (23 март 2003) да гласаат на два референдуми – за НАТО и за ЕУ. Мировното движење објавуваше материјали и брошури насловени „Не за НАТО, дајте ни мир“. На крајот, наспроти огромното мнозинство кое гласаше за ЕУ, само 66% го поддржаа НАТО и тоа најмногу поради две причини. Прво, владината силна кампања ги употреби сите средства да ги убеди граѓаните дека без НАТО, нивните синови ќе служат воен рок (како во СФРЈ), а второ – целото мировно движење беше вон структурите на власта, т.е. беше вонпарламентарна и општествена опозиција која немаше доволен капацитет да се спротивстави на очигледната уцена и лага. Словенија стана полноправна членка на НАТО на 29 март 2004, само неколку дена пред влезот во ЕУ. Тие референдуми ја зацврстија нејзината западна ориентација, но наследството на јавна несигурност и скепса околу членството во НАТО и воените интервенции остана живо во делови од општеството. Тој скептицизам се јави денес и тоа преку ликот на крајната левица (Левица) во дебатите за воените трошоци и задолжителната воена служба.

Дваесет години подоцна, Словенија се буди од неолибералниот сон. Не само што повторно плаќа за војска што не ја сака, туку новите барања се застрашувачки. Не само според претставниците на Левица, туку и на министерката за надворешни работи Тања Фајон, алокацијата од 3 отсто од БДП би изнесувала дури 20 отсто од националниот буџет. Задолжителната служба виси над главите како Дамоклов меч, додека војната во Украина не стивнува токму поради силната поддршка на Европа.

За сите кои негуваат антимилитаристички сентименти, случувањата во Словенија будат некаква возбуда. Порационалните тврдат дека очекувањата не треба да се превисоки, бидејќи консултативен референдум не може да укине одлука донесена на задолжителен референдум (тоа може да се случи само во колонии како Македонија, кога референдумот од 2018 година го укина референдумот од 1991 година). Исходот би можел да биде и двосмислен: мнозинството да каже НЕ на зголемувањето на воените трошоци, а потоа да гласа ЗА останување во НАТО – скротени од домашната и меѓународната пропаганда.

Но, зошто се важни случувањата во малата Словенија?

Затоа што, за првпат, граѓаните на една членка на НАТО ќе водат (каква-таква) јавна дебата за најопасната организација во светот. Прашањето за воениот буџет неизбежно ја отвора старата дилема: повеќе пари за путер (или само леб) или за бомби (и тоа за трета држава)? Дали НАТО навистина носи безбедност? Дали членството гарантира просперитет и мирен живот или е на чекор до голема воена ескалација?

Словенците, и покрај својата прагматичност и себичен интерес (ете додека Македонија издвојува над 2 отсто од БДП, тие се држат мудро на 1,3 отсто), сè уште чуваат искра на поширока свесност. Отворањето на еден, а камоли два референдума, може да разниша некои табуа не само во Словенија, туку низ цела Европа. Може да инспирира и други, фатени во замката на задоволување на Императорот кој се фали со својата нова облека и огромна моќ, а всушност е гол и сиромав – во умот, моралот и државната каса.

Нека започнат игрите. Нека конечно се отвори дебатата, без разлика на мотивите зад неа.

Понекогаш е потребна мала држава за да ја помести вагата на јавното мислење низ целиот континент. Словенија дефинитивно не е сама соочена со огромна дилема. Тука се и Шпанија, Чешка, Словачка, Унгарија, па дури и Италија. Интересно е што во Македонија владее тотален молк! Ниту пред самитот, ниту по самитот некој ги праша првите луѓе (премиерот и претседателката, двајца универзитетски професори) што мислат околу тоа дали ќе даваме пари за оружје или ќе гладуваме.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ