недела, 14 декември 2025
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Последниот граѓанин

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Се случи што се случи – и еден ден граѓанинот Шљупков беше последниот преостанат граѓанин на Апсурдистан. Имено, на народот на Апсурдистан, сенешто неблагодарен и незадоволен, му се беше смачило да биде народ на Апсурдистан, па оние кои уште не беа испоцркале од топлотни, срцеви, државни, политички, струјни, ценовни и какви сè не други удари, веќе одамна се испоселија по белиот ни свет… или тоа што остана од него. Но, бељата да биде уште поголема, Апсурдистан остана и без своите надалеку прочуени политичари, кои, откако на Апсурдистан успешно, отчетно и транспарентно му ја плакаа мајката… ова… ја унапредија демократијата и добрососедските односи, заслужено фатија магла… ова… се пензионираа како докажани лопови и праматари… ова… бизнисмени и деловни луѓе. Еве, на пример, да го земеме Надзајакот, еден од најславните апсурдистански премиери, кој беше толку способен и влеваше толкава страхопочит, што со својот прочуен камшик, миропомазан со најфините есенции на либералната демократија, го натера дури и Сонцето да изгрева од запад, а ветрот да дува од север, за најпосле сосема заслужено со народни пари да се пензионира на исток. Секако, со бизниси и на југ!

Но, да се вратиме сега во Апсурдистан. Таму, како што рековме, беше преостанал единствено граѓанинот Шљупков. А бидејќи демократијата е процедура, важно беше да има власт и опозиција. И фер избори. И така, опозиционерот Шљупко Шљупков го предизвика премиерот Шљупко Шљупков на вонредни избори. Собранието едногласно го усвои предлогот и претседателот на Собранието Шљупков распиша вонредни избори. На вонредните избори граѓанинот Шљупков гласаше за опозицискиот лидер Шљупков. И така, Шљупков стана новиот премиер; Шљупков, пак, премина во опозиција.

Не мина многу време, а граѓанинот Шљупков излезе да протестира заради нискиот животен стандард, урбаната мафија, загаденоста на воздухот, корупцијата во судството, партизацијата на институциите и општеството… впрочем, граѓанинот Шљупков протестираше за толку многу работи, што немаше доволно раце да ги додржи сите транспаренти.

Премиерот Шљупков најпосле се сретна со граѓанинот Шљупков. Вети покачување на минималната плата и пензиите и решителна борба против корупцијата и криминалот. При тоа, секако, не заборави и да си ја покачи сопствената плата и платата на останатите функционери, како и дневниците, ноќниците, патните и седечките трошоци. За подобра мотивација, се разбира! Граѓанинот Шљупков замина на летен одмор. Уште не се вратил.

 

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Огледалце, огледалце мое: Трамповата Стратегија за национална безбедност и американските илузии

Далибор Ступар

Зошто Србија толку многу се плаши од Русија?

Илина Мангова

За системски, наместо проектен, пристап кон државата

Ристо Цицонков

Мигранти заради климатски промени

Јове Кекеновски

Што мора да следи по конгресниот говор на Мицкоски?

Братислав Димитров

Врата на тишината

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ