Затоа што војната која денес се води против македонскиот идентитет, јазик и народ, во својата суштина е директна, неприкриена и софистицирана војна против самата срж на мисирковата мисла. За да ја разбереме битката на нашите соседи против нашата патека мораме да ја разбереме суштината на пораката на Мисирков. Таа порака е наша водилка, но нејзината негација е всушност водилка на нашите соседи.
Сепак, за да бидеме историски прецизни, мора да се нагласи дека Мисирков не создаде национална мисла од вакуум, тој беше брилијантен архитект кој ги собра веќе постоечките темели и ги претвори во кохерентна и трајна градба. Искрата на македонската посебност тлееше со децении пред него. Уште во 1875 година, Ѓорѓија Пулевски во својот „Речник од три језика“ ја даде можеби првата модерна дефиниција за македонската нација: „Народ се вељат људи… кои зборувајед ист збор… Така и Македонциве се народ и местово нивно је Македонија“. Оваа лингвистичка и етнографска самосвест доби свој воен и политички израз во Кресненското востание од 1878 година, чии „Правила на Македонскиот востанички комитет“ јасно наведуваат дека во него учествуваат „оние луѓе од Македонија кои се чувствуваат Македонци“. Кратко потоа, во 1881 година, Привремената влада на Македонија го издаде својот Манифест, завршувајќи со громогласниот повик: „Да живее македонскиот народ, да живее Македонија!“.
Додека Пулевски беше интуитивен народен будител, а востаниците и членовите на Привремената влада беа храбри револуционери, нивните дела беа одраз на страста и потребата на моментот, генијалноста на Мисирков лежи во тоа што тој беше првиот кој ги зеде овие расфрлани, иако силни, изрази на македонската посебност и ги синтетизираше во сеопфатна, научно аргументирана и геостратешки осмислена национална програма. Тој беше првиот што јасно ја поврза судбината на народот со кодификацијата на јазикот, обновата на црквата и политичката борба во еден единствен, нераскинлив концепт за опстанок.
Да се потсетиме, што претставуваше Мисирков во своето време? Тој беше дијагноза и лек во едно. Беше првиот кој хируршки прецизно ги сецираше и ги демаскираше аспирациите на соседите, нарекувајќи ги со вистинското име – пропаганди. Бугарската, грчката и српската пропаганда не беа за него „различни погледи на историјата“, туку алатки за духовно освојување, поопасни и од военото, бидејќи го гаѓаа коренот на битисувањето. Денешните политики, иако облечени во европски костуми и спакувани во фрази за „добрососедство“ и „заедничка иднина“, се само продолжение на истата таа пропаганда со други средства.
Бугарската современа политика на „заедничка историја до 1944“ е можеби најперфидниот удар врз Мисирков. Зошто? Затоа што таа не го негира неговото постоење, туку се обидува да го присвои и кастрира. Во нивната интерпретација, Мисирков е „заблуден Бугарин“, „продукт на своето време“, чии идеи за посебен македонски јазик и нација биле само моментална девијација, а не логичен и природен крај на еден долг процес на национално будење. Со тоа, тие не војуваат против некој анонимен македонски народ, туку директно го таргетираат и го поништуваат интелектуалниот темел на нацијата. Тие велат: „Прифатете дека до 1944 сте биле Бугари, а после тоа сте станале Македонци со декрет“. Ова не е ништо друго туку барање самите ние постхумно да му пресудиме на Мисирков и да го прогласиме за предавник на „бугарштината“, а неговото дело „За македонцките работи“ да го сведеме на политички памфлет, наместо на национална библија.
Грчката стратегија, пак, озаконета со Преспанскиот договор, го напаѓа Мисирков од друг, подеднакво опасен агол. Ако Мисирков инсистираше на единството на македонскиот народ на целиот негов географски и духовен простор, денешната грчка политика, со наш благослов, го расцепува тоа единство. Со фусноти и објаснувања, ние прифативме дека македонскиот јазик е „словенски јазик“ – што е сепак само релативен лингвистички факт и тоа единствено од лексички аспект, но во политичкиот контекст на Балканот, тоа е капитулација. Тоа е дозвола за Грција да каже: „Да, вие зборувате словенски, а не македонски, бидејќи македонскиот јазик е грчки дијалект од антиката“. Така, тие го одвојуваат името од суштината. Дополнително, со инсистирањето на терминот „особено различни“ култури од двете страни на границата, се изврши правен атентат врз самата идеја за културно и историско единство на македонскиот народ, идеја која Мисирков макотрпно ја бранеше. Денес во Грција може да се игра „македонско оро“, но тоа е „регионално грчко оро“, целосно правно одвоено од културниот код на народот од другата страна на границата. Мисирков е поразен со наши сопствени правни алатки.
Србија, игра потивко, но не и помалку стратешки. Нејзиниот фокус врз црквата не е случаен. Мисирков јасно ја согледа улогата на Охридската Архиепископија како столб на македонската посебност низ вековите и повика на нејзино обновување. Српската православна црква, со децении го попречуваше тој процес, а и денес, преку своите структури, се обидува да го задржи македонското православие во сферата на „српскиот духовен свет“, со што директно се поткопува уште еден од клучните столбови на мисирковата визија за комплетна национална еманципација. Агресивното присуство и наметнување на грчки тип на верски традиции, литургии и форма низ неколку македонски манастири, оваа српска мека пропаганда ја прави полесна и помека верзија на истото антимакедонско апче. Полесно за пиење. Човек може и да помисли дека агресивноста на грчката црква и нејзините подопашници во Македонија, постои само за да не уплаши и врати од патот на самостојно верско битисување назад кон српската црква.
Проблемот е што нашите современи преговарачи влегоа во овие битки целосно интелектуално невооружени. Неписмени. Тие ги гледаа овие прашања како технички и современи политички пречки на патот кон ЕУ и НАТО, а не како егзистенцијални предизвици за нацијата. Не сфатија дека кога преговараат со Бугарија, тие не преговараат за историски датуми, туку за легитимноста на Македонија. Кога преговараа со Грција, тие не преговараа за име, туку за територијалниот и духовниот опсег на македонската нација. Затоа и решенијата кои постојат се неодржливи на среден и долг рок, затоа што не даваат суштински одговор на отвореното македонско прашање.
Излезот не е во гнев или очај, туку во враќање кон изворот. Одбраната на Македонија денес не може да биде само политичка, таа мора да биде пред сè научна и културна. Државата мора да вложи во македонистиката како во стратешка одбранбена индустрија. Секој објавен научен труд, секој превод на македонска литература, секој филм и секоја песна или симфонија се куршуми во оваа војна. Нашата борба е да докажеме дека мисирковите идеи не беа само сон на еден интелектуалец, туку кодификација на реалноста и патека за иднината.
Да се чекори по патот на Мисирков денес, значи да се создава. Да се создава врвна наука, уметност и култура кои сами по себе ќе бидат најсилен доказ за нашата посебност. Затоа што народите кои создаваат, не можат да бидат избришани. Тие што само се жалат и преговараат за сопствениот идентитет, порано или подоцна завршуваат како фуснота во туѓа историја. А Мисирков не нè учеше да бидеме фуснота, туку наслов.
Илија Димовски






