Некои крикнаа во наслови кои алармираа и беа упатени до Трамп: „Претседателу на САД, дали гледате што ви се случува во Македонија? Доаѓа кинеска опера!“ (со други зборови, како сте дозволиле да се случи ваков „хибриден напад“! Спасувајте или казнувајте!) Да не беше трагично, ќе беше смешно. Овој патетичен повик за помош (или кодошење, не знам точно) ме потсети на една ТВ реклама од 90-те: „Не со тие куршуми!“ (искрено, ми требаше да се потсетам на нејзината содржина, но пријателите помогнаа опишувајќи ја рекламата за ловечка муниција, во која главните улоги беа од приказната за Црвенката, шумарот и волкот. Па, волкот е тој што е преплашен од ловечките куршуми.) Ја замислив сцената на овие чипирани умови кои ниту еднаш не свикаа „не за промена на уставот, не за геноцид, не за 5 отсто од БДП за НАТО, не за царини и нов рамковен договор, итн.“ Напротив, врескаа: не за култура, не за опера! Дали беа исплашени дека на македонскиот граѓанин ќе му бидат нападнати сетилата и чувството за убавина? Зошто, американската култура за масовна употреба (со ретки исклучоци) е онаа на адреналин, страв, апокалиптични сценарија, закани и убиства на милион начини (во разните крими-серии)…
Настапот на кинеските уметници од светска класа беше толку неверојатен, различен, а сепак разбирлив за секој што сака да види што имаат да понудат другите нации. Знаете, во духот на Гоце Делчев за светот како поле за културен натпревар на народите… Натпревар во најубава смисла на зборот, би додала: не како конкуренција, туку како сложување на мозаикот на светските култури и цивилизации, без доминација и без еднодимензионалност. За релативно кратко време, ансамблот кој патуваше 8.000 километри допре до повеќе краеви и институции, и секаде ги освои симпатиите со неверојатната моќ на музиката, боите, звуците, танцовите движења, цртежите… Деновиве нашите кинески пријатели ја слават нивната Нова година, на начин кој е поврзан со пролетта, со будењето на новиот циклус на животот (ако не се лажам нешто слично има и во Иран, и во некои други култури за кои годишниот циклус почнува со цветањето и никнувањето). Да, опасни се овие работи за нашиот културен живот, кој е на умирање. Токму пред настаните за кои пишувам (и кои се ретки затоа што ние не можеме сите да одиме таму, па тие дојдоа тука), еден пријател раскажуваше за извонредната оперска изведба (Кавалерија Рустикана, ако не се лажам) пред полупразна сала.
Сакав да пишувам за културната дипломатија (која ѝ е омилена и на нашата претседателка, како што добро знаеме) и за нејзината мека моќ. Но, нашите стратешки сојузници не мируваат: Газа, Иран, Венецуела, Гренланд, па пак Газа, па пак Иран, сега ја гушат (буквално убиваат) Куба, ја кршат кичмата на Мексико… Крај нема! Културата во атлантскиот свет (како што го викаат овие ен-џи-о-а-шите) е воинствена: каде стапне нивна чизма или гради воена база, или одзема ресурси или уништува. И тука, не мислам само на САД, туку и на самонаречената „Европа“ (треба ли да објаснувам дека ЕУ не е Европа и дека начинот на кој се претставува е своевидна културна хегемонија, во смисла на Антонио Грамши? Еден брилијантен американски професор од Квинси институтот ја нарече ЕУ ментален санаториум на луѓе кои не знаат што зборуваат и страдаат од делузии). Додека на другиот крај на планетата се прославува Новата година на начин кој носи не само возбуда од мигот, туку оптимизам за иднината, во Европа се одржа традиционалната „Минхенска безбедносна конференција“, само што сега наликуваше на отворена Минхенска воена претстава. Уште од отворањето со најавата дека канцеларот Мерц ќе ја отвори на германски јазик, нештата станаа појасни. Тоа беше парада на воена хистерија на заблудени „лидери“, кои едвај и да имаат просечна оценка кај јавното мислење! Ги слушав внимателно, па иако одамна сум свесна за нивните политики кои водат кон ползечката милитаризација на системот, културата и наративите (секако, и брутално кршење на човековите права со ЕУ санкциите кои потсетуваат на смртна казна без судење и без злосторство), за миг ми смрзна крвта. Ми се чинеше дека слушам нешто познато; доаѓаа некои познати звуци кои сум ги слушала од документарни филмови, а кои датираат од едни темни времиња за капитализмот и Западот. Бидејќи, милитаризмот, империјализмот и фашизмот/нацизмот се само другата страна на капитализмот… Ако ја изоставиме Каја Калас, која како и обично тресеше зелени и ја покажуваше својата колосална глупост и незнаење, овие другите сите зборуваа во еден глас: војна, војна, војна! Подгответе се за жртви, ние се подготвуваме за војна. Веројатно светска…

И во тој војнички хор, во кој фалеа само униформи за да сцената биде комплетна, се појавува кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји! Како да доаѓа од друга планета. Кратко време претходно, неговиот американски колега Марко Рубио од истата говорница порача дека ОН биле „капут“! Замислете! ОН не решиле ниту еден конфликт (а само САД им дадоа толку можности – 70-тина војни и конфликти, да не зборувам за НАТО интервенцијата од 1999). Смирениот Ванг Ји мудро порача дека ОН никогаш не биле позначајни за зачувување на светскиот мир и безбедност и дека Кина силно ја поддржува Повелбата, иако другите ја кршат. Според него, „човештвото ги издржа ветерот и дождот за да стигне дотука, сега здружувањето треба да биде императивот. Преку реформа и унапредување на системот на глобално управување треба да го насочиме бродот на историјата кон вистинскиот курс… приоритет треба да биде ревитализацијата на системот на ОН. Тие не се совршени, но остануваат најсеопфатната и најавторитетна меѓувладина организација во светот. На оваа платформа, секоја држава, без оглед на нејзината големина или богатство, има глас и свето право да гласа, но и соодветни обврски и еднакви права. Без ОН, светот би се вратил на законот на џунглата, каде што силните ги проголтуваат слабите, а многу мали и средни држави би ја изгубиле мултилатералната основа клучна за нивниот опстанок и развој“.
Тоа се тие два света. Тие дури и не зборуваат ист „јазик“; наративот на опиените од воени профити и крв е сосема обратен од другите кои зборуваат за соработка, заедничко човештво, хармонија на различностите. Од нас („западњаците“) се очекува да веруваме дека „вторите“ се „лошите, итри момци“ кои перфидно нè заведуваат да веруваме во можност од светски мир. Минхен деновиве повеќе зборуваше за западната декаденција и разулавен колонијализам отколку за мир и соработка. Ги нема веќе ни излитените фрази за човекова безбедност, дипломатија, мирно решавање на споровите. Опомената дека може да стасаме до овој стадиум беше јасно искажана во 2007 година – му се потсмеваа на рускиот претседател, кој бараше заедничка безбедност и отфрлање на униполарната политика на сила. Се плашам дека ако не се спротивставиме, некогаш можеби ќе ги спомнуваме и зборовите кои доаѓаат од Кина. Да не биде предоцна…
Но, да се вратам на културата и уметноста… На ум ми доаѓаат размислувањата на три извонредни личности. Виџеј Прашад ми е камарад и голема инспирација. Деновиве напиша прекрасни стихови за страдањата и стенкањето на најнејаките под чизмите на неоколонијализмот и империјализмот. Ме трогна. Не знам дали зборот „прекрасни“ е вистинскиот за ваква прилика. Но, длабокиот личен порив да ја опее таа неподнослива леснотија на експлоатацијата само ја демонстрираше моќта на културата како револуционерна алатка. Другиот пријател е Џеф Рич, професор и ерудит од Австралија. Во прекрасните текстови на Сабстек неодамна зборуваше за пишувањето поезија во време на војна, геноцид, смрт. Мојот гуру, Ричард Фолк на 95 години не се предава и пишува хаику поезија која ја нарекува поезија на отпорот.
Можеби во овој текст изостанува јасна мисла и концепт. Сакав да зборувам за контрастите, за противречностите, но и за алтернативите. Како беше онаа сказна за двата волка кои живеат во нас: тој на омразата и тој на љубовта, или во геополитичка смисла: оној на војната и оној на мирот. Според легендата, преживува оној кој што ќе го храниме повеќе. Не, тука не мислам дека треба да го завртиме другиот образ или да го сакаме својот непријател. Обратно, мислам дека треба да создаваме сојузништва насекаде и со сите што не нè понижуваат, експлоатираат и не се арогантни како некоја светска елита. Ние (помалите, „обичните“) сме мнозинството, тие се малцинството кое нè држи во кафези на умот, подалеку од ведрите неба и далечните хоризонти, подалеку од доблеста и оптимизмот. Оние со кои сме сега сојузници сеат страв за сопствен профит, а „нашите лидери“ се поклонуваат. Потпишаа уште еден „рамковен договор“ со САД (всушност, оние кои го стокмија и оној од пред 25 години).
Треба да најдеме начин да ја негуваме храброста, убавината и човечноста. И пак да го прочитаме Бранко Миљковиќ, кој пееше дека : Oној кој не умее да слуша песна, ќе слуша бура… Но, и се прашуваше: Дали слободата ќе умее да пее, како што робовите пееја за неа? Што се донесува до нас овде, ние слободата ја изгубивме, или поточно – ја предадовме. И заборавивме. Сега сме робови, меѓу кои има и такви кои се освестуваат. Затоа е време и за поезија и за убавина како отпор кон смртта и некрофилијата што ни ги нудат како „цивилизација и мир“.
Билјана Ванковска











