Ми навира секогаш кога ќе наидам на настан што не можам да го објаснам поинаку – и за миг ја потиснувам. Сè до наредната прилика… Во оваа длабока мисла, акцентот е на тишината, на беспоговорното прифаќање на одземањето на слободата, пасивноста, зомбификацијата на масите (велам маси затоа што тоа веќе не се граѓани). Од денешен аспект, разликата е во тоа што не гледаме во телевизорите, туку скроламе на нашите телефони, скокаме од една сензација или забавна/тривијална вест на друга. И се разбира, сега веќе имаме и цело мени на непријатели кон кои може да се впери прстот: Русија, Кина, Венецуела, Иран, па дури и Хамас.
Поводот сега се рестриктивните мерки (како што се нарекува изумот на Каја Калас), но и Штитот на демократијата на Урсула фон дер Лаен. Велам повод, затоа што феноменот на сурово (и прилично тивко, вонсудско) казнување на поединци и групи е феномен кој постои од поодамна (ама тогаш или сме гледале ТВ или сме скролале на мобилните). Најновиот случај што вознемири дел од алтернативната интелектуална и медиумска сцена е поврзан со швајцарски граѓанин, пензиониран разузнавач, чест гостин на поткасти во кои зборува за Украинската војна. Жак Бо не е осамен случај на листа која опфаќа близу 60 поединци кои се веќе под санкции, со таа разлика што некои се вознемируваат само кога некој од „нивниот“ свет (нели, обично правичен и правно заснован) ќе биде подложен на мерки кои се косат не само со здравиот разум, туку и со правото. За тие што не знаат, на ваквите лица им е забрането вршење дејност (или јавно зборување) за надомест на територијата на ЕУ, ускратена им е слободата на движење дури и внатре во ЕУ, и конечно – замрзнат им е сиот приход и имот кој го имаат (од банкарски сметки до друг вид на располагање со недвижен или движен имот). За да ја сфатите суровоста на казната, само ставете се во чевлите на овие лица. Како би преживеале ако немате пари (дури и ако ги имате), не смеете да работите и не можете ниту да влезете ниту да излезете од ЕУ (зависно од тоа каде ве затекнале „рестриктивните мерки“)? Во Орвеловата „1984“ има израз за вакви личности – unpersons, личности кои тоа веќе не се, кои се избришани или се сметаат за непостоечки. Гледано низ призма на овие лица кои се сега таргетирани како опасност за безбедноста на ЕУ (затоа што зборуваат и анализираат), но и низ призма на сета бајка за ЕУ како заедница која почива на вредности, па дури и ги извезува, редно е да се прашаме како стасавме до оваа ситуација. Долгата рака на ЕУ досега и до државјани на други (трети) држави кои не живеат на нејзина територија, а од заклучоците на последниот самит ЕУ-Западен Балкан е имплицитно наложено дека ваквите мерки треба да важат и за нивните граѓани, ако сакаат да бидат целосно усогласени со европската надворешна и безбедносна политика.
Накусо, сега сме сите таргет и потенцијални unpersons. Таквите неличности немаат правна заштита, затоа што (замислете!) одлуките на Советот на ЕУ од областа на надворешната и безбедносната политика не подлежат на судски надзор, ниту засегнатите можат да бараат правна заштита!? Тие се непријатели и за нив не важи владеењето на правото, да бидам цинична. Од времето на Османлиската империја на балканските простори остана една добра изрека која го опишува ова самоволие и беззаконие под фасада на поредок: кадија те тужи, кадија те суди!
Не треба да си искусен правник за да препознаеш систематско кршење на основните правни принципи, од кои многумина се изведуваат уште од Римското право. Не само што казни изрекува орган кој не е надлежен, туку тие казни се насочени кон дејствија кои дури и не се дефинирани како кривични дела (Nullum crimen, nulla poena sine lege). Презумпцијата на невиност е отфрлена (Ei incumbit probatio qui dicit, non qui negat), заштитата на личната слобода е игнорирана (Habeas corpus), а процедурните гаранции—вклучувајќи го правото на жалба (Recursus) и ограничувањата на траењето на санкциите—постојат. Со други зборови, самите столбови на правдата се нарушени. Граѓаните се третираат како веќе виновни, им се одземени правата и се доведени во беспомошна положба пред произволната власт. Резултатот е кафкијанска реалност во која законот постои само како перформативна фасада, додека слободата, правичниот процес и човечкото достоинство се суспендирани.
За да се докаже дека оваа фашизоидна (некои ја викаат феудална) владетелска „логика“ (која не е врзана само со ЕУ, туку и Британија и САД) е долго тука, не е потребен поголем напор. Да почнам ли од Асанж? Доволно е да се спомене неговото име за да се сетиме за што беше незаконски држен во затвор. Но можеби помладите го заборавиле… Пред само неколку недели Јанис Варуфакис напиша извонреден текст за случајот на францускиот судија на Меѓународниот кривичен суд, судијата Никола Гију, казнет од администрацијата на Доналд Трамп заради авторизирање на налогот за апсење на израелскиот премиер и бивш министер за одбрана за воени злосторства во Газа. Во текстот, Варуфакис зборува за Европа (ЕУ) која ја изгубила сета своја сувереност, па не може ниту сака да заштити свој граѓанин. Истото се однесува и на француската држава, онаа која се удира в гради и го рецитира слоганот на Француската револуција. Патем, се сеќаваме и на забраната која Германија му ја изрече на Варуфакис за учество во дебата за геноцидот, а нешто слично ѝ се закануваа и на Франческа Албанезе.
Со случајот на рестриктивните мерки на Калас, ЕУ само направила чекор поблиску до Трамповата казнена политика и ја усовршила – затоа што казнува свои граѓани (покрај руски и украински). Всушност, ако подобро размислам, едно време се смеевме кога украинската власт направи таргет листа на поединци кои таа ги сметаше за проруски – сега ЕУ се поукраинчи, па наместо да влијае врз украинската клептократска власт, таа ја копира и надградува.
Најшокантното во оваа сторија е што ние всушност и не знаеме колкумина веќе биле жртви на оваа скриена кафкијанска творевина и колку „процеси“ се во тек. Деновиве, пријателка од Италија ми ја раскажа шокантната (и многу слична) приказна по однос на финансиското казнување која ја искусила нејзината фондација. Пред повеќе години, далеку пред настаните од 7 октомври 2023 и геноцидот кој уште трае, ним им биле замрзнати сите средства (т.е. биле казнети и ограбени) поради соработка со мировни групи од Иран и Палестина. Видете денес кој сè е таргет, дури и пред судови, за наводни терористички закани, затоа што носат кефија или се солидарни со Газа! Колку луѓе изгубија работа, дури и на универзитети, од слични и бенигни причини! Вината е во нас што реагираме на поединечни случаи, и особено кога ќе сфатиме дека заканата се доближува и до нас лично. Проблемите, како што обично бива, имаат системски корени. Станува збор за системско насилство врз правата и слободите, врз она што човекот го прави човек. И тоа трае и трае… Како во онаа позната поема „Прво дојдоа по …“.
Јас живеам во полуколонија на САД или ЕУ (тоа е сега малку конфузно). Она што сигурно го знам е дека во нашата проклета авлија, уставната сувереност ни ја одзедоа колективно, а малкумина се побунија. Канселирањето е вообичаена појава, но луѓето во стариот поданички манир си велат: молчи, може и полошо! И сега доаѓаме до видливото лошо, до кафкијанската мека моќ на Британија (!?) и ЕУ. Би рекле на Коалицијата на Подготвените. Како и сè друго, кога се наметнува наратив тоа оди преку НВО, во бенигна форма на поддржување демократски институции. Настрана трите договори наметнати од САД и ЕУ, кои го променија политичкиот лик на државата – долга и болна е таа приказна, ја знаеме добро. Сега со разни проекти на УСАИД, НЕД и други фондации се моделира умот на младите. Еве ви еден пример: еден од моите најдобри студенти добива награда од германската амбасада на натпревар за знаење на материјата на човековите права, токму во деновите кога се случуваат „рестриктивните мерки“! Не, ова не може да се измисли! И се разбира, момчето себе веќе се гледа како иден лидер, како правоверен свештеник на новата вера, нема ни збор да каже за укинувањето на човековите права во ЕУ. Многу полошо е кога овие „мерки“ ги најавуваат и применуваат првите луѓе од власта. Веќе извесно време, реториката се менува постепено: прво, станува збор за хибридни закани (кои никој не знае да ги дефинира), потоа за борба против дезинформации и штетни наративи, а во најново време како во хор сите повторуваат неколку клучни зборови „малигни влијанија“, „трети центри на моќ“ и „отпорност“. Најновиот изум е резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, со кое се забранува ширење на дезинформации од страна на опозицијата (што е друго име за цензура). Ова функционира на повеќе нивоа и како сплет на поврзани садови.
Неодамна, една образовна ама и невладина организација која се бави со медиумски студии реализираше проект наречен ШТЕТ-НА (тоа е спој на два македонски зборови иако на прв поглед звучи како еден – штетна; всушност додавката НА се првите букви од зборот наративи). Во целите на проектот беше откривање на штетни наративи кои (замислете) ја намалувале довербата во демократските инстутуции (небаре живееме во демократија, а не во заробена држава во распад – тие бараат послушност! И некритичност!). Пред кратко време, британскиот амбасадор и директорката на центарот најавија нов долгорочен проект во слична насока, и тоа во присуство на среќниот премиер. Иронијата е дека македонското општество е одамна замолчено, интелектуалците се пикнати или во глувчешка дупка или во кулата од слонова коска, каде мудруваат за сѐ освен за најважното); другите работат за профит. Медиумите ја примиле пораката и се самоцензурираат успешно. Народот скрола на мобилните. Ова го кажувам само како пример дека и европската периферија не е заборавена.
Не сакам да си придавам значење, но пред неколку месеци, при формирање на една глобална мировна мултиполарна мрежа (во која членува и Џефри Сакс) напоменав дека ќе треба да размислиме и за механизми на солидарност затоа што со таков „радикален ангажман“ (заложбата за мир е денес опасна работа) секој од нас може да се најде на удар. Тогаш, моите претежно западни колеги, веројатно помислија дека или сум плашлива или параноична. Не знаеја дека моето второ име е Касандра, онаа „лудата“ која го прогнозирала падот на Троја. Не минаа ни два месеци, и еве нè сите со истата мисла: леле, како понатаму?
Знаете која е најголемата иронија за таквите како мене кои за храброст, слободен и критичен став научиле во времето на „комунизмот“, т.е. во социјалистичка Југославија. Таков беше татко ми, таква сум и јас. За мене е тоа најприродната позиција на јавнот интелектуалец: да им ја кажува непријатната вистина на моќните, по секоја цена. И сега, јас божем родена во авторитарен или тоталитарен систем, ги гледам демокративе како се шокирани што нивната ценета ЕУ се урнисала во фашизоидни политики и прогон на поединци. Патем, во својата кариера како професор, предавав Европски политички систем неколку децении – и секогаш знаев и зборував дека е тоа празна школка на корпоративна, колонијална и империјална моќ, огрната со наметка на божемен мир, помирување, добросостојба, социјална правда и сиот тој џез. Не затоа што сум многу паметна, туку сум ја задржала детската природа и слобода да кажам кога императорот е гол.
Сега кога сите знаеме дека е гол, ќе сториме ли нешто? Или ќе се криеме и молчиме додека не дојдат и по нас?
Билјана Ванковска










