понеделник, 8 декември 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Хирошима живее во Газа

Уште една голема годишнина од првата (и втората) атомска бомба од пред 80 години ќе собере високи претставници на преку 120 држави од светот кои среде Хирошима ќе зборуваат за ужасите на војната (особено нуклеарната) кои не смеат да се повторат и ќе шепотат „никогаш повеќе“. Меѓу овие претставници, се наоѓаат и тие на Израел и за првпат на Палестина. Иронијата никогаш не била посурова: во изминатите 20-тина месеци Израел фрли шест пати повеќе експлозив врз Газа отколку што тоа го сторија Американците пред 80 години.

Сликите на Газа не доаѓаат од музеи и архиви, туку од секојдневието. Бројот на жртвите, ако е воопшто пристојно да се споредува, не е многу поразличен бидејќи оние пред 80 години го загубија животот (во најголем број) одеднаш, додека овие во Газа умираат секојдневно од експлозии, снајпери, контрактори кои делат леб или едноставно од глад. Американската верзија на атомските бомби никогаш не била ни прифатлива ни убедлива: наводно, со бомбите сакале да ја завршат Втората светска војна на Далечниот исток и да ја принудат Јапонија на капитулација. И порано, а уште повеќе денес е јасно дека Американците ја искористија Јапонија како полигон за тестирање на новото најубиствено оружје и како порака до светот дека сега тие се господари на животот и смртта (набргу, бројот на држави со нуклеарни бомби се зголеми, а на спиралата ѝ нема крај).

Но, ако Хирошима и Нагасаки ја платија цената во невини животи за завршување на светска војна, што плаќаат Палестинците во Газа (а сега и на Западниот брег)? Почеток на Трета светска војна? Во една скорешна видео репортажа од Хирошима беше прикажано едно дете, правнук на преживеаната баба од пред 80 години, кое доброволно и бесплатно служи како туристички водич. На странците кои доаѓаат им ја раскажува трагичната приказна за она што се случило, и потоа во камера ја кажува најтрогателната вистина: Најопасната работа на светот е да се заборави она што се случило и непотребно однело толку животи! Она што остана некажано од ова момченце, а кое сите ние повозрасните си го шепотиме е дека: опасноста е тука, а Хирошима и Нагасаки служат само како симболи пред кои се леат лицемерни солзи на воени злосторници – од Американците до Израелците!

За тоа дека ужасите на нуклеарното оружје се заборавени зборуваат повеќе настани од понов датум. Последниот наликува на детска игра, а е смртно сериозен. Двајца светски политичари (Медведев и Трамп) си ја покажуваат „машкоста“ преку социјалните мрежи, а резултатот на тоа е испраќање на нуклеарни подморници во близина на границите на Русија. Но, други два настани се уште позначајни (под услов да не се исполни изреката „од играчка – плачка“): прва беше операцијата на украинските сили Спајдервеб во која се нападнаа нуклеарни постројки на територијата на Русија. Вториот чин беше нападот на САД (и Израел) врз иранските постројки за нуклеарна енергија за мирновремени цели. Првиот чин беше провокација, на која не беше одговорено благодарение на разумот кој преовлада во Москва. Вториот чин, пак, колку тоа и да звучи бизарно, ја потврди тезата на севернокорејскиот лидер дека нема безбедност (детернет) без нуклеарна бомба. За некои аналитичари, Иран веќе треба да се смета за недекларирана нуклеарна сила, т.е. дека нејзиниот приоритет сега веќе станува создавање нуклеарен арсенал. Накусо, за само неколку месеци, токму пред поклонувањето пред жртвите на Хирошима и Нагасаки, стрелката на часовникот на Думсдеј се помрдна поблиску до црниот полноќен кошмар.

Сепак, нека ми простат јапонските пријатели и сите други, но попусто церемонии во Хирошима кога невин народ не умира, туку се „чисти“, се елиминира пред наши очи. Ужасот на 2025 година е дека и без нуклеарно оружје, туку со конвенционално оружје можете без отпор, без казна и без интервенција да убивате, мачите, силувате и барате „финално решение“ за Палестинците. Затоа, Палестина денес заслужува не само внимание и солзи, туку гнев и интервенција.

Да потсетам и на една непријатна вистина: во 1999 година, НАТО предводено од САД, започна хуманитарна интервенција против тогашна СР Југославија заради заштита на цивилни животи на Косово. Тоа беше нивниот изговор за кршење на Повелбата на ООН. Неколку години подоцна, напишаа устав и помогнаа да се прогласи нова косовска држава. И не застанаа тука, туку продолжија со инвенција на познатата доктрина „одговорност да се заштити“ (Responsibility to Protect, R2P) со претекст дека светот не може да седи со скрстени раце додека влада на некоја суверена држава го тероризира и убива населението во своите граници. Врз таа платформа, Американците уништија уште неколку држави. Едвај некој и да реагираше на таа крвава серија на единствената супер-сила.

Како професор можам да набројам море книги кои ја величеа и елаборираа оваа доктрина зборувајќи за пост-Вестфалискиот свет во кој државниот суверенитет веќе нема значење, ами човековите права и хуманата безбедност имаат приоритет. Сте слушнале ли некој сега да ги спомене овие наративи во врска со Газа? Се разбира, не. Сега е обратно. Можете да убивате цивили и да правите ненуклеарни Хирошими колку ви душа сака, а светот ќе молчи. Молчат всушност властите, а не знам за народ кој го поддржува геноцидот во Газа (за жал, освен израелскиот).

Некаде меѓу комеморацијата во Хирошима и наредната седница на Генералното собрание на ООН се нижат најави за признавање на Палестина како независна држава. Ќе помислите за миг дека Западот се разбудил и дека веќе не може да ги толерира снимките кои како да излегле од Аушвиц или Хирошима. Но, и тоа е политичка игра, бидејќи до крајот на септември Израел без казна, без светска интервенција, без санкции и ембарго, ќе продолжи да ги екстерминира Палестинците. Настрана, што во моментов преку 170 држави ја имаат „признаено“ Палестина. Тоа се две третини од т.н. меѓународна заедница (во која Македонија не се наоѓа, се разбира). И што од тоа, ако не можат да се здружат и да преземат заеднички санкции против израелските сили? Кога не можат да извршат хуманитарна интервенција, макар и како онаа во Косово? Тажната вистина на овој лицемерен свет е дека повеќе се потресуваат за економските и трговските врски, за царините и трката во иновации, отколку за некаков палестински народ, кој очигледно му е терет дури и на арапскиот свет. Починатите од Хирошима и Нагасаки, а особено нивните преживеани, нема да почиваат во мир сѐ додека лицето на Газа е како да е погодена со шест нуклеарни бомби, а близу милион жители се на работ на изгладнетост од која нема враќање. За кого тогаш палестинска држава, ако нема Палестинци? Но, чуму и израелска чудовишна политика и војска ако во исто време додека врши геноцид е ангажирана и во агресија врз неколку држави? Јубилеите од 6 и 9 август ќе поминат, а ние пак ќе си повториме дека светот не научил ама баш ништо од најголемото злосторство проив човечноста што некогаш било извршено во историјата на светот. Всушност, Хирoшима е веќе под сенката на Газа. Нејзините духови шетаат заедно со стотиците мртви Палестинци.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ