понеделник, 8 декември 2025
Самет Шабани

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Дали Македонија е спремна да се бори против онлајн екстремизмот?

Промовирањето на доброто и спречувањето на злото на дигиталните платформи претставува императив за современите општества и влади.

Насилните екстремистички групи и поединци, како и државните и недржавните актери на авторитарните режими, сè повеќе го користат интернетот за радикализирање на поединци, промовирање на недемократски вредности, како и поттикнување на религиозен и националистички популизам.

Покрај тоа, понови извештаи сугерираат дека во некои европски земји онлајн платформите се користат за планирање и извршување терористички напади. За да се справи со овие реалности, ЕУ ја усвои Регулативата (2021/784) за справување со ширењето на терористичка содржина на интернет (TCO).

Како Македонија се справува со заканите од онлајн екстремизмот? Одговорот го баравме преку специјален извештај за проценка на потребите на Северна Македонија во оваа област. Истражувањето се фокусираше на јавните институции, пред сè оние од безбедносниот сектор. Целта беше да се утврдат силните и слабите точки на системот и колку тој е подготвен да развива нови политики во чекор со трендовите на насилниот екстремизам и тероризмот. За појасна слика, разговаравме со низа институции и им поставивме серија структурирани прашања.

Трендови на онлајн екстремизам

Нашите наоди покажуваат дека политичките тензии, особено оние со етнички карактер, во последните години поттикнуваат содржини и пораки кои се поларизирачки, исполнети со говор на омраза и екстремистички елементи. Иако во земјата нема насилство од конфликтот во 2001 година, говорот на омраза меѓу двете најголеми етнички заедници расте на социјалните мрежи.

Ситуацијата дополнително се усложнува со појавата на верски етноцентризам, а неколку групи отворено пропагираат насилство, делумно поттикнати од надворешни влијанија, особено од Србија и Русија.

Освен етноцентричкиот екстремизам, на онлајн платформите се забележува растечки тренд на исламистички популизам. Важно е да се направи разлика меѓу исламизмот – политичка идеологија која (зло)употребува верски наратив за остварување политички цели – и Исламот како вера што промовира духовно усовршување преку верски ритуали. Наративите што кружат на социјалните мрежи повеќе наликуваат на насилен екстремизам кој служи како алатка за пропаганда на исламистички режими, како што се Турција (сунитски исламизам), Иран (шиитски исламизам) и Саудиска Арабија (вехабистички исламизам).

Дополнително, некои извештаи укажуваат дека нов метод на привлекување кон насилен екстремизам кај млади во земјата се истотака и видео игрите, онлајн „чет“ линиите и центрите за видео игри. Во минатото, имало и случаи каде што голем број млади биле регрутирани преку вакви центри за учество во терористички групи во Сирија и Ирак.

Македонија не е имуна на глобалната закана од онлајн радикализација. Земјата се соочува со предизвици поврзани со ширењето на екстремистички идеологии, регрутирањето странски борци и употребата на дигитални платформи за поттикнување насилство. Во вакви околности каде што злото станува пософистицирано преку дигиталните новости, навременото препознавање и спречување станува уште побитно. Затоа, извештајот за проценка на потребите за спротивставување на онлајн екстремизам претставува патоказ околу што би требало да се развива и подобрува во системот.

Што откри истражувањето

Според истражувaњето, во Македонија има пет различни институции што активно набљудуваат онлајн безбедносни закани: Министерство за внатрешни работи, Министерство за одбрана, Агенција за национална безбедност, Агенција за разузнавање и Управата за финансиско разузнавање. Сепак, главниот предизвик е дека сите пет институции делуваат некоординирано во меѓусебната соработка.

Националниот комитет за спречување на национален екстремизам и борба против тероризам чија одговорност е да ги кординира институционалните политики во оваа област, предвидува формирање на специјално кординативно тело токму за оваа намена. Таквото тело не само што ќе спроведува онлајн мониторинг, туку ќе биде и главна контакт точка на државата за соработка со меѓународни партнери како што се ЕВРОПОЛ или Глобалниот интернет форум за борба против тероризам. Според Акцискиот План на комитетот, Владата се залага за формирање на ова тело во периодот 2025-2027 година.

Покрај недоволната координација, Македонија се соочува и со недостиг од современи технички капацитети за следење и спротивставување на онлајн екстремистичка содржина. Земјите од ЕУ, во соработка со ЕВРОПОЛ, користат напредни ОСИНТ алатки за оваа цел. За обезбедување на вакви алатки се потребни финансиски средства кои треба да бидат издвоени од Владата. ЕВРОПОЛ, преку системот ПЕРСИ, ги координира земјите на ЕУ во борбата против онлајн безбедносни закани и издава наредби до компании како Фејсбук, Јутуб и X за отстранување на терористичка или насилно-екстремистичка содржина во рок од еден час. Македонија, сепак, ќе има пристап до овие ресурси дури по приклучувањето кон ЕУ.

Во однос на правните капацитети, Кривичниот законик предвидува рамка (член 394-б став 3 и член 394-г) за санкционирање на дела поврзани со онлајн насилен екстремизам. Во моментов, Основниот кривичен суд во Скопје треба да одлучи за првиот случај од овој вид, во кој четири лица се обвинети за формирање терористичка организација преку апликацијата Телеграм. Сепак, во Македонија сè уште недостасува посебна регулатива, каква што постои во ЕУ, која ги адресира најновите трендови – на пример, обврската за отстранување на екстремистичка содржина во рок од еден час.

Што значи ова за Македонија

Трендовите на екстремизам и тероризам на интернет се развиваат со голема брзина и стануваат сè пософистицирани, додека во општеството веќе постојат услови за индоктринација од државни и недржавни актери поврзани со авторитарни режими.

Во таков контекст, градењето соодветни институционални капацитети за спротивставување е клучно за одржување на општествената кохезија. За да се поттикне поинтензивен развој во оваа насока, извештајот нуди низа препораки, меѓу кои:

  • Формирање на кординативно тело: Оналјн безбедносните закани може да се адресираат само со кординација (споделување на информации, искуства и практики помеѓу институциите). Друга алтернатива не постои. Затоа, Владата треба да го иницира формирањето на коoрдинативното тело за онлајн мониторинг на насилен екстремизам и тероризам.
  • Градење на човечки ресурси: Владата треба или да вработи посебни лица чија експертиза и должност би било следење на онлајн безбедносни закани, или да обезбеди професионални обуки за постоечките вработени во релевантните институции, во соработка со меѓународни кредибилни организации.
  • Градење на технички капацитети: Владата треба да обезбеди софтверско решение за адресирање на онлајн безбедносни закани. Снабдувањето на ОСИНТ платформа можеби не е реално решение со оглед на постоечките финансиски капацитети. Сепак, како привремено решение може да се спроведе моделот ЈПП (јавно-приватно партнертство) со ИТ компании во земјата, кои што нудат професионални услуги за дигитална аналитика, 24/7 мониторинг, итн.
  • Воведување на посебна регулатива: Со цел воведување на ЕУ стандарди во земјата во оваа област, што би помогнало и во преговорите за членство.

Промовирањето на доброто и спречувањето на злото на дигиталните платформи претставува императив за современите општества и влади.

Самет Шабани

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ