Многу пати сум кажал, ама пусто се заборава. Јас не ја разбирам сегашноста, а иднината не ме разбира мене. Затоа, си ги собирам пљачките и си одам во минатото. Пристигнав. Од детството најмногу се памти кога тато те носи на раменици „кркуш“, а ти од таа височина гледаш на светот со двоглед свртен наопаку. После светот така те гледа. После не те гледа. Во минатото скоро да немаше вонбрачни деца. Кога некое дете ќе станеше сирак, одма го посвојуваше некое семејство. Така беше и овој пат. Еден ден, уште пред да закукурика првиот петел, тишината ја распара глас на бебе. Стамен и Цвета се будат и што ќе видат? На прагот пред нивната врата, во кошница лежи оставено бебе и си плаче.
Цвета беше шнајдерка. Шиеше ефтино, на вересија, а многу пати и не наплаќаше на сиромашните. Стамен беше чувар на градилиште. На некој буџа (функционер) му стребало бетон и цигли за да си ја догради викендичката. Една ноќ пратил камионче со двајца послушни работници. Стамен културно ги опоменал неколку пати, ама џукелите со камиончето биле упорни и агресивни. Тогаш Стамен зел дел од градежниот материјал и во класична педагошка постапка ги направил „комиње“. Во болницата едвај ги закрпиле. После дал неколку боци од својата ретка група крв за обајцата. Да им надомести за нивната пролеана крв, додека тој го бранел државниот имот. Стамен беше стамен. Често го цитираше својот дедо Дамјан: „Во животот сите умираат различно, освен ретките што умираат од смрт“.
Го внесоа бебето дома и сите тројца долго плачеа. Стамен и Цвета од радост, а бебето од глад. И јас плачев. Мислев дека така треба. Имав пет години, три џамлии и два заба. Стамен и Цвета долго време немаа дете, а после се откри дека не можат да имаат. Тоа во старите времиња беше многу страшно и болно. Затоа дедо Господ им го прати напуштеното бебе. А тие го чуваа како зеница на своето око. Многу години подоцна, другарот маршал Тито зеницата ја спои со терминот „братство-јединство“. Бебето го крстија во црква со името на дедото Дамјан. Заради домаќинскиот ред, а и немаше модерни имиња какви што се денес. Ние си го викавме Даме, нагалено. Таква весела и масовна крштевка немало никогаш. Дојдоа гости од цело Скопје, Македонија, Европска Унија и еден од НАТО, маскиран во цивил.
Денес е 22 Цутар (март) 1962 година. За мојот роденден Даме ми донесе калеидоскоп. Дека ми беше комшивче и дека еднаш го спасив од еден гилиптер што сакаше да му ја опљачка неговата топка, вртимушка и геврекот. Калеидоскопот е како дурбин. Едното око го затвораш, го ставаш на другото и го вртиш. Внатре цел космос прави најразлични и најчудесни фигури во боја. Таа играчка беше реткост, покрај другото и заради црно-белиот свет. Даме беше помал пет години, ама беше попаметен и поубав од сите нас. Додуша, ако се погледнеме какви сме, не му беше тешко ни едното ни другото.
Таа иста година, Вардар ги излеа своите бурни чувства дури до „техничко“ и киното „Карпош“. И додека сите ние уплашено се туткавме околку радиото, за да го слушнеме последниот извештај за водостојот на реката што нè потопи, Даме во рибарски чизми слободно си шлапкаше по матната вода. Следната 1963 година нè избомбардира земјотрес. Исплашени како зајачиња во време на слободен лов, спиевме во дворови, ливади или бегавме од Скопје. Даме си спиеше дома, како ништо да не било. Дали со некоја божја исконска мудрост, тој и неговите родители сметале дека е непристојно да се надмудруваат со природата? Одговорот никогаш не го добивме.
За разлика од денешниве Кембриџи и Мембриџи, ние на школо имавме и важни предмети. Домаќинство и ОТО (општотехничко образование). Девојчињата везеа и плетеа. Ние резбавме шпер плоча со која ја правевме Ајфеловата кула. После ја стававме на миљенцето врз телевизорот. Најомилени предмети нѝ беа ужинка и настава во природа. Таму се растрчувавме како кутриња пуштени од сиџим, после долго време. За среќа, нашите беснотилаци во природа, не влегуваа во оценката „покажува (или не покажува) особен интерес и успех“.
За да не испадне дека навивам за „Партизан“ и социјализмот, криво ќе седам ама право ќе зборам. И тогаш имаше голема сиромаштија како денес ама рамномерно распоредена, освен таму каде што не беше. Затоа тогаш се роди славната реченица: „Сите животни се еднакви, но некои животни се поеднакви од другите“.
Додека ние кенкавме за сè и сешто, Даме никогаш и за ништо не се пожали. Беше озарен како сончоглед на платната на Ван Гог. Кроток како бајче кога спие. Наш Робин Худ, и повеќе од тоа. Срдечен и весел како од цртан филм. Така беше и тој ден. Додека се ашкавме накај првата маалска фурна, некогашното бебе, а сега наше верно другарче, прв пат во својот живот воздивна: „Нешто ме јаска во стомаков“. Во истиот миг, еден гавран го пресече небесното синило со најцрниот крик на сите времиња. Ние стоиме до фурната и мљацкаме топли и бесплатни трошки бурек. Тоа што за некого беше невидливо, за нас беше гозба. Барем да беше обратно. Не беше. Беше студено. Неколку капки пот како монистра се стркалаа од неговото сиво чело. Тогаш Даме прв пат во животот нешто побара: „Дај малку од тоа бурекот“.
Добро, сите знаеме дека тоа не е никаков бурек. Тоа се само трошки од некој замислен бурек. Но во минатото, освен содржината беше важна и формата. И таман кога Даме ги доближи трошките до… Нешто претерано црвено и болно, почна да излегува од неговата уста, нос, уши… Помина една вечност додека пристигна Брза помош. Даме за цело време стоеше исправен со својата блага насмевка. И ние стоевме. Без никаква насмевка. Само со оловен дожд што нè соголи до гола кожа.
Во фараонска тишина и сто години самотија, нашиот угледен маалски мислител Мане Кант, огорчено опцу: „Да тибам филозофијата, науката и све по список! Абе сè измислија против животот, а против смртта ништо!“
Што се случи во меѓувреме? Во меѓувреме се случи ништо.
Братислав Димитров










