Се пребројуваат странските државници кои ќе застанат на бината на воената парада покрај претседателот Си Џинпинг (за Владимир Путин веќе нема дилема дека ќе биде таму), а некои дури шпекулираат дека постои можност таму да се појави дури Трамп. Иако е тоа малку веројатно, одредени мировни коалиции во кои учествувам апелираат и сметаат дека е ова соодветен повод лидерите на најмоќните земји да се потсетат на ужасите на Втората светска војна. Идејата е благородна, во духот на Повелбата на ООН, но и навремена во период кога над светот се надвиснале темни облаци. Меѓутоа, проблемот е многу посериозен, а највидлив преку образложението на европските лидери дека не можат да се појават во Пекинг „за да не ја навредат Јапонија“. Со кинеската комеморација на завршувањето на Втората светска војна се комплетира циклусот, 80-годишнината, но се поставува прашање: дали ние воопшто и знаеме што се случувало и колку е жив одекот на сеќавањата од тој период?
За Македонија не ми се ни зборува кога ќе се сетам на колку недостоен начин се одбележа јубилејот во мај. Ние всушност сме се одрекле од својата славна историја на учество во големата антифашистичка коалиција „за да не ги навредиме соседите“ или налутиме Европејците. Уште малку и ќе ги премолчуваме партизаните, небаре се срамиме од нив… Тоа е она што ме боли – покрај губењето на националниот идентитет, сами ги сортираме спомените на жртвите дадени за нашата слобода.
Но, овде пишувам за една огромна црна дупка во сеќавањата за Втората светска војна – со акцент на зборот светска! Ако била светска, а била, тогаш зошто толкав молк и ревизионизам околу улогата на четвртиот сојузник во алијансата на победниците – Кина? Знаете ли дека Кина била првата земја која влегла во Втората светска војна, и излегла последна? Војната таму траела не од 1939, туку од 1931 (нападот на Манџурија) сè до капитулацијата на Јапонија. Знаете ли дека оваа земја имала централно значење не само за азискиот фронт, туку за текот и исходот на целата војна? За 14 години таа дала околу 35 милиони жртви, на својата територија задржала еден милион јапонски војници, со што им овозможила на другите сојузници (СССР и САД) да ги бијат другите битки. Зошто тогаш толку малку знаеме за овој придонес, зошто не се цени повеќе иако постојат записи и изјави кои ја потврдуваат кинеската улога и од Рузвелт, Черчил и Сталин?
За повеќето од нас (дури и не за сите), најстрашниот чин кој го паметиме како завршеток на Втората светска војна се бомбите врз Хирошима и Нагасаки. И треба да се памети како опомена за уништувачката моќ со која располага човештвото, а којашто САД ја употреби без око да им трепне за нејзините ефекти. Тоа останува најужасниот чин на злосторство против човечноста сторено со една, т.е. две бомби. Денес веќе е тешко да се знае колкав е вкупниот нуклеарен арсенал на земјината топка. Но, за миг да ја оставиме таа тема настрана. Овде е важно дека американската окупација на Јапонија веднаш по капитулацијата и наметнувањето на т.н. мировен устав имаат малку со вистинскиот мир. САД набргу создаваат своја сфера на интерес (среде биполарна поделба на светот, Студената војна меѓу нив и СССР) во Индо-Пацификот. Тоа бараше и (бизарна) ревизија на историјата: САД никогаш не изразија жалење за Хирошима и Нагасаки, но веднаш ја милитаризираа Јапонија! Иако т.н. мировен устав беше американски производ, од него не остана ништо. Напротив, сега зборуваат за „нуклеарен чадор“ и купување уште повеќе оружје од САД. Зошто? Наводно, за да се бранат од „големата закана“ – Кина. Со други зборови, низ сите овие 80 години на Кина се гледа низ непријателски нишан: прво „крив“ беше комунизмот, сега економскиот подем.
Онака како што Руската федерација ги негува спомените за страдањата на својата популација и војска, и Кина сака признание за својот удел во победата, но и на жртвите. Оние за кои речиси и да не знаеме ништо. Кинеската борба против јапонскиот милитаризам е неиспеана, за нас и светот речиси непозната приказна. Но, ако и малку покажеш интерес за оваа „црна дупка“ во човечката колективна меморија откриваш ужаси какви што е тешко и да се опишат. Документарните филмови ги покажуваат со заматени сцени на масакрите (за да се поштеди гледачот од грозоморните сцени), како и лабораториски експерименти врз живи луѓе (па и бебиња) од кои доктор Менгеле би се воодушевувал. Она што можете да го најдете за масакрот во Нанкинг (1937) каде биле убиени околу 300.000 цивили и извршени масовни силувања е тешко да се гледа без да ти се преврти утробата. Онака како што Германците биле прецизни и дисциплинирано организирани во бележење на своите крвави „постигнувања“, истото го правеле и Јапонците со камера и архиви – иако егзекуциите им биле отворено брутални и хаотични (на пример, натпревар кој може да убие повеќе заробеници дневно, како наслови на дневни весници за ривалството на „двајца јунаци“). Тоа и тогаш било толку одвратно што германски претставници на теренот пишувале дописи и барале од Берлин да го смири Токио.
Вџашено сфаќате дека Јапонците биле не помалку „креативни“ во садистичките изживувања врз недолжно население. За оваа темна страна на јапонскиот фашизам се зборува малку, односно тоа го прават само некои храбри јапонски историчари од мировни институти и универзитети, како што е на пример Сеија Матцуно. Централно место зазема озлогласената „Единица 731“, одговорна за хемиско и биолошко оружје, и најужасните експерименти врз живи луѓе. Овие историчари соработуваат со кинеските колеги во име на вистината, но и (како што велат) заради предупредување и за да не се повторат ужасите од минатото.
Кога ќе почнеш да ја откриваш Втората светска војна од „онаа страна на планетата“, те фаќа срам што сите холивудски (па и наши) филмови селективно овековечиле едни, а заборавиле други (трети се целосно рехабилитирани, а четврти од жртви станале ѕверови). Западот и денес остана доследен на својата дискриминаторска и расистичка позиција дека „едни животи се повредни од други“. Кинеските жртви никогаш не добија признание од светот, а злосторниците (од она време) се завиени со велот на простувањето заради ужасот од атомската печурка. Денес е ист случајот со Газа: додека американскиот претседател рони солзи над украинските жртви, нема ни една за населението во Газа кое неговиот пријател Биби го „тамани“ веќе 22 месеци. Европјаните не се ништо поарни, збудалени од воинствена треска која може да нè турне и во Трета светска војна. Колонијалното и империјалното искуство е длабоко всадено во нивната верзија на историјата (која најчесто ја нарекуваат „цивилизаторска мисија“). Денес Западот е во трговска, но се подготвува и за друга војна со Кина (ако ја прашате Каја Калас, но и некои сериозни аналитичари). Војничките тапани почнуваат да чукаат сè погласно против тој „лош, авторитарен, комунистички режим“. Кинескиот антифашизам, па дури и денешната уникатна мировна политика кон целото човештво, не му одговара на современиот западен наратив. Тезата дека „победниците ја пишуваат историјата“ се покажува дискутабилна. Бидејќи Кина беше победник, но никогаш не доби шанса да ја прикаже својата страна на придонесот, храброста и жртвата, ниту да добие фер признание. Денес, без никаков повод, се смета за непријателска земја во западниот дискурс. Западната хегемонија е метастазирана дури и во интелектуалната и академската сфера, а за пропагандата и да не зборуваме – таа е поусовршена денес од онаа, старата на Германија.
Да резимираме, Втората светска војна ниту почнала ниту завршила во Европа. Кина имала свое место на масата во Јалта и Потсдам, и стана основач на ООН. Може дури да се каже дека беше првата држава којашто стави потпис на Повелбата на ОН, и до денес остана најдоследен поддржувач на тој меѓународен систем на колективна безбедност. Сфаќаме ли ние зошто е за Кина толку значаен настанот на 3 септември во Пекинг (одбележувањето на 80-та годишнина трае веќе подолго време низ разни настани, ширум таа огромна земја)? Затоа што таа има право да излезе од наметнатиот наратив на САД, земја која влезе последна во војната и даде најмалку човечки жртви и страдања, плус употреби атомско оружје и сотре цели градови (како Дрезден)! За разлика од САД и Европа, Кина ја цени својата улога и легитимитет како член на антифашистичката коалиција, но покажува дека ја научила и применува лекцијата „никогаш повеќе“. Таа е пример за мирољубив член на меѓународната заедница, која сите напори ги вложува во развој, елиминација на сиромаштијата, помагање на неразвиените земји, поврзување на светот низ инфраструктура и мировна филозофија.
Целата низа настани со кои Кина ја одбележува победата над фашизмот е и контрапункт на западната „монополизација на сеќавањето“. Или како што вели професорот Варвик Пауел, „цели осум децении, Западот ја пишуваше Втората светска војна како американска и европска, оставајќи ѝ на Кина статус на фуснота“. Јас би додала дека во вакви времиња кога се подготвуваат уште пострашни војни, сеќавањата не се доволни; она што се случува во Газа, но и на многу други места ширум светот покажува дека борбата против нечовечноста и фашизмот не е завршена. Комеморациите на минатото не служат како спектакл или „натпревар“ со другите. Напротив! Тие треба да покажат дека светот е мал и поврзан, а дека неговиот опастанок е можен само со заеднички ангажман против сето она што е нечовечно и уништувачко за сите нас.
Билјана Ванковска











