Ете така, понесен од благородни чувства почнав да ја пишувам оваа лирска приказна, ама изгледа дека не ѝ било пишано. Тркнав накај гранапче да набавам основни животни намирници (цигари и кафе) и тука најмногу згрешив. Седнати на гајби од пиво, угледни дискутанти фатиле бусија. А неколкумина од нив се залепиле до ѕидот за да бидат издавачи на своите графити, затоа што нивната креативност и луцидност никој не ја печати. Најискусниот од нив, од кого немаат раат и ѕидовите што сѐ уште не се изградени, го прашувам срдечно: „Абе Цонка, како иде?” Откако пљуцна неколку пати низ предните пожолтени заби, резигнирано ми одговори: „Абе како да ти кажам, во последно време ме бие малер. Отидов во Берлин да напишам графит, а тие го срушиле ѕидот!?” И таман да му кажам дека требало да почекаат со тоа рушењето, Цонка веќе го испишал следниот графит: “Која е разликата помеѓу СИДА и пензија? Со СИДА подолго се живее!”
После една цела вечност од неколку секунди тишина, главниот дискутант кој се одзива на името Мане (нагалено од Емануел Кант) за момент се откажа од услугите на гајбата за пиво и така исправен почна да води монолог со мене на тема конспирација и заговор. Основната теза му беше дека Америка била откриена уште пред Колумбо, но сѐ до тогаш, случајот бил заташкуван! На ист трошок, Мане го постави и основното филозофско прашање: „Која е суштинската разлика помеѓу фудбалер и политичар?” И додека ние гужваме мозочни бразди, тој веќе ја решил равенката: „Кога еден фудбалер ќе премине во нов тим, неговиот стар тим добива оштета. Кога политичар ќе премине во некоја друга политичка партија, тогаш партијата во која што преминал добива оштета! Според неговото последно научно откритие, социјализмот имаше само една мана. Кратко траеше!
Попаметниот никогаш не може толку да попушти колку што глупавиот може да затегне. И кога брачната другарка Пацка почна да му се извикува како во три сапунски серии истовремено, дека заборавил да купи прашок, шеќер, сол, вегета, к’на… Мане од своите езотерични височини со глас на ладен шпицер и на општо запрепастување на овдешниве феминистки, културно ѝ се обрати: „Море ајде гитла додека сум фин!” Како изгледа кога не е фин, знаат само ѕидовите на неговиот топол дом и сценаристите на хорор филмови во Холивуд. „Гитла” е нтернационален маалски израз. Секаде во светот е со исто значење но се искажува во различни форми. Во Токио формулацијата гласи: Господине, ќе бидам далеку посреќен доколку од овој момент па натаму засекогаш ќе ми ја ускратите привилегијата да уживам во вашето ценето присуство. Во Тафталиџе никој нема време за губење и синтагмата гласи: Море носи се у п…. мајчину, џукело една! Ете затоа Јапонците произведуваат ајфони а ние фестивали. Имаат повеќе трпение од нас.
Заради неколку работи во социјализмот, никако не успеав да го засакам капитализмот. Времето се движеше бавно, а често пати и стоеше. Тоа се духовни состојби кои се препознаваа по термините: мерак, ќеиф, лезет, севдах, кафеанска катарза, бадијалчење или безгранично тепање на време без никаков повод и причина. Мрзата беше аристократска категорија која ја имаше само во социјализмот! Тогаш имаше многу малку работи или воопшто ги немаше, но никој не може да каже дека хедонизмот беше запоставен. Напротив. За разлика од денес, кога истовремено, јадеме сендвич, сурфаме на интернет, разговараме на мобилен, гледаме телевизија и патем се караме со најблискиот до нас.
Решавањето крстозбор беше активност која ти даваше чувство на човек на кого сѐ му е потаман. Сѐ си решил во животот, само уште крстозборот ти останал да го решиш! И го решаваш, во секое време и на секое место. Прво ги запишуваш иницијалите И.В. (Иво Андриќ) Е.К. (Едвард Кардељ) па после ја пишуваш вечната река во крстозборот и во Италија со две букви – „По”. Па одиш на потешкиот дел, „мушки украс” со три букви? Задоволно запишуваш „брк” и тераш со несмален ентузијазам, затоа што овој пат крстозборот е награден. Поголемите мераклии купуваа мамутски крстозбори со што во целост го исполнуваа своето работно време, а многумина од нив натфрлаа и норма! Дека оваа ментална заебанција „навлезе во сите пори на социјалистичкиот развој” сведочи следната сцена. Влегуваш во амбуланта, а лекарот наместо да те праша за здравјето, те прашува за 3 вертикално и 2 водорамно, само уште тие му останале празни од шпартаните коцки. Ти му ги кажуваш решенијата, тој без проблем ти пишува 2-3 недели боледување, а ти после тепаш плашки, кркушки и попадики по околните мориња, езера и бистри реки, башка скара со колегите рибари!
Чепкањето нос беше посебен ритуал, а од денешен аспект и уметнички перформанс со голема животна поента. Оптегнат како гуштер на карпа во Мексико, сопственикот на носот со посветеност и студиозност ја почнува својата хедонистичка сеанса. Откако пополека ќе ја ископа целата драгоцената содржина, со палецот и показалецот внимателно од неа прави мали совршени топчиња, а после ги лепи насекаде каде што ќе стигне, а стига насекаде!
И на крајот, последниот час по хедонизам со работен наслов: „Недела, ти, автомобил, двор и црево вклучено во водовод”. Уште рано сабајле по ладот, едно 5-6 саати ја тимариш и ја л’скаш својата лимузина, тогаш „фичо”, „лада жигули” или „југо корал”. Ја кастриш живата ограда како бербер стилист, а после истураш неколку нијагари вода врз неа, крувчето, мушмулата, дуњата и тревата. Седнуваш среде дворот, малку да се одмориш и да се оладиш. За босите нозе во апостолки арчиш цистерни вода, сѐ до првиот мрак. Тогаш немаше невладини организации за да те искараат дека твоите „копита“ не заслужуваат толку чиста вода за пиење, додека милиони во светот умираат од жед.
Моите другарчиња се повеќе ги нема. А мене сѐ помалку ме има. Добро. Не се жалам. Не се фалам. Таков е вселенскиот обичај. Животот е најголемиот подарок што до сега сме го добиле. Иако, повеќе го паметам тротинетот што го добив за мојот петогодишен роденден. А најмногу паметам како тато ме носеше „кркуш“ на раменици, а јас од височина го гледам светот со двоглед свртен наопаку.
И таман кога Месечината го фрли својот последен сребрен бидермаер зад пурпурниот хоризнот, а првите дождови почнаа да шепотат и баботат по околните ќерамиди и олуци, јас загледан во небесниот бескрај прошепотив: „Блескај, ти луд дијаманту“.
Братислав Димитров












