Омилена активност на младите од Апсурдистан им беше да се иселуваат од Апсурдистан. Сепак, надлежните воопшто не беа загрижени за овој проблем. Оти нели народната мудрост вели: младост-лудост. Ќе си отидат млади, ќе се вратат како пензионери – кога ќе им дојде паметот!
Меѓутоа, еден ден, дури и бубашвабите почнаа масовно да се иселуваат од Апсурдистан. Е, ова веќе сериозно ги загрижи надлежните во Апсурдистан! А како да не ги загрижи? Без бубашвабите, наталитетот во Апсурдистан би паднал како влада соборена од шарена револуција, улиците и зградите би останале пусти, особено на лето, и – што е најважно – би немало од каде да се пополнуваат партиските штабови: Апсурдистан би останал без пратеници, без градоначалници, без советници, без министри… со други зборови, би завладеало она од што секое политички коректно граѓанче се гнаси од најголемите длабочини на својот празен граѓански стомак – анархија!
Затоа, надлежните во Апсурдистан презедоа итни мерки за да ги задржат бубашвабите во државата и се нафатија да им обезбедат на бубашвабите сè што сакаат: смрдеа, темница, процепи и влага.
Најпрвин, бидејќи бубашвабите многу сакаат смрдеа, целата држава под итно беше претворена во една огромна депонија. Секако, тука многу помогнаа и стратешките партнери на Апсурдистан, кои великодушно и несебично го извезуваа своето ѓубре во земјата.
Што се однесува, пак, до процепите и пукнатините, ништо не е попогодно за процепи и пукнатини од – правото! Па така, надлежните во Апсурдистан оттогаш па натаму носеа закони и амадмнани преполни со пукнатини и процепи, за на бубашвабите да им биде удобно! Дури и некоја пукнатина да им се промакнеше на законодавците во некој закон, тука беа судиите и обвинителите да ја отворат!
За да се обезбеди темница за бубашвабите, главното село… ова… главниот град на Апсурдистан, каде бубашвабите беа најгусто сконцентрирани, беше претворен во една огромна бетонска џунгла – високококатници и станбени комплекси беа толку густо начичкани, толку слепени еден до друг, што светлината, таа никаквица, едноставно немаше од каде да продре во бетонската џугла, што, впрочем, беше уште едно сведоштво за ингениозноста на апсурдистанските селски… ова… градски планери и урбанисти!
Обезбедувањето доволно влага за бубашвабите беше особено тежок предизвик за надлежните, бидејќи Апсурдистан беше сушно подрачје со скромни водни ресурси. Но ни тука не затаи ингениозноста на надлежните: за таа цел, тие го осмислија врвното достигнување на секоја либерална демократија – изборите. Имено, на изборите политичарите им продаваа толку многу утопии на граѓаните на Апсурдистан, што овие, заедно со целата земја, остануваа обилно утопени цели четири години, после што се одржуваа нови избори; дури ни Тигар и Еуфрат во Сумер и Нил во стариот Египет не ги поплавуваа своите брегови така штедро како што апсурдистанските политичари ги поплавуваа своите граѓани со утопии пред избори! Доколку, пак, настапеше вонредна суша, се организираа вонредни избори. Бидејќи Апсурдистан беше релативно сушно подрачје, често мораа да се организираат вонредни избори…
И така, апсурдистанската демократија најпосле повторно беше здрава и во подем: бубашвабите се раскомотија во Собранието, во Владата, во локалната самоуправа, судството, инспекторатите, администрацијата… Единствено одвреме-навреме недостигаа граѓани, но, како што размислуваа мудрите апсурдистански политичари напикани во своите дупки… ова… во институциите: помалку граѓани – помалку проблеми!
Туку, по ѓаволите, знае ли некој воопшто кои се надлежните во Апсурдистан?!!!
За одговорот на ова прашање Метафизичката управа ја нудеше Нобеловата награда за метафизика.
Рајко Пеколски












