понеделник, 8 декември 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

80 години ОН: Време за прослава или вртење нова страница?

Оваа година, како ретко која досега, ниже јубилеј по јубилеј. Од еден крај на светот до другиот. Сепак, темата која досега го обиколи светот е крајот на Втората светска војна и зачетокот на новиот меѓународен систем заснован на Повелбата на Обединетите нации.

Воените паради и броењето жртви го видовме – тоа беше соочувањето со минатото и цената на мирот во повоениот период. Деновиве, додека се одржува годишната седница на Генералното собрание на ОН, па сè до Денот на Повелбата (24 октомври), ќе рефлектираме за сегашноста и иднината. Среде најужасни сцени (кои на миг ги засенуваат и оние од Аушвиц или Јасеновац), среде геноцид кој веќе две години се одвива „на раат“ (за Израел), тешко е да се слави. Тешко е и да се гледа кон иднината. Толку многу нејаки деца изгубија иднина, дури и ако случајно не беа убиени додека чекаа храна или спиеја. Палестина ќе нè пече додека сме живи, барем нас кои имаме совест.

Расправите во врска со ООН, оние интелектуално и политички најмрзливите, најчесто одат во две крајности: од тоа дека Организацијата се покажала неефикасна, импотентна, па дури и непотребна – до тие кои се држат за неа како давеник за сламка.

Во момент на гнев и очај, не чуди негативната реакција која бара радикално „решение“ – гасење на еден разграден механизам на агенции, институции, мрежи, кој освен порази има и успеси. Но, лесно е да се урне нешто. Потешко е нешто да се изгради, особено во ваков историски миг. Да не заборавиме, ОН се формирани во време кога се сведуваат резултатите од ужасите на глобалната војна, па и желбата за мир била речиси сеприсутна. Денес, како што велат некои, светот е на раб на нова глобална војна. Ако е така, тогаш  уште поважен е одговорот на прашањето: има ли возрасни во собата? Има ли некој со разум, мудрост, трпение и визија да предложи иницијатива за ревитализација на светската организација? Всушност, почетна точка на секоја анализа е следната: ОН не се некакво битие само за себе; организацијата е она што од неа (ќе) прават државите членки, особено оние кои имаат непропорционално посилна позиција во телата на одлучување. Значи, секој успех или неуспех на ОН – на еден или друг начин – е поврзан со однесувањето на оние кои ја сочинуваат.

Во право се оние кои внимателно ја препрочитуваат Повелбата, и ја нарекуваат најгандиевски документ, или со други зборови, најмировен концепт за светскиот поредок што некогаш бил напишан. Ако на тоа се додадат другите документи како Пактот за политичките и граѓанските права и Пактот за социо-економските права, но и бројните конвенции (меѓу кои и таа против геноцидот), навистина под нашите нозе лежи (згазена) визија за мирољубиво човештво. Вистината е дека и многу од уставите во светот ја имаат истата судбина – да се прекрасни зборови на хартија, чиј ефект во стварноста е тешко да се види. Во време на празна реторика или дури и извртување на концептите, треба да се вреднуваат иницијативите кои го надградуваат светскиот глобален поредок врз темелите на Повелбата. Тука морам за миг да се осврнам на нашето државно водство: претседателката имаше некакво снимено обраќање и тоа на англиски јазик, очигледно снимено пред заминувањето во Њујорк каде ќе учествува на годишната сесија на Генералното собрание на ОН. Го споделила на социјалните мрежи, со навидум нејасна цел. Дали вежбала пред камера или нешто друго е во прашање, не знам; но јасно е дека голем дел од населението нема да разбере ни збор. Но, целта беше јасна: претседателката се декларираше како лојален вазал на западните центри на моќ! Ќе речете дека е престрога оценката кога зборуваше за мир, развој, човекови права, општествен договор со природата, итн. Но, сето тоа се општи фрази без суштина во момент кога светската судбина се прекршува. Она што беше најважно во тој говор беше нејзината теза дека „поредокот заснован на правила“ (rules based order) бил загрозен! И знаете од кого/што? Од промените во вид на растечки мултиполарен систем. Во најмала рака е необично кога професорка по право користи политички синтагми кои ја кријат суштината на империјалниот и хегемонистички наратив на Западот. Она што последниве години се нарекува rules based order е всушност искривената верзија на меѓународното право (а тоа е една од темелните вредности на нашиот уставен поредок). Значи, професорка по право и претседателка користи измислен и опасен термин, бидејќи „правилата“ веќе не се во Повелбата туку во реал-политиката и политиката на моќ (воена првенствено). Западот и неговите сојузници превенираат мир, со презир гледаат на дипломатија и преговори, мижат пред кршењето на Конценцијата за забрана на геноцид (изгледа Хутите знаат најмногу за тоа кога постапуваат токму како што налага Конвенцијата). Накусо, во Македонија ништо ново: сонцето и натаму изгрева на Запад.

Но, на Истокот погледот на светот е многу поинаков, истовремено модерен, а сепак со нежна грижа за принципите на Повелбата. На последниот самит на Шангајската организација за соработка кинескиот претседател Си Џинпинг уште еднаш ја образложи иницијативата за глобалното управување, која е брилијантна затоа што е истовремено доволно внимателна кон темелите на кои почива овој поредок и на потребата градбата да се промени согласно изменетите историски околности, но и научени лекции од изминатите 80 години. Еинар Танген со право оваа иницијатова ја нарекува антидот на пропаднатата ера на униполарна ароганција. Затоа што и најтрпеливите веќе сфаќаат дека е доста со попуштање пред оние кои се насилници и кои го туркаат светот во бездна. Кинескиот начин на соопштување на нештата е многу поразличен од западниот; не е брутален, туку префинет – но и доволно јасен за да погодиме кој е оној што го загрозува поредокот заснова на Повелбата (Chater-based order, а не rules-based order – разликата е огромна!). Во основата на оваа иницијатива лежи дијагнозата за светскиот поредок кој е зафатен со три кризи: криза на легитимитетот (не ја одразува новата конфигурација на светските односи и актери), криза на неефикасност (парализа на институциите) и криза на визијата (или хегемонија или крај на светот). Џинпинг обратно тврди дека има алтернатива, дека е таа и реална и можна и праведна. Третата патека е кооперативна и уредна мултиполарност, која не почива на размислувањето за „некој добива – друг губи“, туку на „win-win соработка“ и „заедница со заедничка иднина“. Во сржта на предлозите е праведноста преку мултилатерализам и инклузивност, со претпоставка дека праведноста не е реторика — таа е мерлива. Танген одлично ги открива точките на мерливост на новата визија: суверената еднаквост на државите се заснова на широка консултација (делиберација), а не наметнување на посилните. Ревитализираниот мултилатерализам претпоставува реформа, а не напуштање на институциите како ОН. Третата точка е суштината на позитивниот мир: резултати насочени кон луѓето што во превод значи мерење на праведноста преку подобрен живот. Кина е вистинскиот пример во оваа категорија на елиминација на сиромаштијата, личен и колективен прогрес и еманципација.

Сите сме на работ, речиси по инерција да кажеме дека ова е невозможно; знаеме кој ќе спречи промена на статус квото во светот по пат на воен интервенционизам, економска војна или политички преврати (обоени револуции). Но, светот е во точка во која не може да си дозволи луксуз да продолжи „како и досега“. Оние на кои правичен свет не им одговара треба да бидат изложени на чистина. Глобалното мнозинство е она што сака мудар и нежен излез од кризата, а таа своја бројна предност мора да ја реализира. За да не ги оставиме државите сами да дејствуваат (макар и во институционални блокови и асоцијации), ние како активни граѓани мораме да поттурнеме одоздола. Мора да бидеме бабици на новиот светски поредк – или ќе нè нема.

             Билјана Ванковска                    

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ