четврток, 13 март 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Кога сѐ ќе појде наопаку

Прва асоцијација кај секој кошаркарски фан при спомнувањето на НБА се Џордан, Меџик, Брд, Џабар, Чембрлен, Шекил, Др.Џеј, Лејкерси, Бостон, Чикаго, Никси... суперѕвезди, супер тимови, незаборавни натпревари, шутеви и забивања.... но и извонредна организација, неверојатни плати, најквалитетна кошарка. Покрај оваа ѕвездена страна НБА лигата имаше не мал број на спектакуларни грешки и неуспеси.

Паралелно со секое доделување на трофејот Лери О’Брајан на новиот НБА шампион, постои и по една не толку позната приказна за индивидуални и колективни неуспеси, од промашени договори со играчи кои никогаш не ги оправдале очекувањата и парите што ги зеле, преку пикови на драфтот кои во лигата траеле пократко од шоуто на полувремето, до токсични судири меѓу тренерите и НБА ѕвездите кои го изместиле клубот за неколку наредни сезони. Ваквите примери се јасен доказ дека за спортски и бизнис успех во НБА не е потребен само талент, туку и остроумен менаџмент, хармонија во соблекувалната и силно чувство за тајминг. Само една грешка во расудувањето, раководењето, во изборот… може да има непоправливи последици низ повеќе сезони, оставајќи ги тимовите и навивачите да се прашуваат што би можело да биде, ако би било…

Драфт Катастрофи

Од моментот кога играчите ќе му подадат рака на НБА комесарот на драфт сцената, очекувањата од нив се огромни. Дел од избраните спектакуларно ги надминале и најоптимистичните очекувања, како што е примерот со Никола Јокиќ кој 2014-та беше избран како 41 пик во втората рунда на драфтот, а стана трикратен НБА МВП и го донесе Денвер до единствената титула првак, попат освојувајќи го и трофејот за МВП на финалната серија. Но, една деценија порано, неговиот сонародник Дарко Миличиќ, избран како втор пик на драфтот 2003-та, пред НБА великани како Кармело Ентони, Двејн Вејд и Крис Бош, а веднаш зад ЛеБрон Џејмс, стана класичен пример за драфт катастрофа. Неговата 10-годишна кариера ја заврши со просек од 6 п. 4ск. 2 бл. и 1апн и за ваков учинок наплати цели 53,4 милиони долари од 6-те НБА тимови за кои настапуваше. Иако таа 2003/04 сезона кога го избраа на драфтот Детриот Пистонс стана НБА шампион, остана горчливиот вкус на неверојатно промашување при проценката и пропуштената можност за формирање на вистинска шампионска династија доколку се решеа за попаметен избор и за било кој од тројцата претходно наведени кои сигурно имаат место во НБА “куќата на славните“. Интересно е тоа што одлуката за избор на Миличиќ ја донесе играчка величина како Џо Думарс, во тоа време генерален менаџер на Пистонси. Слично на тоа легендарниот Мајкл Џордан, во улога на Претседател на Вашингтон Визардс, се реши својот пик број 1 во 2001-ва да го потроши на Квејми Браун, првиот средношколец што стана прв избор на драфтот. А можеше да бира меѓу По Гасол, Тони Паркер, Гилберт Аринас, Џејсон Ричардсон, Ричард Џеферсон, Тајсон Чендлер… За секој Леброн Џејмс или Кевин Дурент, има примери на играчи како Ентони Бенет, прв пик 2013-та, кој потпиша 2-годишен договор вреден 10,9 милиони долари со Кливленд Кавалирс, а првите НБА поени ги постигна дури во својот 6-ти НБА натпревар, промашувајќи ги своите први 16 шутеви кон противничкиот кош. По мизерни 4 години во три НБА клуба, играчката кариера ја заврши со две сезони минати во клубови од Кореа и Тајван. А на истиот драфт како опција за избор стоеше и името на Јанис Адетокумбо! Или пак Хашим Табит, втор пик 2009-та на Мемфис Гризлис, избран пред Џејмс Харден, Стивен Кари и ДеМар ДеРоузен. Или Мајкл Оловокенди, првиот пик 1998-ма на Клиперси кој во 9 НБА сезони, само две заврши со просек малку од над 10 поени по натпревар. На истиот драфт беа пријавени Винс Картер, Дирк Новицки, Пол Пирс. Но, како убедливо најголемо промашување на НБА драфтот ќе остане запишан изборот на Портланд 1984-та кога како втор пик го зедоа Сем Боуви, а можеа да го изберат Мајкл Џордан… Без коментар.

“Фрлени пари“

Во ера на вртоглаво зголемување на платите, тимовите знаеле да направат неверојатно лоши финансиски инвестиции во кошаркари. Договорите како шестгодишниот на Гилберт Аринас вреден 111 милиони долари со Вашингтон се пример за “фрлени пари“ без било каков ефект. Со овој договор Аринас на времето стана најплатениот играч во НБА, но никогаш не ја оправда милионската инвестиција во него. Покрај лошиот учинок на теренот, делумно и поради сериозни повреди, Аринас беше суспендиран од НБА за цела една сезона бидејќи внесе пиштол во соблекувалната по расправија со негов соиграч. По потпишувањето на договорот, ниту еднаш не успеа да го однесе тимот во плеј офот, но парите што договорот му беа загарантирани, продолжи да ги добива лимитирајќи го Вашингтон во потенцијалот за ангажман на играчи од висок профил.

Во меѓувреме, Чендлер Парсонс заработи речиси 94 милиони долари од Ванкувер Гризлис за вкупно само 95 одиграни натпревари во период од три сезони со просек од 7 поени по натпревар. Интересно, вакви скапи грешки често им се случуваа на најреномираните тимови во лигата. На пр. Лејкерси 2016-та потпишаа 4-годишен договор со Луол Денг за тогаш извонредни 72 милиони долари, а неговиот просечен учинок беше 7п. и 6 ск. Веднаш по првата година го отпишаа од составот, но продолжија да го плаќаат се до 2022. Истиот тим, истата година потпиша 4-годишен договор вреден 64 милиони со русинот Тимофеј Мозгов, кој исто така на крајот од сезоната беше трејдуван во Бруклин заедно со загарантираната сума од  договорот со Лејкерси. Ништо подобри договори не потпиша ниту Њу Јорк Никс. Французинот Јоаким Ноа беше ангажиран на 4 години за 72 милиони долари. Во првите две сезони му беа исплатени 34 милиони, а одигра само 61 натпревар со минимален учинок. Секој негов настап го чинеше клубот по 1,8 милиони, а за возврат клубот доби просечни 3.4 ппн. Никси го елиминираа од тимот, но мораа да му доплатат уште 38 милиони долари од загарантираниот договор. Или пак, како врвно промашување, анинимниот Џером Џејмс, кој во две сезони добиваше по 6 милиони долари, а одигра вкупно 4 натпревара за две години со просек од 2 п. во првата и 3 ппн во втората сезона. Секоја средба на која настапи го чинеше Њу Јорк по 3 милиони долари! Овие погрешни менаџерски одлуки ја осакатуваат финансиската флексибилност на клубот, но создаваат и лоша атмосфера меѓу играчите.

Давења, навреди, тепачки…

Тензиите меѓу тренерите и играчите резултирале со некои од најдраматичните епизоди во НБА. Меѓу најекстремните случаи е оној меѓу 4-кратниот Ол Стар Латрел Спривел и тренерот Пи Џеј Карлисимо. Упорното инсистирање од тренерот на секој тренинг да додава и да не биде себичен го запали кусиот фитил на Спривел кој 10-тина секунди го давеше својот тренер, пред соиграчите со крајни напори да го отргнат од него. Спривел беше суспендиран 10 натпревари од Голден Стејт Вориорс и една година од НБА. По суспензијата неговиот договор беше поништен и во 1998-ма замина во Њу Јорк Никс. 2002-ра Филаделфија беше елиминирана од Бостон во првото коло од Плеј офот, а тренерот Лери Браун тоа го поврза со формата на Алан Ајверсон и неговиот однос кон тренинзите. Ајверсон му одговори со груб напад и исмејување на прес конференција, што директно доведе до раскин на договорот меѓу клубот и Браун. И вашиот колумнист беше сведок на односот на Ајверсон кон соиграчите, тренерот и тренинзите кога 2001-ва во Филаделфија присуствуваше на нивниот трененинг со цел да сними интервју со Тони Кукоч, таа сезона играч на Сиксерси. Додека сите тренираа, Ајвесон и неговата “банда“ пријатели од детството седеа во ложата и преку стакло, во весла атмосфера, го гледаа тренингот. Во фоајето по тренингот, одлично расположен ги “честиташе“ на соиграчите дека “направиле добар тренинг“, а беше очигледно дека нема никаква повреда и дека едноставно не му се тренира. Исто како Ајверсон и Мајкл Џордан е директно одговорен за смената на Даг Колинс, неговиот прв тренер во Чикаго. И повторно судирот е на тренинг, кога Колинс од него бара да игра поколективно. Одговорот на Џордан  – го напушта тренингот и му праќа порака на тренерот дека треба да се извини. Иако Колинс под притисок на управата тоа и го направи, на крајот од сезоната беше заменет со Фил Џексон, а се потоа е славна историја на клубот. Дерон Вилијамс и неговиот тренер во Јута Џери Слоун меѓусебното нетрпение го прикажаа и на натпревар. Незадоволен од играта на соиграчите Вилијамс лутито ја фрли топката кон нив, а потоа “му се пушти“ и на тренерот, по што мораа да бидат со сила раздвоени. Веднаш по натпреварот Џери Слоун даде неотповиклива оставка и ја заврши својата 23-годишна тренерска кариера, а Вилијамс беше разменет во Њу Џерси Нетс. Иако се обидоа да го сокријат од јавноста, сличен, но пожесток судир, буквално тепачка, се случи и меѓу Ајзеа Томас, како тренер на Никси и Стефон Марбери. И тоа во клубскиот авион. И како резултат, повторно страдаше тренерот – Томас беше отпуштен на крајот од 2009-та. Ова се само неколку примери на судири меѓу тренери и клубските ѕвезди во кои различните филозофии на игра, големите ега и кратките фитили донеле штета на имиџот на клубот и на лигата.

Тенка линија на успехот

Зачудувачки е колку често тимовите ги повторуваат истите грешки. Привлечноста да се добие „следниот Џордан“ или искушението финансиски да се влезе “all-in“ за освојување титула по секоја цена се покажаа како неодоливи за многу од клубовите. За секој тим што учи од своите и туѓите грешки, друг паѓа во истите замки, што јасно илустрира колку НБА во својата основа е игра со висок ризик, но и за голема награда.

Приказната за НБА е исто толку за неуспехот, толку и за успехот. Лошите договори, утките на драфтот, внатрешните расправии…не се само грешки, туку составен дел од наративот на лигата. Тие се потсетник дека во најквалитетната кошаркарска лига во светот, дури и најдобрите организации и најдобро поставените планови, само со еден потег можат да станат спектакуларни неуспеси.

Љубомир Николовски

 

КОЛУМНИ

Димитар Љоровски Вамваковски

Од „непостоечки“ фактор до неопходен сојузник и државен непријател: македонското национално...

Александар Донски

Зaслугите на Александар Велики во ширењето на будизмот

Димитар Љоровски Вамваковски

Од „непостоечки” фактор до неопходен сојузник и државен непријател: македонското национално...

Борис Дежуловиќ

Триумфот на добрата волја

Жаклина Хаџи-Зафирова

Македонското новинарство (не) умира

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ