среда, 12 февруари 2025
Државниот јавен обвинител реплицира на аргументите на Владата за негово разрешување

Коцевски: Не е назначен в.д. виш јавен обвинител, туку определен привремен раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје

По денешната одлука на Владата да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, за да се избегнат недоразбирања, во обраќање до јавноста тој ги појаснува аргументите за избор на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје. Имено една од причините за одлуката на Владата за разрешувањето на Коцевски е процената дека изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје бил незаконски.

Објавено на

часот

Сподели

„Од она што имав прилика да го прочитам по медиумите, причина за одлуката на Владата била тоа што изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје бил наводно незаконски.

Верувам дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации и заради избегнување на недоразбирања, сакам да го појаснам следното:

Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје, донесен од обвинителот Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран, беше со важност до 31.12.2024 година. Согласно тој распоред лицата определени за негови заменици го имаа статусот на заменик до истекот на распоредот на 31.12.2024 година.

Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје за 2025 година е донесен од обвинителот Цветановски во јануари 2025, во момент кога истиот немал својство ниту на заменик, ниту на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, што значи дека ваквиот распоред не е донесен согласно закон и не може да произведува правно дејство. Со потврдување на одлуката за суспензија и на обвинителот Цветановски, се јави потреба да се определи јавен обвинител кој времено ќе раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје.

Сакам да укажам дека не е првпат да се постапува на овој начин и приоритет беше во случајот да се определи раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје кој ќе биде гарант за непристрасното, професионално и објективно работење на обвинителството до завршување на дисциплинска постапка за обвинителот Хајрулахи. Појаснувам дека не се работи за назначување на вршител на должноста виш јавен обвинител туку за определување на привремен раководител на вишото јавно обвинителство Скопје. Според тоа ве уверувам дека моето постапување во овој случај, како и во целокупното мое работење е согласно закон, а со цел овозможување на непречено и законито функционирање на јавното обвинителство и заштита на јавниот интерес“, се наведува во реакцијата на републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски .

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ