Коцевски, посочи дека Крстевска-Цалева е јавен обвинител со интегритет и токму поради тоа ја предложил да раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје, додека трае оддалечувањето од функција на вишиот јавен обвинител, Мустафа Хајрулахи.
„Оваа јавна обвинителка е со интегритет и токму поради тие нарушени меѓучовечки односи, ценев дека најцелисходно е истата да врши одредени работи во Вишото јавно обвинителство Скопје. Тоа не е в.д., туку е обвинител кој што ќе потпишува, ќе прима пошта, ќе распределува и ќе врши тековни работи, затоа што следи извештај, следи завршна сметка и т.н. Значи, мора некој јавен обвинител да врши определени работи и токму затоа“, изјави Коцевски.
Во однос на предлогот за негово разрешување, републичкиот обвинител Коцевски изјави дека ќе се произнесе откако Владата ќе го достави до Советот на јавни обвинители. Во однос на барањето на премиерот Христијан Мицкоски да ја напушти функцијата, Коцевски рече дека ќе одговори откако ќе ги види основите предвидени во Законот за јавно обвинителство. Доколку се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој рече дека сам ќе се повлече од функцијата.
„Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и сѐ уште ќе работам согласно законот. Условите доколку се исполнети согласно Законот за ЈО, стојам на тоа и нека ме разрешат, меѓутоа, доколку не се исполнети условите согласно Законот за ЈО, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит начин или на незаконит“, изјави Коцевски.
Советот на јавни обвинители на седница ќе одлучува по барањето на јавната обвинителка Наташа Крстевска-Цалева да биде ослободена од функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје, додека трае оддалечувањето од функција на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи.
Претседателката на Советот, Душица Димитриевска, на денешната седница, информира дека во текот на вчерашниот ден до Советот е поднесена молба или барање од страна на обвинителката Наташа Крстевска Цалева.
„Краток допис во кој се наведува дека со оглед на тоа што сум штотуку дојдена во ВЈО Скопје и имам потреба да се фокусирам на предметни работење, молам да бидам ослободена од оваа задача на која подобро би одговорил јавен обвинител со поголемо работно искуство“, информира Димитриевска.
Одлуката Крстевска Цалева да ја презема функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство, додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, Советот ја донесе на седница одржана на 10 февруари годинава.