Според одлуката на ДИК ќе се преглсува во избирачките места 1194 и 1202 во Крушево, во избрачките места 1470 и 1470/1 во Долнени, како и на избирачките места 1272 во Охрид, 1844 во Струга и во 2101 во Желино. Од прифатените приговори ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ поднеле шест приговори, коалицијата Вреди еден приговор и еден приговор поднела СДСМ и коалицијата „За европска иднина“.
„Останатите приговори за избирачки места во Битола, Ресен, Гостивар, Долнени, Струга,Кичево, Демир Хисар, Чаир, Гази Баба, се одбиени или повлечени. Секоја заинтересирана страна има право на тужба до Управен суд во рок од 24 часа по одлуката на ДИК, а Управниот суд одлучува во рок од 48 часа по поднесената тужба. После одлуката на Управниот суд, ДИК ќе излезе со конечен извештај за резултатите, односно доколку има избирачки места каде што ќе се поништи гласањето, дополнително ќе се направи симулација дали бројот на запишани гласачи во избирачките места каде што би се поништило гласањето, влијае на резултатот во распределба на мандатите. Во зависност од тоа, ДИК по одлуките на Управниот суд, ќе донесе заклчок за евентуално прегласување на определени избирачки места“, информираа од ДИК.
Вкупниот број на запишани гласачи на овие избирачки места е 3.521 избирачи, што може да влијае на промена на резултатот. Имено, доколку коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 300 гласови повеќе од сегашниот резултат, тогаш оваа партија може да го добие единаесетиот мандат во Изборната единица 5, на сметка на ДУИ кои би го изгубиле четвртиот мандат во оваа изборна единица.
Исто така шанси за мандат има и кандидатот од ЛДП доколку неговата коалиција освои 110 гласови повеќе од сегашниот резултат, тогаш пратеник би станал Боби Мојсоски, а би отпаднал Исмаил Јахоски од ДУИ.