среда, 25 декември 2024
Обвинителството даде мислење, на потег е Судот

Ќе „падне“ ли судењето против обвинетите за организирањето на настаните од 27 април?

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција даде мислење и се произнесе за предлогот на одбраната во случајот со обвинетите за организирање на настаните од 27 април, за примена на Законот за амнестија од 2018 година. Адвокатот Еленко Миланов за МКД.мк вели дека обвинителството дало мислење за примена на Законот за амнестија и сега Судот треба да донесе одлука. Ова мислење се однесува на обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристески и Трајко Вељановски, а истото не се однесува на обвинетиот Владимир Атанасовски.

Објавено на

часот

Сподели

„Ние дадовме предлог за примена на Законот на амнестија од 2018 година. Обвинителството денес изјави дека и тие сметаат дека постои правна пречка да се води оваа постпака. Сега Судот треба да одлучи дали ќе се запре постапката или истата ќе продолжи“, изјави за МКД.мк адвокатот Миланов.

Мислењето е доставено до странките во постапката, а рочиштето е одложено за 23 јануари, до кога треба да се донесе одлука по барањето на странките и мислењето на Обвинителството.

Обвинетите, кои се товарат за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, поднеле барање до Основниот кривичен суд да одлучи по поднесокот за амнестија без изведување материјални и вербални докази.

Обвинетите во поднесокот навеле дека е потребно Судот да донесе решение за примена на Законот за амнестија, бидејќи веќе постои таква пракса, а тоа се однесува на претходниот случај во кој се водеше постапка за истиот настан. Кривичниот совет во 2018 година донел решение за амнестија во тек на главна расправа, без да се чека завршување на доказната постапка.

“Во прилог е доставено решение на Кривичен совет, Одделение за организиран криминал и корупција, од 20.12.2018 година, со образложение дека решението било донесено во текот на главна расправа. На Јавното обвинителство ќе му доставам примерок од ова решение, како и примерок од поднесокот. Јас го разгледав поднесокот и потврдувам дека донесено е решение за амнестија во текот на доказна постапка, не само за обвинетиот во наведениот случај, туку и за други обвинети. Меѓутоа, јавниот обвинител треба да се произнесе и да даде мислење, со оглед на тоа дека овој поднесок го примивме денес“, посочил судијата Трпков.

Апелацискиот суд во април годинава ја укина првостепената пресуда од јули 2021 година, со која поранешниот спикер Трајко Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски на шест години и три месеци, а поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски на шест години затвор. Предметот е вратен на повторно судење.

Процесот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Искра Хаџи Василева.

Дали оваа постапка ќе запре или ќе продолжи, ќе се одлучува во првиот месец од следната година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ