За да ја искористат оваа можност, младите треба да бидат жители на Општина Кисела Вода и да приложат потврда дека следат последна година од своето средно образование. Јавниот повик ќе трае сè до исцрпување на предвидените средства во општинскиот буџет, кои изнесуваат 4 милиони денари.
Обезбедувањето возачка дозвола, велат од Кисела Вода, претставува значаен чекор кон поголема самостојност, мобилност и конкурентност на младите на пазарот на трудот. Преку оваа мерка, Општина Кисела Вода, како што истакнуваат, не само што ја олеснува финансиската тежина врз нивните семејства, туку и поттикнува безбедно и законско учество во сообраќајот.
„Како локална самоуправа, постојано работиме на мерки што директно им помагаат на младите, а оваа субвенција е еден од начините да го олесниме нивниот пат кон возачката дозвола. Сакаме да ги мотивираме да се стекнат со потребните знаења и вештини, но истовремено да ја подигнеме свеста за сообраќајната култура и безбедност. Возењето без соодветна обука и дозвола носи огромни ризици, како за самите возачи, така и за сите учесници во сообраќајот. Со оваа финансиска поддршка од 10.000 денари, испраќаме јасна порака – младите треба да се вклучат во сообраќајот на безбеден, одговорен и законски начин. Веруваме дека оваа мерка ќе им помогне, но и ќе придонесе за поголема безбедност на нашите улици“, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Критериумите и сите дополнителни информации се достапни на веб страницата на Општина Кисела Вода кеде што е поставен јавниот повик.