Во текот на викендот, борбени авиони и воени бродови симулираа насочени напади на островот како дел од воената вежба наречена „Единствен меч“, која беше осудена од Тајван.
САД го повикаа Пекинг на воздржаност.
Целта на вежбите е да се симулира целосно опкружување на островот од 23 милиони жители, кое Пекинг го присвојува.
Кина испрати авиони, бродови и војници во поморскиот и воздушниот простор околу островот, соопшти кинеската војска.
Кина денеска соопшти дека мобилизирала борбени авиони „што носат боева муниција“ за да спроведат симулирани напади во близина на Тајван и дека е распореден носачот на авиони Шандонг.
„Повеќе групи борбени авиони Х-6к кои превезуваат боева муниција извршија неколку бранови симулирани напади врз важни цели на островот Тајван“, објави кинеската државна телевизија.
Вежбите беа организирани по средбата меѓу тајванската претседателка Цаи Инг Вен и претседателот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Кевин Мекарти во средата во Калифорнија, за кој Пекинг рече дека ќе одговори со „цврсти и енергични“ мерки.
Тајван, од граѓанската војна во 1949 година, сака независност од Кина, која го смета за дел од својата територија и ја осудува секоја форма на политичка комуникација со владата на островот. Кина тврди дека ќе го задржи Тајван во својот состав, „макар и со сила“.
Пекинг верува дека контактите меѓу странските претставници и демократската влада на островот ги охрабруваат Тајванците кои сакаат формална независност, што Кина не сака да го дозволи по цена на војна.
Тајванската претседателка Цаи Инг Вен во саботата го осуди авторитарниот експанзионизам на Кина и увери дека таа ќе продолжи да работи со САД и другите земји за да ги брани вредностите на слободата и демократијата.
Тајванското Министерство за одбрана вчера објави дека утврдило дека околу островот се наоѓаат 11 кинески воени бродови и 70 авиони, а слично било и во саботата.
Претходниот пат Кина одржа воени вежби околу островот во август минатата година, како одговор на посетата на тогашната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, на островот.