Но амбициите на кинеската Национална вселенска агенција (ЦНСА), која има намера да испрати астронаути на Месечината оваа деценија, не завршуваат тука. Имено, во 2026 година планира да ја лансира мисијата Чанг’е-7, која треба да собере важни податоци за изградба на постојана меѓународна истражувачка станица на јужниот пол на Месечината до 2040 година.
Мисијата Чанг’е-8 е закажана за 2028 година, за време на која Кина и меѓународните партнери ќе работат заедно на лансирање вселенски летала и операции во орбитата, ќе вршат „интеракции“ меѓу вселенските летала и заеднички ќе ја истражуваат површината на Месечината. Таа, исто така, планира до 2030 година да испрати човечки екипаж на нашиот природен сателит, пишува Си-ен-ен.
Во 2019 година Кина стана првата земја што лансираше ровер на далечната страна на Месечината, а минатата година ја заврши изградбата на орбиталната вселенска станица Тиангонг.
„Чанг’е-6 ќе ни овозможи подлабоко да ја разбереме Месечината следната година. По анализата на примероците од далечната страна, научниците ќе го прошират нашето знаење за Месечината“, објави ЦСНА минатата недела.
Леталото треба да слета во басенот на Јужниот Пол-Ајткен и таму да собира примероци од прашина и карпи. Далечната страна на Месечината, која не можеме да ја видиме од Земјата, е покриена со кратери, но за разлика од блиската страна, на неа не доминираат големи лунарни „мориња“; што пак ги збунува научниците.
Лунарните „мориња“ се огромни темни рамнини на Месечината што на првите астрономи им изгледале како водни тела, па затоа ги нарекувале „мориња“. Тие се потемни од остатокот од површината поради темните базалтни карпи, древните излевања вулканска лава.
Вселенското летало Чанг’е-6, исто така, ќе носи товар и сателити од четири меѓународни партнери: инструмент за откривање гас од француско производство, детектор за негативни јони на Европската вселенска агенција, италијански ласерски аголен рефлектор за калибрирање на радарски системи и пакистанскиот Кјубсат (CubeSat), минијатурен сателит во форма на квадрат.