Како што соопшти казахстанското Министерство за транспорт, Пекинг и Астана постигнале договор за почеток на транспортот на литиум-јонски батерии од Кина во декември, кои се важни за секторот што се шири – производството на електрични автомобили.
Договорот е постигнат по вчерашната средба меѓу казахстанскиот и кинескиот министер за транспорт во Пекинг.
Министерството за транспорт на Казахстан соопшти дека „обемот на стоки што пристигнуваат во Европа од Кина е 25 пати поголем од минатата година во истиот период“.
Зголемување од 60 отсто има и во обемот на стока транспортирана оваа година по копнен пат меѓу Казахстан и Кина.
Руската инвазија на Украина во февруари 2022 година и санкциите наметнати од Западот кон Москва го запреа транспортот на стоки преку транспортниот коридор што преку Русија ги поврзува Кина и Европа.
Казахстан, деветтата по големина земја во светот, се наоѓа јужно од Русија, со која дели повеќе од 7.500 километри заедничка граница. На исток, Казахстан дели 1.800 километри граница со Кина.
Европските земји се обидуваат да развијат алтернативна транспортна рута низ Централна Азија, преку транскаспискиот коридор, кој оди преку Касписко Море до Кавказ, Турција и Европа.
Како и Кина, има сѐ поголемо влијание врз економиите на поранешните републики во Централна Азија, каде што ги финансира „новите патишта на свилата“, инфраструктурен проект за отворање на овој планински регион, богат со ретки метали и суровини.
Планот е до крајот на годинава да се заврши изградбата на железничката линија што ќе ги поврзува Кина, Киргистан и Узбекистан.