среда, 4 декември 2024

Кина ги укина визите за Македонците, Македонија за да возврати на гестот треба да ја праша ЕУ

Државјаните на Македонија, кои имаат македонски пасош веќе можат да патуваат во Кина, без спроведување на процедурите за добивање виза.

Објавено на

часот

Сподели

Министерство за надворешни работи на Кина, пред десетина дена соопшти дека ќе ја прошири политиката на безвизен режим за уште девет земји, меѓу кои и Македонија. Помеѓу 30 ноември 2024 година и 31 декември 2025 година, политиката за ослободување од визи ќе се применува за обичните носители на пасоши и од Бугарија, Романија, Хрватска, Црна Гора, Малта, Естонија, Летонија и Јапонија, соопшти на прес-конференција во Пекинг портпаролот на МНР на НР Кина, Лин Џијан.

Покрај тоа, Кина ќе го продолжи и периодот на безвизен престој од сегашните 15 на 30 дена, пренесе државната телевизија ЦЦТВ.

Почнувајќи од 30 ноември, имателите на обични пасоши од 38 земји, вклучувајќи ги и дополнително додадените девет земји, ќе можат без виза да влезат во Кина за бизнис, туризам, посета на роднини и пријатели, размена на посети и транзит, не подолго од 30 дена.

Вообичаена дипломатска практика е да се возврати соодветно на гестовите на добра волја во меѓудржавните односи. Во овие десетина дена откако Министерството за надворешни работи на Кина објави за визната либерализација за десетина земји, меѓу кои и Македонија, во македонската јавност не беше забележана возвратна реакција од македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија , па редакцијата на Мкд.мк постави прашање МНРНТ – дали Македонија, соодветно на кинеската одлука, ќе ги укине визите за Кина?

„Согласно вашето новинарско прашање ве информираме дека како земја кандидат за членство во Европската унија и врз основа на отпочнатиот скриниг за поглавјето 24 – Правда, Слобода и Безбедност, Република Северна Македонија има обврска за целосна хармонизација на визниот режим со визниот режим на ЕУ/Шенген земјите членки, вклучително и со анексите I и II од Регулативата на ЕУ со број 2018/1806.

Наведената регулатива се однесува на листите на држави чии државјани треба да поседуваат виза при преминување на надворешните граници на земјите членки на ЕУ, каде НР Кина се наоѓа на листата на држави содржана во Анекс I од наведената Регулатива, односно потребна е виза за влез во ЕУ.

Во дополнение визите и визното работење се регулирани со Законот за странци и Правилникот за начинот на издавање на визи за странци. Република Северна Македонија и нејзините релевантни институции се стремат, да го прилагодат својот систем и процедурите за издавање визи со Визниот код и процедурите на ЕУ.

Од горенаведеното се бара целосна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ. Ваквата политика не остава простор за визно олеснување за државјаните на НР Кина.

Во насока на помош во овој правец, а во согласност со законот, потребно е да се спроведе постапката за добивање на визи, при што МНР за поднесените барања за виза за влез во Република Северна Македонија на државјани на НР Кина, доколку се работи за туристички патувања и групи истите ги разгледува со должно внимание и истите се процесуираат  во најкус можен рок“, се наведува во одговорот на МНРНТ на нашето новинарско прашање.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ