четврток, 30 јануари 2025

Кенеди над три часа го испрашуваа во Конгресот, за вакцините, абортусот, брзата храна…

Трамповиот избраник за американски министер за здравство, Роберт Ф. Кенеди Јуниор, вчера сенаторите го испрашуваа на конгресното сослушување за негово именување.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за здравство е клучна федерална позиција, од која се надгледува јавното здравје, вклучувајќи медицински истражувања, безбедност на храната и програми за социјална заштита.

Кенеди, кој претходно беше гласен скептик за вакцините, беше прашан за неговите минати изјави за вакцината против коронавирусот и другите вакцини. Тој беше прашан и за неговиот став за абортусот и за неговите мислења за американската прехранбена индустрија.

Неговото сослушување беше прекинувано со извици од демонстрантите, но доби и силен аплауз кога вети дека Америка ќе ја направи повторно здрава, парола што ја користи новата администрација. Сѐ траеше повеќе од три часа.

Би-би-си издвои пет клучни точки од сослушувањето на Кенеди.

За вакцините

За време на сослушувањето, сенаторите се осврнаа на минатите изјави на Кенеди за вакцинацијата.

Групата што ја водеше осум години, Здравствена одбрана на децата (Children’s Health Defense), постојано ја доведуваше во прашање безбедноста и ефективноста на вакцините за деца и продолжи да ги промовира демантираните тврдења дека вакцините предизвикуваат аутизам.

Кенеди за време на сослушувањето инсистираше дека не е против вакцините и дека само поддржува поригорозни истражувања и безбедносни тестови за инјекциите.

Тој рече дека го поддржува сегашниот распоред за вакцинација за децата и дека не е теоретичар на заговори.

Сепак, сенаторите се фокусираа на неговите минати изјави, како цитатот од поткаст од 2023 година во кој тој рече: „Мислам дека некои од вакцините со живи вируси веројатно спречуваат повеќе проблеми отколку што предизвикуваат. Не постои вакцина што е целосно безбедна и ефикасна.“

Кенеди се бранеше, велејќи дека неговите зборови се извадени од контекст и дека ќе продолжи да зборува „за сите луѓе“.

Во поткастот Кенеди продолжува да ги наведува, како што рече, безбедносните грижи со неколку вообичаени вакцини, вклучувајќи ја и вакцината против детска парализа, а подоцна ги нарече вакцините „инхерентно небезбедни“, очигледно цитирајќи го поранешниот претседател Роналд Реган.

„Ако ги сакате чизбургерите на Мекдоналдс…“

Клучна точка за време на воведните коментари на Кенеди и на целото сослушување беше неговата критика за преработената храна во САД, која тој ја наведе како фактор што придонесува за епидемијата на дебелина во земјата.

Тој вети дека внимателно ќе ги испита хемиските адитиви во храната и рече дека ќе работи на елиминирање на финансиските конфликти на интереси во американските агенции и прехранбената индустрија.

„Ќе ја смениме епидемијата на хронични болести и ќе ја вратиме нацијата на патот кон здравјето“, рече тој пред комитетот.

На прашањето зошто е голем поборник за превенцијата на болести базирани на исхраната, Кенеди рече дека оваа генерација била сведок на експлозија на автоимуни и алергиски болести, како и на дијабетес.

Тој подоцна појасни дека не сака да им го одземе пристапот на Американците до преработената храна.

„Ако го сакате чизбургерот на Мекдоналдс или кока-колата – кои мојот шеф ги обожава – треба да можете да ги набавите“, рече тој, алудирајќи на познатата наклонетост на Трамп кон американскиот синџир за брза храна.

„Секој абортус е трагедија“

Кенеди, кој претходно изјави дека ги поддржува правата за абортус, беше прашан за неговиот став по ова прашање од страна на републиканските и демократските сенатори.

Републиканскиот сенатор Џејмс Ланкфорд го праша Кенеди дали планира да ја врати заштитата на правото на совест за лекарите што не сакаат да ја направат процедурата поради религиозни или морални убедувања.

Кенеди одговори дека нема смисла принудувањето на медицинските работници што веруваат дека абортусот е убиство да го извршат.

Мајкл Бенет, демократски сенатор, потоа го праша Кенеди за неговите минати изјави, во кои тој изрази поддршка за правото на абортус и рече дека владите не треба да се мешаат во правото на избор на жената.

Кенеди го почна својот одговор велејќи: „Верувам дека секој абортус е трагедија“.

Тој подоцна рече дека се согласува со Трамп дека пристапот до абортусот треба да го контролираат поединечни држави. Кенеди вети дека ќе ги остави настрана своите полиберални ставови, велејќи: „Јас служам за задоволство на претседателот. Ќе ја спроведам неговата политика“.

Овој став предизвика критики од демократите, вклучувајќи ја и сенаторката Меги Хасан, која го обвини Кенеди дека ги продал своите вредности за да ја обезбеди номинацијата на Трамп.

Берни Сандерс го нападна за профит од продажбата на бебешки бодија

Кенеди беше прашан од сенаторот Берни Сандерс од Вермонт, долгогодишен застапник на универзалната здравствена заштита, дали верува дека САД треба да „гарантираат здравствена заштита за сите луѓе како човеково право“.

Кенеди рече дека не може едноставно да одговори на тоа прашање.

Тој постави хипотетичка ситуација на 20-годишен пушач што има рак на белите дробови и дали таа личност треба да има ист пристап до здравствената заштита како и некој што не пуши.

Еден пушач, рече Кенеди, црпи од заедничкиот фонд, алудирајќи на општите трошоци за здравствена заштита.

Сандерс потоа ја критикуваше фармацевтската индустрија, велејќи дека во САД пациентите плаќаат повеќе од луѓето во европските земји за истите лекови. Тој го праша Кенеди дали би бил подготвен да му стави крај на овој апсурд.

Кенеди одговори: „Треба да ѝ ставиме крај на оваа нееднаквост“.

Подоцна, Сандерс праша дали ги поддржува бебешки бодија со антиваксерски слогани. Некои од нив се продаваат преку Здравствена одбрана на децата, организација основана од Кенеди.

„Дали ги поддржувате овие бодија?“, го праша Сандерс Кенеди, покажувајќи им слики на другите во комисијата.

Кенеди одговори дека нема надзор над организацијата и дека поднел оставка од својата функција таму.

Некои републиканци го поддржуваат Кенеди

Како што е вообичаено, природата и тонот на прашањата често варираат во зависност од политичкиот став на сенаторот.

Демократските сенатори главно го испрашуваа за неговите минати изјави против вакцините, неговото промовирање на дезинформации за здравствени прашања и неговото познавање на американскиот здравствен систем, вклучувајќи ги Медикер и Медикеид.

Сепак, некои републиканци ги фокусираа своите прашања на застапувањето на Кенеди за искоренување на хроничните болести кај децата и неговата критика на американската прехранбена индустрија.

Еден републикански сенатор, Рон Џонсон од Висконсин, рече дека Кенеди е „одговор на неговите молитви“ и дека е „одличен“.

Самиот Џонсон беше критикуван за ширење дезинформации за вакцините за време на пандемијата на коронавирусот.

Како што се ближеше крајот на сослушувањето, републиканскиот сенатор и претседател на Комитетот за финансии Мајк Крапо му го даде на Кенеди својот печат на одобрување.

„Мислам дека добро поминавте и дека заслужувате потврда“, му рече тој на Кенеди.

Демократскиот сенатор Рон Вајден, од друга страна, го обвини Кенеди дека изрекол низа збунувачки и логички нескладни реченици и дека избегнувал да одговара на прашања за неговите минати изјави против вакцините.

„Вашиот настап го сметам за несигурен и неподготвен“, му рече Вајден.

Сослушувањето се одржа пред Сенатската комисија за финансии. Кенеди денеска ќе се соочи со второ сослушување пред Комитетот за здравство, образование, труд и пензии, каде што ќе му бидат поставени дополнителни прашања од сенаторите.

Потоа, комисиите ќе гласаат за неговата номинација пред да биде испратена на разгледување до целиот Сенат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ