сабота, 27 јули 2024

Ќе влезе ли Хезболах во војна со Израел?

Аналитичарите се поделени околу тоа дали екстремистите на Хезболах во Либан ќе влезат во конфликтот меѓу Израел и Хамас со повеќе од испукување ракети преку израелско-либанската граница. Милицијата која ја поддржува Иран претставува потенцијално поголема опасност за Израел од Хамас, но ако Хезболах влезе во војната, веројатно во неа би го вовлекол и ослабениот Либан.

Објавено на

часот

Сподели

Во некои аспекти, тврдат аналитичарите, Хезболах е во мала дилема бидејќи се позиционираше како главно движење на отпорот кон Израел. Како тогаш може да остане на маргините на конфликтот на Израел и Хамас во Газа?

Бенџамин Алисон од Универзитетот во Тексас го истакнува „страшниот арсенал на прецизно наведувана муниција, ракети и дронови“ на Хезболах, за разлика од што било што поседува Хамас.

Пишувајќи за онлајн публикацијата Лофер, тој вели дека различното „паметно оружје“ на Хезболах претставува „сериозна опасност за израелската инфраструктура и дури би можело да предизвика Израел да почне превентивна војна“. Либанскиот министер за надворешни работи Абдула Бу Хабиб тврди дека ни Либан ни Хезболах не сакаат војна со Израел бидејќи тоа би било катастрофа за Либан, кој се бори со долготрајна економска криза.

Либанската аналитичарка Даниа Колеилат Хатиб вели дека Хезболах во моментов работи „на планирање во вонредни ситуации“ и „го контролира темпото“ на ракетните напади на границата со Израелските одбранбени сили.

Хатиб, претседателка на Истражувачкиот центар за соработка и изградба на мирот во Бејрут, кажа дека Хезболах веројатно ќе влезе во војна со Израел во само еден или два случаи. Едниот од нив, смета таа, би бил ако Израел биде успешен во елиминацијата на Хамас.

„Ако Хамас биде искоренет, тие многу добро знаат кој ќе биде следен“, вели таа.

Вториот случај, смета Катиб, би бил Израел да го бомбардира Либан.

„Она што (Хезболах) сега го прави е да го задржи ИДФ зафатен на северот. Ги држат разузнавачките служби збунети, а Израелците уплашени. Засега тоа е како параван за попречување“, додава таа.

Рами Хури од Американскиот универзитет во Бејрут, зборувајќи за Арапскиот центар со седиште во Вашингтон, кажа дека Хезболах е „почитуван во Израел поради неговиот отпор и пркос“. Тој очекува иранската главна продолжена рака да продолжи со притисокот на северната граница на Израел.

„Хезболах ќе продолжи да ги малтретира Израелците“, вели Хури. „Тие цело време го тестираат одговорот на Израел, израелското расположение, колку се трупите динамични или се уплашени. Значи, тука напаѓаат мала станица, таму испраќаат дрон, тука напаѓаат војник. Тие се обидуваат да создадат психолошки терор и страв меѓу Израелците а не да ги нападнат со илјадници ракети, што би можело да се случи ако влезат во војна“.

Сепак, Хури смета дека е малку веројатно дека Хезболах ќе влезе во битката.

„Не мислам дека ќе влезе во војна со пол размер. Мислам дека нема ни Иранците. Но тоа не е исклучено, бидејќи ако војната оди на добро или на лошо, тие би можеле да се придружат. Но и понатаму сметам дека тоа е малку веројатно“, вели Хури.

Маха Јахија, директорка на Центарот за Блиски Исток Карнеги во Бејрут, вели за Њујорк тајмс дека Иран веројатно нема да ги троши силите на Хезболах во овој момент бидејќи влоговите се големи со „два американски носачи на авиони стационирани во Медитеранот, кои би можеле да ја нападнат таа група“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ