Претставниците на скопскиот клуб ја темпираат формата за претстојното Европското сениорско првенство, закажано за периодот од осми до 12 мај во Задар, Хрватска.
– „Макпетрол“ е носечкиот клуб во сениорска конкуренција на македонската репрезентација. Во составот имаме искусни, прекалени и квалитетни спортисти, а тие ќе бидат и најбројни на ова европско првенство. Ќе учествуваме со осум спортисти од клубот и затоа и одговорноста за успешни резултатски постигнувања кај нас е огромна. Нема да оставиме ништо на случајноста, бидејќи нашиот пристап и однос кон спортот е професионален. Најстручно, со најмодерна тренерска методологија, ќе се подготвиме и ќе направиме сѐ што е потребно за да ги зголемиме шансите за успешен настап на ова првенство – изјави Бошко Заборски, тренер на „Макпетрол“.
Пет спортисти од вкупно осум, кои се повикани за националниот тим, ќе настапат во поединечните категории во дисциплината кумите, а тоа се: Петар Заборски (-75кг.), Петар Спасеновски (-84кг.), Данило Божовиќ (+84 кг.), Симона Заборска (-55кг.) и Ангела Мојсовска (-68кг.) За дисциплините борби во екипна конкуренција се повикани: Викторија Јовановска, Витомир Трајовски и Стефан Стојановиќ.
Сите горенаведени натпреварувачи, кои ќе настапат во поединечна конкуренција за тимот на Македонија, се пријавени и во екипна конкуренција во составите на машкиот и женскиот кумите тим за Европското првенство во Задар. Како спаринг-партнери на подготовките во организација на клубот „Макпетрол“, учествуваат и спортистите Димитар Лозановски, Јована Мицовска и Давид Петков.