Трамп вчера потпиша налог за наметнување царини од 25 отсто на робата од Мексико и Канада, и царини од 10 отсто на увозот од Кина. Белата куќа соопшти дека царините, кои стапуваат на сила во вторник, се одговор на тоа што трите земји дозволиле влез на смртоносни дроги во САД.
„Претседателот Трамп презема храбри чекори за Мексико, Канада и Кина да сносат одговорност за несопирањето на нелегалната миграција и несопирањето на дотокот на фентанил и други дроги во нашата земја“, се наведува во соопштението на Белата куќа. Царините ќе останат на сила „сè додека кризата не се ублажи“, се наведува во соопштението.
Енергетските ресурси од Канада ќе имаат 10 отсто пониска царина. Во налогот се наведува дека какви било противмерки на трите земји може да предизвикаат зголемување или проширување на царините. По потегот на Трамп канадскиот премиер Џастин Трудо најави дека Канада ќе воведе еднакви царини од 25 отсто на увозот од САД вреден 106 милијарди долари.
„Акциите кои ги презема Белата куќа нè раздвојуваат наместо да не спојуваат“, кажа Трудо на конференција за новинарите. „Ако претседателот Трамп сака да воведе нова златна доба за Соединетите Држави, подобриот пат е да биде партнер со Канада, а не да нè казнува“, додаде тој. Трудо ги повика Канаѓаните да купуваат локални производи наместо американски производи и услуги.
Канадската покраина Британска Колумбија веднаш реагираше со повлекување на американските алкохолни пијалаци од продавниците и исклучување на американските производи од државните набавки. Покраинскиот премиер Дејвид Еби на социјалната мрежа Икс напиша дека Канада нема да попушти. „Ако Америка мисли дека царините ќе ја скршат решителноста на Канаѓаните – се лажат“, порача тој.