понеделник, 3 февруари 2025

Канада подготвува контрамерки на царините на Трамп

Канадскиот премиер Џастин Трудо ги повика канадските граѓани кога купуваат производи да ја изберат Канада, откако САД ѝ воведоа царина од 25 отсто на земјата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа би можело да значи проверка на етикетите во супермаркетот и избор на производи произведени во Канада. Тоа може да значи да се одлучите за канадско виски наместо за бурбон од Кентаки или целосно да се откажете од сокот од портокал од Флорида“, рече Трудо.

Тој, исто така, ги повика канадските граѓани да ги преиспитаат своите планови за одмор доколку претходно на одмор оделе во САД.

„Ова може да значи да ги промените вашите планови за летен одмор, да останете во Канада и да ги истражите многуте национални и покраински паркови, историски места и туристички дестинации што ги нуди нашата земја“, рече Трудо.

Тој претходно најави дека земјата ќе воведе царини од 25 отсто на 155 милијарди канадски долари (102,7 милијарди евра) вредните американски стоки што ги увезува, како одговор на царините од 25 отсто воведени од Соединетите Држави за стоки од Канада.

Трудо додаде дека дел од царините за стоки од САД, во вредност од 30 милијарди канадски долари, ќе стапат во сила од вторник, а царините за сите други стоки увезени од таа земја ќе стапат во сила за 21 ден.

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за воведување царини од 25 отсто за сите стоки од Канада и Мексико почнувајќи од вторник, освен за енергетските производи од Канада, кои ќе подлежат на царина од 10 отсто.

Канада најави дека, како одговор на американското зголемување на царините, истото зголемување ќе го воведе за храната, пијалаците, мебелот и парфемите што доаѓаат од САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ