сабота, 1 февруари 2025

Калас: За да спречиме војна, мораме да трошиме повеќе на војската

Државите членки на Европската Унија мора да ги зголемат издвојувањата за одбраната за да го одржат чекорот со заканите кои се надвиваат над континентот, кажа шефицата на дипломатијата на ЕУ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Каја Калас, која до јули 2024 беше премиерка на Естонија, изјави дека „секое евро потрошено на училиштата, здравството и социјалната заштита е ранливо“ ако Унијата не држи силна одбрана.

Таа додаде дека претседателот на Соединетите Американски Држави Доналд Трамп е во право кога ја критикува европската потрошувачка на одбраната, која во просек изнесува 1,9 отсто од БДП.

Таа истакна и дека Русија издвојува 9 отсто од својот бруто домашен производ за одбраната и истакна дека европската потрошувачка е „очигледно недоволна“ во контекст на конфликтот во Украина.

„За да спречиме војна, мораме да трошиме повеќе, тоа е јасно“, кажа таа за Би-би-си.

Калас истакна дека државите членки мора да соработуваат за економски да извршат притисок врз Русија и најави нов пакет санкции следниот месец, по повод тригодишнината на војната во Украина.

ЕУ мора да биде „креативна во ограничувањето на руската способност да ја води оваа војна“, кажа таа, додавајќи дека вршењето притисок врз рускиот претседател Владимир Путин „е начин да се заврши оваа војна, бидејќи токму Путин е тој кој ја почна“.

Како премиерка на Естонија, Клаас вети издвојување на повеќе од 1 отсто од БДП на својата земја за помош на Киев во јакнењето на воените напори на Украина.

„Доколку секоја НАТО држава го направи истото, Украина би победила“, кажа таа за Би-би-си минатата година.

На прашањето дали и понатаму верува во победа на Киев, Калас одговори дека таа цел за неа е „апсолутна“ и понатаму жива.

„Не гледам никаква друга опција. Ако дозволиме бруталната агресија да процвета, ќе сведочиме на тоа и во други делови на светот“, додаде таа.

Исто така истакна: „Сите агресори или оние кои можат тоа да станат внимателно следат како реагираме на руската агресија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ